Со што се брани руската пешадија од тенкови?

Министерство за одбрана на Русија
Ова оружје уште во средината на 20 век го замени артилеријата во војувањето против тенковите, но руската армија до денешен ден го користи зашто е мошне ефикасно.

Советските инженери на почетокот од шеесеттите години од минатиот век го осмислија првото оружје кое ѝ овозможува на пешадијата ефикасно да се бори против оклопната техника.

Тоа беа првите преносни ракетни системи со наведување. Проектил од овој систем можеше буквално да пробие цел тенк.

Први ракети за пешадијата

Првиот сличен противтенковски систем со наведувачки ракети ја доби ознаката „Маљутка“ („малечок“). Тоа беа проектили со кумулативна боева глава тешка два килограми. Полнењето можеше да пробие тенковски оклоп со дебелина од 200 милиметри. Првите противтенковски ракети уништуваа цели на растојание од 500 до 3.000 метри,

9М14П1 „Маљутка“

На воениот врв не му требаше многу време за да сфати колку е скапоцено ова оружје, така што само две години подоцна „Маљутка“ беше во рацете на руските војници.

Од друга страна, овој систем имаше и сериозни недостатоци кои требаше да бидат отстранети во следните модели (оружјето толку им се допадна на воените стручњаци, што тие веднаш ја согледаа потребата за понатамошен развој на концепцијата на пешадиските противтенковски ракети).

На пример, првите ракети за „Маљутка“ се наведувани со помош на далечински управувач преку жица која беше поврзана со ракетата и се одмотуваше по неа во текот на летот. Покрај тоа, за разлика од современите самонаведувачки ракети, „Маљутка“ е наведувана рачно, а ракетите летаа доста бавно, така што тенкот имаше време да се повлече во засолниште.

Покрај сето тоа, подготвувањето за испукување на првите ракети траеше доста долго. Војникот кој ракуваше со оружјето мораше рачно да ја спои боевата глава со ракетниот мотор и да ги рашири страничните стабилизатори, па дури потоа да ја постави ракетата на троножниот статив од кој беше лансирана. И самиот статив мораше да се постави во борбена положба. Сето тоа одземаше многу време кое на првата линија на фронтот е мошне скапоцено.

И покрај сите недостатоци „Маљутка“ беше високо оценета во СССР и во уште 45 земји ширум светот. Дури и е применета во арапско-израелскиот конфликт каде за време на Јокипурската војна од 1973 година онеспособи десетина израелски тенкови,

Како се решаваа проблемите на овој систем?

Кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век се појави новиот противтенковски систем „Фагот“. Тоа беше прв преносен лансер со систем со полуавтоматско наведување.

Противтенковски ракетен систем 9К111 „Фагот“

Во овој систем се отстранети сите недостатоци на „Маљутка“. Војниците повеќе не губеа време на монтирање на ракетата и на нејзиното наведување кон целта. Не мораа да внимаваат тенкот да не се помести настрана – доволно беше да се наведе противтенковското оружје кон целта и да се притисне копчето за лансирање на ракетата, а системот за наведување понатаму самиот го следеше летот на ракетата и го коригираше во зависност од движењето на целта.

„Фагот“ се користеше заедно со моќен проектил со калибар од 135 милиметри. Ракетата и понатаму имаше кумулативна боева глава која можеше да пробие 800 милиметри оклоп, а не само 200 милиметри како во претходниот модел.

Современиот противтенковски систем со кој денес е вооружена руската пешадија се нарекува „Корнет“ и се користи од 1998 година. Наменет е за уништување тенкови и други оклопни цели, вклучувајќи ги и оние кои имаат оклоп што е заштитен со средства за динамичка заштита.

„Тоа е специјален вид експлозивен оклоп кој со својата детонација го неутрализира кумулативното дејство на непријателскиот проекти, за време на неговиот удар во телото на тенкот. Последица на тоа е што тенкот останува цел и посадата во него, така што може да продолжи со извршување на борбените задачи на бојното поле“, објаснува за Russia Beyond-Македонија Виктор Мураховски, главен уредник на списанието „Арсенал отечество“.

„Корнет“ се наведува на целта и ја следи со помош на ласерски сноп. Оваа околност овозможи да се направи модификација на овој систем кој погодува брзи воздушни цели (250 метри во секунда) оддалечени 10 километри по хоризонтала и 9 километри во висина.

„Најновите модификации на 'Корнер' се направени според принципот 'испукај и заборави'. Во системите за наведување на последните модели реализирани се технологии на автоматско препознавање и следење на целите. Постои, меѓутоа, еден недостаток кој сега научниците треба да го отстранат. Имено, непријателот мора да се наоѓа во видното поле на лансерот кој ја наведува ракетата кон целта од почетокот до крајот“, истакнува експертот.

На современите технологии не им пречат неповолните временски состојби. Новите ракети не можат да заталкаат по дожд и по магла како што беше случајот кај системите од претходната генерација.

Покрај сето тоа, системот има цела низа предности во однос на „конкуренцијата“, односно во однос на американскиот систем Javelin.

„Разликата е пред сè во цената. Рускиот 'Корнет' е десет пати поевтин од американскиот (чини 20.000, а американскиот 200.000 долари). Неговиот дострел е поголем (10 километри, додека дострелот на американскиот систем изнесува 2.5 километри). Од друга страна 'Американецот' е значително попрецизен и има поширок спектар на боеви глави кои можат да се применат. Според тоа, дискусијата за тоа кој систем е подобар може да потрае“, додава Мураховски.

Според него, сега во Русија се работи на нов систем кој ќе го замени „Корнет“. Конструкторите ќе ги претстават своите проекти во текот на следните години.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња