УАЗ направи „паметен“ џип

Информативна служба на Улјановската фабрика за автомобили (УАЗ)
Улјановската фабрика за автомобили тестира автомобили со технологија за дигитална врска „Connected car“ која опфаќа вградени телематички функции и онлајн сервиси, а има и соодветна апликација за мобилни телефони.

Со помош на оваа технологија  возачот добива информации за состојбата на сите системи во џипот, како и за техничката исправност на возилото, неговата локација, нивото на горивото во резервоарот и тековниот стил на возење. Покрај тоа, може да го запали и изгаси моторот со далечински управувач.

Како што прецизира информативната служба на УАЗ, креатор на новата технологија е ИТ-компанијата C-Cars, партнер на компанијата „Солерс“. Преносот на податоците во „паметниот“ автомобил се врши со помош на телекомуникацискиот модул ЕРА-ГЛОНАСС кој е интегриран во CAN интерфејсот на теренското возило.

„Во соработка со C-Cars планираме да ги имплементираме овие решенија не само во возила на приватни лица, туку и во секторот B2B, на пример, во возила на сопственици на автопаркови. Благодарение на функциите што ги има оваа платформа, овозможено е интегрирање на „паметните“ камиони УАЗ „Профи“ во различни екосистеми на онлајн услуги, испраќање податоции за состојбата на возилото до дистрибутерите и управување со автопаркот преку сопствен интернет-портал. На тој начин ќе се намалат трошоците за експлоатација на превозните средства, ќе се минимизира времето на застој и ќе се зголеми ефикасноста на деловниот процес“, истакна Сергеј Травкин, заменик-генерален директор на компанијата УАЗ задолжен за маркетинг и продажба.

Патем, технологијата Connected car ќе биде применета во возилата на компанијата УАЗ кои штотуку се прават, но и во моделите кои веќе излегоа од фабричката лента и сè уште не се приклучени на оваа платформа.

Првиот модел што ја доби технологијата Connected car беше УАЗ „Патриот“. Овој автомобил во јули и август учествуваше во трка низ Русија. Тестирањето на платформата и нејзините функции беше извршено во завршната фаза од тестирањето на моделот „Патриот“ со автоматски менувач.

Фабриката УАЗ ќе започне со сериско производство на „паметни“ теренци во четвртиот квартал од оваа година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња