На интернет се појави видео на кое се прикажани маневарските и борбените карактеристики на турскиот тенк. Tulpar е конструиран на шасијата на истоименото борбено возило на пешадијата кое служи како платформа за конструирање различни варијанти на борбена техника.
Во Русија на Меѓународниот военотехнички форум „Армија-2018“ првпат беше претставен лесниот пловечки тенк „Спрут-СДМ1“- новата фаза во развојот на самоодниот противтенковски топ 2С25М.
Ако се споредат двата наведени тенка, веднаш се забележуваат предностите на руската машина кога станува збор за вооружувањето. Моќниот топ 2А75-1 со мазна цевка со калибар 125 мм може да истрелува различни проектили кои ги користат главните борбени тенкови Т-80 и Т-90. Покрај тоа, овозможена е и примена на наведувани ракети 9M119M1 кои пробиваат оклоп со дебелина од 850 мм со динамична заштита, како и негова модификација со фугасни полнења.
Турскиот тенк е поскромен во овој поглед. Има топ со калибар од 105 мм. Се разбира, и тој може да користи наведувани ракети, но проектилите Falarick, кои Турците ги купуваат од Украина, пробиваат само оклоп со дебелина од 550 мм.
„Спрут“ има и помоќно митралеско вооружување. Покрај двоцевниот митралез со калибар 7,62 мм, на куполата е монтиран уште еден митралез со ист калибар, но на далечинско управување. Tulpar покрај основниот топ има само еден митралез со калибар 7,62 мм.
И двата тенка имаат современи системи за стрелба, со термовизиски камери, ласерски далечиномери и дигитална пресметка на балистичката траекторија. Командирите на екипажот имаат панорамски нишан. Покрај ова, „Спрут“ има и автоматска функција за следење на целта што значително ја олеснува работата на нишанџијата.
Во однос на заштитата, би требало двете машини да бидат приближно еднакви, со тоа што рускиот тенк тежи 21 тон, а турскиот е потежок 10 тони.
Тие се еднакви и во однос на подвижноста. На асфалтен пат развиваат брзина од 70 км/ч. Рускиот тенк е во значителна предност по тоа што може добро да плови, и таа негова карактеристика го привлекува вниманието на многу странски армии.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче