Медиуми во САД: Русија сака да ги рашири системите С-400 ширум светот за да добие стратешка предност

Дмитриј Виноградов/Sputnik
Радарско-набљудувачката компонента на системот С-400 е значително подобрена во однос на претходните верзии на ПВО-системот С-300. Тоа е исклучително флексибилен систем кој може самостојно да формира повеќеслојна зона на противвоздухопловна одбрана и е многу тешко да се уништи и совлада.

Новите ракети, радарско-набљудувачката техника, како и широките можности за примена го прават рускиот ракетен систем С-400 „Триумф“ исклучително опасно, поточно, смртоносно оружје кое генерира некаков вид оправдан страв, смета авторот на текстот на американскиот сајт „Национален Интерес“.

Русија има намера да ги продаде, но и да ги искористи можностите на овој систем, со цел да изгради силни лостови кои ќе ги загрозат нејзините соперници, тврди американскиот аналитичар. Зголемениот интерес за набавка на овој систем ширум светот ги натера САД да им се заканат на оние земји што се обидуваат да го купат со пакет економски санкции, пренесува интернет-порталот РИА „Новости“.

Тактичко-техничките можности „ги надминуваат двојно повеќе“ претходните руски ПВО-систем, убеден е авторот на овој текст. Конкретно, станува збор за нови и значително усовршени радари со зголемена сензитивност, способни да ја „уловат“ практично секоја воздушна цел, без оглед на видот (било да се работи за балистичка ракета или авион-ловец).

Друга многу важна предност на системот С-400 е неговата флексибилност при неговата примена. Имено, во состав на комплексот има четири вида ракети кои се разликуваат по нивната намена и големината. На овој начин ракетниот систем С-400 може самостојно да формира повеќеслојна зона на противвоздухопловна одбрана. Покрај тоа, С-400 може да употреби ракети што ги применуваа ракетните системи од претходната генерација С-300.

Уште еден исклучително важен индикатор е значителното зголемување на ефективниот дострел, кој со ракетата 40Н6Е достигнува 400 км.

Американскиот автор го опишува ракетниот систем С-400 како длабока модернизација на системот С-300, кој од него ги „содрал“ најдобрите страни. Ова, исто така, создаде простор за негова уште поголема убиственост, смета американскиот аналитичар.

Рускиот противвоздушен систем С-400 „Триумф“ е наменет за борба против сите современи и перспективни средства на воздушно-космичкото оружје. Неговиот максимален хоризонтален дострел е околу 400 км (ракета 40Н6Е), додека во височина дејствува и до 35 км. Формациски, во рамките на еден дивизион најчесто има 2-3 батерии на овој систем, со вкупно 8-12 транспортно-лансирни единици. Значи, еден дивизион во својот состав има 48 ракети подготвени за моментално дејство. Цел ракетен полк хипотетички може да нападне 96 непријателски воздушни цели во оперативен борбен радиус до 400 км.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња