Русија планира да започне со изградба на својот прв носач на хеликоптери на Крим

Reuters
Извори од бродоградежната индустрија ја пренесоа информацијата дека во фабриката „Залив“ на Крим се планира почеток на изградбата на универзален десантен брод.

Два универзални десантни брода (рус. УДК) со депласман до 15000 тони ќе почнат да се градат следната година, пренесуваат изворите. Се очекува руската флота да го добие главниот брод од оваа класа пред да заврши тековната етапа на државната програма за вооружување на руската армија, која трае до 2027 година.             

Друг извор соопшти дека универзалниот десантен брод ќе почне да се  гради во мај следната година. Претпоставката е дека УДК од оваа класа ќе можат да носат повеќе од 10 хеликоптери на својата палуба. Покрај тоа, овие универзални десантни бродови ќе можат да поседуваат и дополнителни десантни пловила, наведува интернет-порталот „Взгљад“.

Според изворот, работата над техничкиот проект е во завршна фаза. По неговото завршување се планира потпишување на договор за почеток на неговата изградба. Официјални информации кои би ги поткрепиле овие наводи засега сè уште нема.

Во 2011 година беше склучен договор за набавка на два носачи на хеликоптери „Мистрал“ за сума од 1,2 милијарди евра. Договорот беше потпишан помеѓу француската компанија DCNS/STX и рускиот „Рособоронекспорт“.

Првиот брод од оваа класа, наречен „Владивосток“, требаше да биде испорачан во ноември 2014 година, но поради ескалацијата на кризата во Украина и воведувањето санкции од страна на земјите од ЕУ против Русија, тогашниот претседател на Франција Оланд реши да го поништи тој договор. „Мистралите“ завршија во Египет.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња