АКТУЕЛНО: Нуклеарните ракетоносци од класата „Бореј-А“ ќе можат да носат ракети „Калибар“

Слободан Ѓукиќ
Стратешките нуклеарни подморници од класата „Бореј-А“ ќе можат покрај интерконтиненталните балистички ракети „Булава“ да носат и крстосувачки ракети „Калибар“. Подморниците од оваа класа досега ги немаа овие можности.

Ова на рускиот интернет-портал РИА „Новости“ му го пренесе претседателот на Здружението за поддршка на флотата, капетан прва класа Михаил Ненашев на заседанието на одборот организиран во чест на одбележувањето на 28-годишнината од настанокот на оваа организацијата. Тој смета дека овие подморници се уникатни во светот кога станува збор за вооружувањето што можат да го носат. Според него, подморниците од класата „Бореј-А“ покрај балистичките ракети, ќе имаат можност да носат и крстосувачки проектили, вклучувајќи го и останатото оружје. „Ова ни овозможува да испратиме јасен сигнал до нашите „партнери“ во светот дека, прекршувајќи ги договорите за светската стабилност, тие ќе бидат одговорни за тие прекршувања“, рече Ненашев.

За решеноста на Министерството за одбрана на Руската Федерација околу вооружувањето на новите подморници со најсовремените видови оружје неодамна зборуваше и заменик-министерот за одбрана Алексеј Криворучко. За ова пишуваше и интернет-порталот РГ. Криворучко нагласи дека во рамките на Меѓународниот воено-технички саем „Армија-2019“ е потпишан договор за набавка на уште две подморници од класата „Јасен-М“, и дека е донесена одлука и за потпишување договор за набавка на два ракетоносци од класата „Бореј-А“.

Претседателот на Здружението за поддршка на флотата, капетан прва класа Михаил Ненашев истакна дека нуклеарните офанзивни подморници вооружени со крстосувачки ракети 885М „Јасен-М“ се одговор на американските закани кои се однесуваат на понатамошниот развој на крстосувачките ракети „Томахавк“, пренесува интернет-порталот РГ.

Стратешката нуклеарна подморница од класата „Бореј-А“ спаѓа во пловилата од четврта генерација кои се вооружени со тристепените интерконтинентални балистички ракети „Булава“. Секоја подморница од оваа класа може да носи 16-20 од овие ракети кои се способни да остварат дострел од 8500 км. Секоја од овие ракети носи 10 независно насочени боеви глави со сила и до 150 КТ.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња