Околу стотина нови оклопни автомобили „Атлет“, развиени од страна на ВПК („Воено-индустриска компанија“), можат да влезат во вооружувањето на руската армија. Ова за интернет-порталот на телевизиjата „Ѕвезда“ (специјализираната емисија „Военаја пријомка“) го изјави генералниот директор на претпријатието Александар Красовицки.
„Не можеме да зборуваме за прецизни бројки, бидејќи ова е во доменот на државна тајна. Но, вистина е дека се работи за околу стотина од овие возила“, одговори Красовицки на прашањето на водителот на оваа емисија колку од овие автомобили ќе добијат единиците на руската армија.
Кај новиот оклопен автомобил „Атлет“, кој ќе има погон 4х4, буквално се подобрени сите карактеристики во однос на сегашниот модел на возилото „Тигар“ кое се наоѓа во експлоатација на руската армија. Пред сѐ, треба да се потенцира дека новото возило е направено врз база на искуството на борбената употреба на оклопните автомобили од семејството „Тигар“ во сириската Арапска Република.
На пример, во однос на својот претходник „Атлет“ има посилна противминска заштита. Ова возило може под своите тркала да издржи експлозија на противтенковска мина или на импровизирана експлозивна направа еквивалентна на 6 кг ТНТ.
Неговата вкупна маса ќе изнесува девет тони. Во зависност од типот на модификација на возилото, новиот оклопен автомобил ќе може да пренесе 2-8 војници со полна воена опрема. Моторот ќе генерира сила од 240 коњски сили, а во перспектива се планира да се вгради уште помоќен погон. Максималната брзина на ова возило нема да биде помала од 120 км/час. Со полн резервоар „Атлет“, ќе може да помине растојание од 1000 км.
Во согласност со желбите на клиентот, на „Атлет“ ќе може да се интегрираат разни видови вооружување, вклучително и далечински управувани борбени куполи. Како и неговата претходна верзија, новото оклопно возило ќе биде универзална модуларна платформа за различно вооружување и борбени системи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче