Колку време му е потребно на рускиот врв да нареди возвратен нуклеарен удар?

mil.ru
Анатолиј Нестечук, началник на штабот на 15 армија на Воздушно-космичките сили, даде индикативни податоци колку најмногу време има највисокото руско раководство да донесе одлука за возвратен нуклеарен удар.

Највисокото раководство на Руската Федерација ќе има на располагање неколку десетици минути да донесе одлука за возвратен нуклеарен удар. Ова во саботата на радио-каналот „Ехото на Москва“ го изјави началникот на штабот на 15 армија на Воздушно-космичките сили (за посебна намена) Анатолиј Нестечук, пренесува интернет-порталот РИА „Новости“.

„Времето на нападот може да биде различно. Тој може да дојде од различни правци. Важно е од каде лета проектилот, како лета.... Во овој момент јас нема да изнесувам конкретни бројки, но тие бараат многу сериозна, силна волја за да се донесе конечната одлука. Кога ќе се согледа во целина, време има повеќе од доволно. Тоа не е ограничено на една минута или десетина минути, туку на неколку десетици минути“, рече Нестечук, одговарајќи на новинарско прашање колку време му е потребно на раководството на РФ да донесе одлука за возвратен нуклеарен удар.

Тој прецизираше дека станува збор за ситуација при која средствата за рано предупредување од ракетен напад (скр. СПРН) фиксираат интерконтинентална балистичка ракета која се движи во правец на Русија.

Системот за рано предупредување од ракетен напад содржи комплекс специјални технички средства за откривање на моментот на лансирање балистички ракети, пресметување на нивните траектории на лет и пренесување на податоците до командниот информативен центар, врз основа на кој се донесува одлука за природата на ракетниот напад (реален или лажен) и врз основа на тоа се преземаат мерки за изведување возвратни дејствија.

Системот се наоѓа во постојано 24-часовно дежурство. Се состои од две ешалони кои се состојат од копнени радарско-набљудувачки станици и орбитална група составена од извидувачки сателити, која се наоѓа во вселената.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња