Западот реагира на слетувањето на Ту-160 во Јужноафриканската Република

Сергеј Кривчиков/Global Look Press
Летот на стратешките бомбардери Ту-160 „Василиј Решетников“ и „Иван Јаригин“ во Јужноафриканската Република остави силен впечаток како на локалното население, така и на воените експерти. Западните медиуми го опишаа летот на авионите на руското воено воздухопловство долг 11000 километри како очигледна демонстрација на можностите на Русија да изведува воени операции далеку од нејзините граници.

Списанието Military Watch истакнува дека слетувањето на руските ракетоносни авиони Ту-160 во воздухопловната база Ватерклуф во Тшване се совпадна со самитот „Русија-Африка“ што истиот ден започна во Сочи.

„Ту-160 спаѓа меѓу највпечатливите симболи на руската воена моќ. Се смета дека тоа е еден од најмоќните стратешки бомбардери. Овој авион е оспособен за интерконтинентални летови и може да носи високопрецизни крстосувачки ракети од типот Х-101 и Х-102. Втората ракета има боева глава со нуклеарно полнење и дострел 5500 километри“, пишува наведениот весник.

Порталот The Drive соопштува дека Русија последниве години изведува сѐ поголем број патролни летови при кои авионите поминуваат голем растојанија и дека притоа ги користи стратешките бомбардери Ту-160 и Ту-95МС „Мечка“. Тие летови се изведуваат во стратешки важни региони на Арктикот и Тихиот океан. Кога два „Бели лебеди“ долетаа во Венецуела во декември 2018 година, Русија со тоа демонстрираше можност за итно распоредување на своите нуклеарни ресурси на боишта далеку од нејзините граници.

„Распоредувањето на два авиони Ту-160 во Јужна Африка е секако многу речита порака што Кремљ ја праќа и која значи дека Москва  и понатаму е заинтересирана за соработка со оваа земја и за ширење на своите врски ширум африканскиот континент“, сметаат авторите на статијата.

Командантот на Стратешката авијација на Военото воздухопловство  на РФ Сергеј Кобилаш изјави дека летот на руските стратешки ракетоносци Ту-160 во Јужноафриканската Република е изведен со цел обука на пилотите.

„Целта на оваа акција е размена на искуствата на пилотите на двете земји, како и организација на соработката меѓу министерствата за одбрана на Русија и Јужноафриканската Република, како и обука и усовршување на борбената готовност на екипажите во летовите на големи растојанија и на јужните географски ширини“, рече Командантот на Стратешката авијација на руското Воено воздухопловство.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња