Стигни и собори: Русите направија унифициран команден пункт за системите С-300 и С-400

Слободан Ѓукиќ
Популарните „тристотки“ спаѓаат во најдобрите противвоздушни ракетни системи на светот. И покрај тоа, тие постојано се модернизираат последниве години и децении. Меѓутоа, тоа може да создаде многу сериозен проблем. Модернизираните системи, како и постарите системи кои сè уште се во оперативно вооружување, имаат одредени слабости кога станува збор за нивната компатибилност, што е многу важно во интегрираните системи за ПВО. Руската воена индустрија го забележа тоа и веднаш се фрли на работа.

Овие проблеми за време на делумните воени вежби можеби не се толку важни. Меѓутоа, во услови на воен конфликт, може да дојде до усложнување на командувањето со ракетните дивизиони кои се состојат од различни верзии на системот С-300, што севкупно може да предизвика негативни последици. Руската воена индустрија во последно време се позанимава со овој потенцијално сериозен проблем. И, се чини дека успешно го реши овој проблем. Како?

Како што соопшти руското Министерство за одбрана, ПВО-единиците кои се наоѓаат во состав на Западниот воен округ, го усвоија новиот мобилен комплекс за управување со модернизираниот систем за противвоздушна одбрана С-300ПП2 „Фаворит“, пренесува интернет-порталот РГ.

Особено се истакнува дека „новиот команден пункт, заедно со радарско-набљудувачката станица се одликува со унапредени технички способности за управување, не само со системите од серијата „300“, туку и од следната генерација С-400„ Триумф“ кои имаат проектили со посовремени боеви глави“. Според информациите на воените извори, новиот комплекс се очекува да стапи на борбено дежурство за заштита на воздушниот простор до крајот на октомври 2019 година.

Не е тајна дека „Фаворит“ претставува понатамошен развој на противвоздушниот ракетен систем со голем дострел С-300П. Кај него се зголемени борбените можности благодарение на усвојувањето на новите типови ракети. Тие имаат способност за пресретнување балистички објекти на далечини до 40 км, како и за борба против аеродинамички цели на далечини до 200 км. Кај овој систем се проширени информатичките можности на командниот пункт за откривање и следење на балистички ракети, додека сите останати се задржани (откривање и следење на аеродинамички објекти).

Од друга страна, С-400 „Триумф“ може пластично да се опише како унапредување на системот С-300ПМ2 „Фаворит“. Тој веќе наголемо се наоѓа во вооружувањето на руската армија и тоа во многу респектабилен број со оглед на неговите врвни тактичко-технички  карактеристики. За разлика од постојните системи С-300, кај него се значително подобрени електронскиот пакет и алгоритмите преку кои функционира, така што доби ново име С-400. Денес, може да се каже дека С-400 е планетарна ѕвезда на меѓународниот пазар на модерно оружје, и ПВО/ПРО-систем без сериозна конкуренција.

Појавата на унифициран комплекс за управување за сите верзии на системот С-300 кои се наоѓаат во оперативна употреба, вклучувајќи ги и системите С-400, би требало да го намали и онака веќе скапото производство на овој тип софистицирано оружје и да го поедностави неговото техничко одржување во самите единици.

Исто така, стана речиси извесно дека на полуостровот Крим ќе биде постаен новиот радар „Ниобиј-СВ“. Планирано е овие современи радари значително да ги зајакнат радарско-набљудувачките капацитети на Јужниот воен округ.

Системот на радарот „Ниобиј-СВ“ претставува тродимензионална радарска станица за вршење на задачи за набљудување на воздушниот простор, со цел откривање и следење на разни воздушни објекти. „Ниобиј-СВ“ работи во метарски дијапазон. Се претпоставува дека неговиот ефективен опсег за откривање на цел ќе достигнува 500 км. Неговата основна намена е откривање, пресметување координати и следење воздушни цели од различна класа (авиони, крстосувачки и наведувани ракети), вклучувајќи и цели со намалена радарска рефлексија, балистички објекти што се движат со хиперсонична брзина и сл.

Ќе се карактеризира со висока мобилност (премин од работна во маршевска позиција и обратно), како и способност за следење на цели кои се карактеризираат со намалена радарска рефлексија. Исто така, овој радар ќе има способност да следи респектабилен број на воздушни цели истовремено. Исто така, ќе се одликува и со можност за континуирано боево дежурство.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња