САД против СССР: Американските експерти избраа пет најдобри ловци од времето на Студената војна

Alex Beltyukov - RuSpotters Team
Интензивната конкуренција помеѓу СССР и САД во одбранбената сфера доведе до трка во вооружувањето во која еден од клучните елементи беше развојот на ловечката авијација. Американските воени аналитичари избраа пет најдобри авиони од времето на Студената војна. Интересно е да се истакне дека од вкупно петте споменати авиони само два се од американско производство.

Во првиот мав СССР имаше предност благодарение на своите ловци МиГ-15 и МиГ-17 кои ја покажаа својата воздушна надмоќ во однос на американскиот ловец Ф-86 Сабре во Корејската војна. По завршувањето на војната САД во голема мера ги зголемија своите финансиски издатоци кога станува збор за военото воздухопловство, а крајниот резултат беше усвојувањето на еден од најдобрите ловци од третата генерација на светот кој ја носеше ознаката Ф-4 Фантом. СССР особено по смртта на Сталин премногу не се занимаваше со понатамошниот развој на своето воздухопловство, концентрирајќи ги своите сили на својата воена индустрија во развојот и во производството на ракети и на нуклеарно оружје. Во тоа време е забележан извесен технолошки дефицит на советското воено воздухопловство во однос на Американците. Во следниот период доаѓа до развој на летала од четвртата генерација, додека на крајот од Студената војна ќе започне проект на развој на ловец од петтата генерација.

Интернет порталот „Милитари воч магазин“ во врска со ова состави список на најдобрите ловци од времето на Студената војна. Во него влегоа два американски и три советски авиони.

Ф-14Д Супер Томкет (F-14D Super Tomcat)

Оваа модификација на базичниот ловец Ф-14 го претставува последниот ловечки авион од Студената војна кој во вооружувањето влезе само неколку месеци пред распадот на СССР. Несигурните и генерално слаби мотори „Прат анд Витни ТФ-30“ беа заменети со ГЕ Ф-110-400. Ова не доведе само до значително зголемување на потисокот што го создаваше леталото, ами и до зголемување на неговата сигурност за време на експлоатацијата која беше основен проблем кај старите мотори. Авионот доби „стаклена кабина“, нова авионика, обновен беше системот за радио-електронска борба, а вграден е и мошне силен радар. Исто така, авионот е опремен и со инфрацрвен систем за пребарување и следење, што му овозможи да дејствува со исклучен радар, пренесува Интернет-порталот РГ.

Ф-14Д беше ловец од тешка категорија. Во неговиот арсенал влегуваа ракетите од класата „воздух-воздух“ со голем дострел кои ја носеа ознаката АИМ-54 Геникс. Овие ракети можеа да развијат исклучително голема суперсонична брзина на летот (4.680 километри на час), исто како и рускиот аналог П-33, при што функционираа во режим на работа „испукај и заборави“.

Без оглед на ограничениот плафон на летот кој изнесува 16.000 метри, како и на високите барања кога станува збор за техничкото одржување на леталото, Ф-14Д беше еден од најдобрите ловечки авиони од времето на Студената војна. Тој во себе ги обединуваше функциите на ловец и пресретнувач со високи маневарски карактеристики, одлична ситуациска свесност, голема брзина и долет, и секако со силно вооружување.

МиГ-31

Ова е првиот советски млазен авион од четвртата генерација. Тој пред сè бил проектиран како специјален суперсоничен пресретнувач кој се движи на големи височини и кој може да оствари респектабилен борбен радиус. Еден од неговите најголеми адути е интеграцијата, за тоа време, на исклучително силниот радар кој ја носеше ознаката „Заслон“. Во тој момент овој авион беше подобар од сите западни аналози кога станува збор за далечината на детекцијата и на фаќањето на целта. МиГ-31 можеше да се искачи на височина од 21.500 метри што му овозможуваше на неговото вооружување да оствари значително поголеми вредности на кинетичка енергија, што во целина ја зголемуваше борбената моќ.

Овој авион немаше рамноправен противник кога станува збор за висината на летот и за далечината на уништување на воздушните цели која достигнуваше 120 километри кога во употреба беа основните ракети Р-33, па сѐ до 300 километри колку што можеше да дофрли нејзината модификација Р-33Е. Исто така овој авион можеше да носи и ракети со среден дострел Р-40 кои се одликуваа со уште посилна боева глава и со исклучително високи летно-технички карактеристики. Имено, тие на максимален дострел од 36 километри можеа да достигнат практично хиперсонична граница на брзината која изнесуваше 5 маха.

Су-27

Експлоатацијата на овој авион започна во 1985 година. Тој беше направен како одговор на појавувањето на американскиот ловец Ф-15С кој во тој момент имаше сериозна предност во однос на советските ловци МиГ-21 и МиГ-23 кои спаѓаа во леталата од третата генерација.

„Фланкер“ како што го нарекоа во НАТО, е првиот советски ловечки авион од четвртата генерација. Неговата основна намена беше остварување превласт во воздухот. Големата носивост, употребата на ракетите од класата „воздух-воздух“ Р-27 и силниот импулсно-доплерски радар Н001 (во подоцнежните модификации овој авион доби уште посовршени ракети и радар), создадоа од овој авион мошне опасен противник за непријателската авијација.

Кога станува збор за маневрабилноста Су-27 едноставно нема конкурент. Ова му даваше сериозна предност во блиската воздушна борба (догфајт), а беше опасен и во борбата на поголеми далечини каде непријателот визуелно не го гледа, благодарение на силниот радар и на ракетите со среден дострел.

Големиот дострел, високите вредности на максималната брзина и респектабилниот плафон на лет овој ловец го направија идеално средство за продор низ непријателската ПВО и за остварување превласт во неговиот воздушен простор. Ова овозможи Су-27 да стане идеално дополнување за тактичките фронтовски бомбардер Су-24.

Понатамошната еволуција на овој авион преку неговите бројни модификации ги принуди САД да ја забрза својата програма за развој на ловец од петтата генерација, за ефикасно да можат да се спротивстават на сѐ посовршениот „фланкер“. На истиот фон за постоечките ловци Ф-15С беа развиени ракети од класата „воздух-воздух“ АИМ-120 АМРААМ.

Усовршената верзија на двоседот Су-27 (ознака Су-30) се појави непосредно по завршувањето на Студената војна. Овој авион доби мотори со управливи вектори на потисок, што во комбинација со аеродинамичкото извонредно решение на трупот на авионот доведе до создавање кованица која се нарекува суперманеврабилност, дополнително ја зголеми носивоста на борбен товар и го зголеми неговиот долет.

Ф-15Ц Игл

Ф-15Ц Игл (F-15C Eagle) влезе во сериско производство уште во 1978 година, само две години по почетокот на експлоатацијата на базичниот ловец Ф-15А. Новата модификација значително ги унапреди можностите на својот претходник. Леталото е конструирано врз основа на военото искуство од Виетнам. „Игл“ е направен за да го замени во тоа време најдобриот американски ловец од третата генерација Ф-4Е Фантом. Во однос на својот претходник Ф-15Ц Игл имаше значително подобри маневарски карактеристики, посилен радар, поголем долет и поголема носивост на борбен товар. Со вакви техничко-тактички карактеристики новиот американски ловец беше посупериорен од советските ловци од втората и од третата генерација. Тој претставуваше своевиден одговор на појавата на ловецот-пресретнувач МиГ-25.

За разлика од ловецот Ф-14 Томкет, овој авион во своето вооружување имаше ракети со голем дострел. Неговото основно вооружување беше ракетата од среден дострел ИМ-7 Спероу, која застари во годините пред самото завршување на Студената војна.

Овој авион во текот на претходните децении постојано се подобруваше. Тој претставува еден од најдобрите западни авиони од четвртата генерација. Се претпоставува дека овие авиони во блиска иднина ќе добијат нова далекустрелна ракета од класата „воздух-воздух“ која ќе носи ознака АИМ-260.

МиГ-25

МиГ-25 е направен како ловец-пресретнувач од третата генерација, но благодарение на своите исклучителни летно-технички перформанси можеше да се спореди и со следната генерација авиони. Тој е еден од најбрзите борбени авиони кои некогаш биле направени. Исто така, тој има можност да се бори на исклучително големи височини. Инаку, овој авион има постигнато и светски рекорд во височина кога станува збор за ловечките авиони, а кој изнесува 37.650 метри.

Постојат податоци дека овие авиони за време на Студената војна успеале да уништат неколку западни ловци од третата и од четвртата генерација. Ова го имаат направено ирачките и сириските екипажи кои во своето вооружување ги имаа авионите МиГ-25 со употреба на ракетата Р-40. Советските пилоти кои управуваа со овие авиони повеќе пати без никакви последици извршија прелет над Синајскиот полуостров, кој во тоа време го контролираше Израел. Општо е познато дека израелската армија во своето вооружување, тогаш, како и сега, ги имаше најдобрите западни ловци и системи за ПВО. Во целина гледано МиГ-25 беше исклучително опасен авион за противничките летала, вклучувајќи ги и современите модификации на ловците Ф-14 Ф-15.

Многу автори сметаат дека 15-ката, доколку во некаков случај биде осовременета со посилен радар, со нова авионика и вооружување, и денес претставува респектабилна борбена машина.

Прочитајте исто така: Сè што треба да знаете за рускиот ловец од петтата генерација Су-57

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња