Рускиот еквивалент на „Википедија“ предвиден за 15 милиони посети дневно

Reuters
Рускиот еквивалент на „Википедија“ ќе може дневно да опслужува 15 милиони корисници, што е пет пати повеќе од тековните показатели на „Википедија“ во Русија.

За создавање на овој портал во буџетот е предвидено 1899 милијарди рубли, т.е. преку 27 милиони евра, соопштува порталот РБК.

Во концепцијата на платформата се наведува дека целта на проектот е заштита на современите знаења од „разводнување“, како и заштита на корисниците на интернетот од дезинформации.

„Во услови кога рапидно расте темпото на фалсификување на сите видови научни, историски, статистички, демографски и други податоци, како и генерирање лажни вести од страна на одделни медиуми и приватни корисници на интернетот, сметаме дека особено актуелна е задачата за создавање база на безбедни податоци (т.е. верификувани во научните кругови) која може да се обновува и дополнува“, соопшти за РБК Ана Синицина, раководител на управата за маркетинг комуникации на издавачката куќа „Голема советска енциклопедија“ (Большая советская энциклопедия) која го објави конкурсот за создавање на наведениот ресурс.

Синицина нагласи дека сите статии на рускиот портал „ќе бидат слободни од идеолошка или политичка обоеност и ќе имаат исклучиво научен и просветен карактер“.

Како основа за содржината на новиот портал ќе послужат повеќе од 80000 актуелизирани и дополнети статии на електронската верзија на Големата советска енциклопедија во 35 тома, создадена во 2004-2017 година, како и информативниот материјал на Енциклопедискиот речник. Ова знаење може да го прошируваат и ажурираат автори и експерти, како и научните редакции на порталот. Порталот исто така ќе биде агрегатор на податоци од надворешни извори.

За учество во проектот може да бидат заинтересирани земјите на БРИКС, како и Куба и Иран, со оглед на тоа дека на тие земји „во голема мера не им одговара верзијата на универзалната енциклопедија на англиски јазик („Британика“) поради многу изразениот англоцентризам во неа (пред сѐ во историјата и културата)“, се истакнува во концепцијата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња