Анкара: Со набавка на С-400 ќе ги унапредиме и одбранбените способности на НАТО

Mars.Online (Bog.rata)
Со набавката на ракетните ПВО-системи С-400 „Триумф“, Република Турција сака да го унапреди својот систем на ПВО. Во Анкара соопштија дека нивната набавка има бенефит и за севкупните одбранбени способности на НАТО. Меѓутоа, американската администрација не сака ни да ги слушне таквите образложенија што доаѓаат од нејзиниот непослушен сојузник, обвинувајќи ја Турција дека ја крши основополагачката повелба на Северноатлантскиот воен сојуз.

Турската набавка на руските ПВО/ПРО системи со голем дострел С-400 „Триумф“ нема да ги намали одбранбените способности на НАТО, туку значително ќе ги зголеми, изјави за РИА „Новости“ членот на Советот за безбедност и надворешна политика во администрацијата на турскиот претседател Исмаил Сафи. Притоа тој додаде дека Турција сака да го унапреди својот систем на ПВО.

Неодамна, на самитот на НАТО во Лондон, претставник на САД го критикуваше претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, обвинувајќи го дека неговата земја со набавка на системот С-400 „Триумф“ го крши основниот статут на Организацијата на Северноатлантскиот воен сојуз.

Меѓутоа, Турција е одлучна во намерата да ја реализира започнатата работа до крај, поточно, значително да ги подобри одбранбените способности на својата армија со овој систем. Така пред една недела, во поширокиот реон на Анкара беа тестирани радарските капацитети на овој систем, а по тој повод во воздух се најдоа и ловци F-16 кои ги има оваа држава. По оваа јасна демонстрација на турската подготвеност да ја продолжи соработката со Русите, се огласи американскиот државен секретар Мајк Помпео, изразувајќи загриженост по повод тој настан, но исто така додаде дека Вашингтон ги продолжува понатамошните разговори со Анкара за ова прашање.

Рускиот противвоздушен систем С-400 „Триумф“ е наменет за борба против сите современи и перспективни средства на воздушно-космичкото оружје. Неговиот максимален хоризонтален дострел е околу 400 км (ракета 40Н6Е), додека во височина дејствува и до 35 км.

Формациски, во рамките на еден дивизион најчесто има 2-3 батерии на овој систем, со вкупно 8-12 транспортно-лансирни единици.

Значи, еден дивизион во својот состав има 48 ракети подготвени за моментално дејство. Цел ракетен полк хипотетички може да нападне 96 непријателски воздушни цели во оперативен борбен радиус до 400 км.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња