Дали САД и СССР се натпреваруваа во „космичка трка“ за рачни часовници и кој победи?

Alexander Makarov/Sputnik, AP
Изгледа дека најголемото признание за квалитетот на рачните часовници е нивниот лет во космосот. Постојат барам неколку креатори на часовници кои и денес со гордост истакнуваат дека токму нивната марка „прва полетала во вселената“.

Дали некогаш сте забележале дека во многу популарни холивудски филмови за вселената нивните херои – астронаутите – на раката имаат иста марка часовници Хамилтон (Hamilton)? Ваков часовник имаше Метју Меконехи во Интерстелар, кога го споредуваше времето додека се враќаше дома каде сите веќе беа остарени. Ваков часовник во „Марсовец“ имаше и Мет Дејмон кога остана сам и се бореше за опстанок на Црвената планета. Само што споменатиот американски бренд никогаш не бил „космички“ во реалниот живот, ами само на екран.

Hamilton

Да, за „космичкиот“ статус се бореа колку што можеа, зашто времето во космосот е од пресудно значење, а да се најдеш во космосот претставуваше чест за секоја марка (и најдобра реклама). Меѓутоа, додека денес не можеш да се упатиш во мисија со кој било часовник, порано не било така. Еднаш, за тоа за малку целиот екипаж ќе платеше со животот.

Гагарински часовник

Се чини дека нема дилема за тоа чиј часовник прв се нашол во космосот. Сите знаат дека првиот човек во вселената бил советскиот космонаут Јуриј Гагарин. Кога во 1961 година го изговори познатото „Одиме“, на неговата рака блескаше часовник од марката „Победа“ од серијата „Штурманские“ (навигаторски). Овие часовници потоа со гордост ги носеше цела генерација од перестројката, нарекувајќи ги „Гагарински часовник“.

Беа правени исклучиво за потребите на Военото воздухопловство и ваквите часовници не можеа да се купат во слободна продажба сè до средината на осумдесеттите години од минатиот век. Беа опремени со механизам за заштита од удар и со функција за запирање на секундарникот (за времето да се мери точно до секунда). Важеа за најсигурни часовници во целиот Советски Сојуз.

Секако, постоеја и гласови дека часовникот на Гагарин не го поднел оптоварувањето и дека застанал уште на почетокот, но тие никогаш официјално не беа потврдени (наводно станувало збор за репутацијата на целокупната космичка индустрија). Обратно, по познатата мисија целокупната продукција на фабриката го доби гордиот назив „ракета“, а часовниците со ознаката „Штурманските“ повеќе пати беа тестирани и ги доработуваа најголемите научници. Но, дали се смета неуспешниот обид?

Прв пат во отворен космос

Вториот рекорд е поврзан со советскиот часовник „Стрела“ со кој во 1965 година првиот човек, космонаутот Алексеј Леонов, излезе во отворен космос. „Стрела“ изгледаше како денешните часовници од опремата намената за идните учесници на вселенската програма „Спејс Икс“ на Илон Макс. Тој тогаш беше предвиден за раководниот кадар на Военото воздухопловство, а имаше вградена стоперка, 45-минутен бројач на минути, како и телеметриска и тахиметриска скала. На обичните граѓани, очигледно, ваквите часовници не им беа познати.

Алексеј Леонов

Потоа во космосот со руските космонаути летаа уште многу рачни часовници со романтични називи: „Океан“, „Восток“, „Слава“, и на крајот „Пољот“. Сите беа произведени во Советскиот Сојуз. НАСА не беше загрижена за нивното потекло.

Хјустон, имаме проблем

Во „трката за Месечината“ победи швајцарската марка Омега спидмастер. Овој часовник го носеше Баз Олдрин кога во 1969 година слета на Месечината, а денес е официјален часовник на астронаутите од Американската вселенска агенција. Во тој момент беше единствениот дел од опремата кој не беше специјално проектиран за космички лет. Може да се каже дека Омега победи во чесна трка.

Баз Олдрин

Во орбитата за првпат го носеше Воли Шира во 1962 година. Астронаутот кој часовникот го купи за свои пари. НАСА, инаку, во 1965 година анонимно купи рачни часовници од познати марки како што се Longines, Rolex, Bulova, Hamilton, Elgin, Benrus и Omega и изврши тестирања врз нив. Само Омега ги мина успешно сите тестови. Споменатиот избор требаше да се одбрани и во Сенатот на американскиот Конгрес. Здружението на американските производители на часовници притоа не беше многу воодушевено од форсирањето на швајцарската марка за сметка на домашната индустрија.

Американскиот астронаут Џек Свигерт носи часовник Омега. 11 април 1970 година.

Како и да е часовниците Омега му ги спасија животите на екипажот во најдраматичниот момент во историјата на космичките летови, кога на патот кон Месечината во 1970 година на бродот Аполо 13 (една од мисиите на НАСА) експлодираше боца со кислород што доведе до истекување на кислород и губење електрична енергија. Со оглед на тоа што системот за навигација не работеше, и дека лошата пресметка на времето за безбедно враќање во Земјината атмосфера можеше да значи губење на животите, излез од ситуацијата претставуваше само суперточна пресметка. Рачните часовници беа на висина на задачата, па затоа беа наградени со признанието „Снупи“ на НАСА.

Какви часовници се носат денес во вселената?

Она што е сигурно е дека денес во космосот не одат со електронски часовници. Тие не можат да го издржат нивото на радијација која минува низ микрошемата и така се онеспособуваат. Макар што во советско време се сметаше дека во иднина никој нема да носи механички часовници. Тогаш дури и беше започната своевидна рекламна кампања во која советските космонаути позираа со домашни часовници кои беа произведени во фабриката „Пуљсар„ со течни кристали и лед-диоди.

И кој победи на крајот? Повторно Швајцарија. Официјален часовник на Центарот за обука на космонаути и на Роскосмос од 1994 година е Фортис, додека Илон Маск за својата Спејс Икс го избра швајцарскиот TAG Heuer.

Сат Fortis на МКС

Прочитајте исто така: Зошто руските космонаути летаат вооружени во космосот?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња