Руски извор: сoвремен воен брод вооружен со ракети „Калибар“ влезе во Средоземното море

Youtube
Вчера овој брод помина низ црноморскиот теснец и стана дел од постојаната оперативна борбена група руски бродови која се наоѓа во Средоземното море. Покрај модерната конструкција, овој брод во своето вооружување има и крстосувачки ракети „Калибар“ со дострел од неколку илјади километри, сместени во универзални ракетни лансери кои можат да се вклопат во неговиот труп.

Патролниот брод од современа класа 22160 „Василиј Биков“, кој во своето вооружување има и крстосувачки ракети „Калибар“ со голем дострел, влезе во акваторијата на Средоземното море, каде како дел од руската ескадра ќе учествува во планираните воени вежби што ќе се одржат во јужниот Медитеран. Ова за новинарите на интернет-порталот ТАСС го пренесе добро информиран извор од руската армија.

„Во понеделникот „Василиј Биков“ помина низ црноморскиот теснец и стана дел од постојаната оперативна борбена група руски бродови која се наоѓа во Средоземното море. Една од задачите на современиот патролен брод за време на неговиот марш е неговото активно учество во планираната воена вежба во јужниот Медитеран“, нагласи изворот.

Патролниот брод од класата 22160 „Василиј Биков“ е изграден во Зеленодолскиот бродоградежен завод во Татарстан. Тоа е модуларна пловечка конструкција наменета за обезбедување на територијалните води во подалечната морска зона, на далечини до 200 наутички милји од брегот. Неговата повеќенаменска функција овозможува решавање на цел пакет задачи што можат да се појават на море, од борба со пирати па сѐ до спасувачки операции.

Бродот е долг 94 метри, а широк е 17 метри. Неговиот газ е 3,7 метри. Трупот на бродот е заштитен со оклоп отпорен на стрелечко оружје. Вкупниот депласман на бродот е 1500 тони. Патролен брод од оваа класа се напојува со два 4-тактни турбокомпресорски дизел-мотори со поединечна сила од 6000 КС (вкупно 12000 КС) + четири електрични агрегати кои користат дизел, со вкупна моќност од 300 киловати. Исто така, има и помошен мотор во случај на тотално откажување или дефект на главниот погонски блок со сила од 100 киловати. Овие мотори му обезбедуваат на бродот максимална брзина на пловење до 27 јазли.

Капацитетот на резервоарите за гориво му овозможува да помине растојание од 6000 наутички милји при економична брзина на движење од 16 јазли. Бродот на отворено море може да остане до 60 дена. Има 80 членови на екипажот (20 лица + 80 членови на дополнителниот персоналот).

Радарската станица, која е интегрирана на бродовите од оваа класа, е „Позитив-МК“ со ефективен домет до 300 км, која што исто така може да наведува и ракети на откриените цели, што значи дека овој брод ќе има помоќно оружје од основното.

Неговото основно вооружување го сочинува артилерискиот модул 1×76 мм АУ АК-176МА и осум противвоздухопловни ракети со краток дострел „Игла“. Исто така, има и неколку митралези. Меѓутоа, поради модуларноста на самата конструкција, на својата палуба може да носи хеликоптер со маса до 12 тони (Ка-27, Ка-29, Ка-52К) или 2-4 беспилотни летала, како и крстосувачки ракети „Калибар“ со дострел од неколку илјади километри, сместени во универзални ракетни лансери кои можат да се вклопат во неговиот труп.

Овој брод беше во водите на Средоземното море и во октомври. За време на неговиот марш тој го посети грчкото пристаниште Пилос, каде руските морнари учествуваа на манифестацијата посветена на одбележувањето на 192-годишнината од Наваринската поморска битка.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња