Русите ја завршуваат модернизацијата на тешката самоодна „нуклеарна“ артилерија

Григориј Сисоев /Sputnik
Се работи за орудија способни да истрелуваат гранати со тактички нуклеарни боеви глави „Клешевин“, „Саженец“ и „Перфоратор“ во длабочината на непријателскиот фронт. Кај орудијата е целосно заменета опремата за внатрешна и надворешна врска, интегрирани се нови уреди за прием и обработка на податоци, радиотехничките уреди итн.

Компанијата „Уралтрансмаш“ (дел од концернот „Уралвагонзавод“ и „Ростех“) го објави завршувањето на работата за модернизација на далекуметното самоодно артилериско орудие со голем калибар 2С7М „Малка“ и тешкиот минофрлач 2С4 „Тулпан“. Ова го пренесе интернет-порталот РИА „Новости“ врз основа на соопштението на информационата служба на „Уралвагонзавод“.

 

Кај самоодниот топов „Малка“ калибар 203 мм се заменети преносот, механизмот за дистрибуција на моќноста и напонските агрегати. Покрај тоа, целосно е заменета и опремата на орудието. Инженерите на компанијата „Уралтрансмаш“интегрираа современа опрема за комуникација на екипажот, опрема за прием и обработка на податоци, радиостаница, задолжителен комплекс системи за нуклеарна заштита и комплекс за надзор.

Кај тешкиот минофрлач 2С4 „Тулпан“ е надграден системот за врска, што му овозможува на орудието да работи во единствен информативен систем на тактичко ниво. Покрај тоа, интегрирани се и нови системи за надзор, радиостаница и дополнителна опрема. Првите модернизирани тешки минофрлачи калибар 240 мм „Тулпан“ веќе се испорачани на единиците на Копнената војска.

2С7М „Малка“ (или во литературата „Пион-М“) претставува модернизирана верзија на орудието 2С7 „Пион“, направено уште во 80-те години на минатиот век, и сè уште се смета за едно од најмоќните артилериски орудија на светот. Самоодниот топ е дизајниран за удари по непријателски цели и негови утврдувања кои се наоѓаат во длабочината на фронтот.

За таа цел, артилериското орудие 2С7М „Малка“ фрагментарно-разорни гранати и активно-реактивен тип на муниција. Меѓутоа, главната предност на ова орудие е можноста за употреба на специјални типови на пробојно-деструктивна и хемиска муниција, како и гранати со тактички нуклеарни боеви глави.

Со активно-реактивниот тип муниција 3ВОФ35 со тежина од 102,2 кг, ефикасниот дострел на самоодниот топ 2С7М „Малка“ е до 50 км. Во тек е развој на нова генерација на муниција која ќе овозможи дејство на далечини над 70 км.

2С4 „Тулпан“ е советски минофрлач со голем калибар (240 мм) кој поради својата карактеристична уфрлувачка траекторија на мината е наменет за уништување на утврдени цели на непријателот кои не се достапни за другите типови артилериско оружје.

Борбениот комплет на овој минофрлач се состои од 20 разорни мини со индивидуална маса од 134 килограми, како и десет активно-реактивни мини со зголемен дострел. Вторите имаат маса од дури 230 килограми. Ефективниот дострел на минофрлачот со обични мини изнесува 9000 метри, додека со активно-реактивна мина дострелот достигнува речиси 20000 метри.

Покрај мини со разорни боеви глави, 2С4 „Тулпан“ може да истрелува и мини со касетни боеви глави, како и наведувани суперпрецизни мини „Смељчак“ кои се особено ефикасни против минијатурни-точкести цели. Благодарение на извонредната огнена моќ на ова орудие, Русите за 2С4 „Тулпан“ ја развија специјалната запалива мина „Сајда“, како и неутронска муниција „Смола“ и „Фата“. Овој минофрлач може да дејствува и со мини кои имаат тактичка нуклеарна боева глава од 2 килотони, која обично се прикачува на активно-реактивен проектил.

Руската армија во својот состав има околу 430 минофрлачи од овој тип.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња