Ќе нѐ соборуваат од 200 км: американска анализа на новиот F-15EX против руската и кинеската ПВО

Wikipedia
Без оглед на максималната употреба на тнр. стелт-технологии и други технолошки иновации, најновата верзија на тешкиот ловец на ВВ на САД F-15EX ќе остане многу ранлива во однос на ракетните ПВО-системи што ги произведува Руската Федерација. Овие системи ќе го соборуваат на оддалеченост поголема од 200 км, заклучија американските експерти.

До ваков заклучок дојдоа експертите што пишуваат за американскиот интернет-портал „Национален Интерес“, анализирајќи ги неговите шанси во борбата против ловецот F-35, кога се во прашање средства од воениот буџет.

Постојат две основни задачи пред авионот-ловец F-15 Eagle. За време на мир овие авиони генерално патролираат во близина на границите на САД, каде што имаат задача да го пресретнат и пренасочат секој потенцијален агресор кој би можел да го загрози воздушниот простор на земјата. Во случај на војна, F-15 има задача да воспостави воздушна доминација, поточно, да се судри со непријателските ловци. Истите задачи се однесуваат и на руските ловци од семејството „Сухој“ (Су-27/30/35).

Веќе се објавени неколку текстови за тоа што би се случило доколку би се сретналет во воздухот F-15 Eagle и Су-35. Без оглед на поквалитетниот радар, американскиот ловец нема да може да оствари предност при борба на средни и големи дистанци, од проста причина, затоа што рускиот авион има моќни средства за противелектронска борба кои можат многу лесно да свртат ракета од нејзината траекторија. Во блиска борба шансите за победа на „Американецот“ се значително помали. Модернизираните ловци Су-30 и Су-35 имаат мотори со променлив вектор на потисок кои им даваат способност за суперманеварбилност, нешто што F-15 го нема, додека оптоелектронската опрема е имуна на „невидливоста“ на авионите,

пренесува интернет-порталот РГ.

Во бескомпромисната борба за пари што ги има Пентагон, воздухопловната компанија McDonnell Douglas направи модернизирана верзија на ловецот F-15EX која, според зборовите на производителот, ќе биде конкурентна со повеќенаменскиот ловец од петтата генерација F-35. Тој ќе биде далеку повеќе поливалентен од F-35, кој нема големи шанси доколку на небото се фати во костец со полнокрвен ловец, како што се Су-30СМ, Су-35С или пак F-22. Значи, најновата верзија на ловецот F-15EX, покрај унапредените можности кога станува збор за удари по копнени цели, ќе го задржи високото ниво на борбена способност за извршување класични ловечки задачи.

Меѓутоа, тврдењата дека новиот авион ќе има мала радарска рефлексија не значи дека нема да се гледа на радарите што се наоѓаат во состав на ПВО-батериите. Во најдобар случај, премазите кои ги апсорбираат електромагнетните бранови и други трикови можат да доведат до скратување на дистанцата за евентуална примена на противвоздухопловна ракета. И ова се однесува само на стандардната форма на радарот. Доколку, на пример, непријателот користи радарско-набљудувачки станици со нестандарден дијапазон или бистатички типови на радари, тогаш овие технологии имаат значително помала ефикасност, а авионите и покрај максималното третирање со тнр. стелт-технологија стануваат видливи.

Русија, НР Кина и другите купувачи на нивното вооружуање во светот имаат исклучително моќни противвоздушни системи способни да ги соборуваат модернизираните ловци F-15EX на оддалеченост од повеќе од 200 км! За да преживеат, авионите-ловци ќе бидат принудени да ја играат тактиката на „мачка и глушец“: користејќи други авиони како електронски штит, тие ќе мораат да ги уништат копнените радари со лансирање противрадарски ракети со долг дострел, без да влезат во ефективниот дострел на непријателската ПВО. А сето ова е една многу тешка, опасна и сложена работа, без гаранција за конечен успех. За евентуална масовна употреба на ловечката ударна компонента на почетокот на војната, како што тоа се случи за време на операцијата „Пустинска бура“, не може да стане ни збор, наведува американскиот сајт.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња