Оклопениот труп, силното вооружување и дозвучната брзина на летот им овозможуваат на офанзивните бомбардери да се најдат во центарот на борбените дејствија. Еден од најпознатите офанзивци на светот е американскиот бомбардер А-10 Тандерболт, познат како „брадавичеста свиња“. Иако во борбениот строј се наоѓа веќе 40 години, американската воена команда нема намера да се откаже од неговата понатамошна употреба. Негов руски конкурент е офанзивецот Су-25 „Грач“. За овие два ветерани на борбените дејствија, за нивните сличности и разликите прочитајте во следниот текст.
Во август годинава стана извесно дека американската војска ќе продолжи со употребата на своите тактички офанзивци А-10 Тандерболт. Неколку стотици вакви авиони ќе минат низ длабока модернизација. Тоа е втората фаза од обемната програма на американската воена индустрија која има за цел да ги модернизира постоечките авиони во рамките на воздухопловните сили на американската авијација. Во вооружувањето на ВВ на САД моментално се наоѓаат околу 300 вакви летала, пренесува Интернет-порталот Бог-рата.
Тактичкиот офанзивец попознат како „Брадавичеста свиња“ е конструиран кон крајот на шеесеттите години од минатиот век. Негова основна намена е воздушна поддршка на единиците на земја. Искуствата од војната во Виетнам покажаа дека ВВ на САД немаше доволно оклопен авион кој покрај тоа би имал и доволно силно вооружување за дејство по тактичките цели на земјата.
А-10 Тандерболт за првпат полета во 1972 година. Во оперативното вооружување влезе пет години подоцна. Неговата посебна карактеристика е интеграција на ротацискиот топ во носниот дел на трупот. Ова му овозможува на авионот со доволно голема густина на гранати да ја „опсипа“ непријателската цел. Станува збор за ротацискиот топ ГАУ-8 кој може да испука и до 70 противоклопни и шрапнелно-разорни гранати во секунда.
На почетокот овој авион предизвика многу скептицизам кај американските воени стручњаци. Покрај ограничувањата во неговата примена, мошне е критикуван и неговиот карактеристичен дизајн. Но, големата операција на американската војска во Ирак под називот „Пустинска бура“ ги разубеди овие скептици во ефикасноста од неговата примена. Десетина бомбардерски ескадрили со околу 130 офанзивци А-10 Тандерболт стана главна офанзивна сила на американското ВВ во оваа операција. За време на нејзиното изведување овие авиони извршија околу 9 илјади авионски полетувања.
Врз војската на Садам Хусеин беа лансирани неколку илјади ракети од класата воздух-земја, додека застрашувачките топови едноставно ги „столчија“ оклопно-механизираните единици на ирачката војска, Последица од дејствието на овие авиони беше катастрофалниот пораз на ирачката војска. На бројните боишта ширум пустината останаа околу три илјади изрешетани ирачки тенкови и различни оклопни возила. Во текот на целата операција беа изгубени само седум авиони А-10 Тандерболт.
Ваквата диспропорција во загубите е последица на силната оклопеност што ја поседуваше американскиот офанзивец. Пилотската кабина на офанзивецот е заштитена со блиндирано стакло. Самиот пилот се наоѓа во еден вид титаниумска школка. Резервоарот и инсталациите со гориво се зајакнати со оклопни прегради. Деловите на авионот во кои се наоѓа системот за управување се исто така заштитени со оклопни плочи. Покрај тоа, авионот е опремен со систем за двојно управување. Имено, доколку некако се случи да откаже хидрауличниот систем за управување, пилотот може да премине на рачно пилотирање со помош на елерон и елеватор кои се наоѓаат на деловите од крилото и опашката, се споменува во текстот на РИА Новости.
Главното вооружување на американскиот офанзивец е ротацискиот топ со седум цевки ГАУ-8 кој е направен според познатиот Гетлинг систем. Неговата тежина изнесува речиси два тони. Борбениот комплет е составен од 1.300 гранати со калибар од 30 милиметри, кои поседуваат алуминиумски чаури и високопробојни зрна со осиромашен ураниум. Покрај тоа, на поткрилните носачи можат да се закачат до седум тони борбен товар (бомби и ракети), како и контејнери со митралези.
Конструкторите исто така имаат развиено и варијанта со две пилотски седишта кои се погодни за употреба на авионот во сложени метеоролошки услови преку ден и ноќе (Night/Adverse Weather A-10), како и беспилотната варијанта на леталото A-10PCAS. Но, овие летала не влегоа во сериско производство, односно останаа на по само еден прототип. Длабоката модернизација на стандардниот авион ќе ја носи ознаката А-10С. Таа ќе се карактеризира со обемно унапредување на нападно-навигацискиот комплекс на леталото што ќе овозможи проширување на борбениот арсенал, односно воведување на најсовременото наведувачко ракетно вооружување.
Директен и, веројатно, единствен конкурент на американскиот А-10 Тандерболт е рускиот офанзивен офанзивец Су-25 „Грач“. Тој е конструиран практично во исто време како и неговиот американски колега. Во вооружувањето влезе уште на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век, а своето огнено крштевање го имаше во Авганистан. Војската набргу ги увиде сите способности на новиот авион. Благодарение на малата брзина на летот „Грач“ на сложен ридско-планински терен како што е Авганистан, можеше прецизно да ги лоцира и да ги уништи малите точкести цели, што тешко им одеше од рака на побрзите ловци и бомбардери.
Советските конструктори го создадоа првиот летачки тенк. „Грач“ за време на борбените дејствија стекна репутација на офанзивец со исклучително голем степен на борбена жилавост. Кабината на пилотот е иста како и кај американското летало А-10 Тандерболт, зајакната со оклоп од титаниум. Сите витални системи за управување се заштитени со дополнителни оклопни плочи, исто како и резервоарот со гориво, кој покрај тоа е наполнет и со полиуретанска пена за елиминација на неконтролиран пожар. Моторите се карактеризираа со извонредна жилавост зашто можеа да преживеат погодок со граната со калибар од 23 милиметри која е испукана од противавионски топ.
Овие авиони имаат изведено повеќе од 60 илјади борбени летови за време на војната во Авганистан. Вкупните загуби изнесуваа 23 авиони. На секој соборен авион како по правило се востановени повеќе од 80 погодоци. Неретко 25-ките се враќаа во базата со повеќе од 100 директни погодоци со оган од земја. Често само со еден мотор во функција, или со целосно изрешетани крила. Интересно е да се спомене дека за целото време на војната не е забележан ниту еден случај на експлозија на резервоарот на леталото. Значи, употребата на пената од полиуретан беше вистински потег на советските воздухопловни конструктори.
Советскиот „Грач“ е значително поманеврабилен офанзивец во однос на американскиот конкурент, Едноставниот и сигурен систем за пилотирање со леталото се покажа како мошне ефикасен во услови на ридско-планински терени во кои доминираат клисури и кањони. Често позициите и скривниците на муџахедините се наоѓаа на мошне непристапни терени до кои не беше едноставно да се пријде дури ни од воздух. Од друга страна американскиот А-10 Тандерболт беше подобар кога станува збор за ефективниот долет и должината на летот. Покрај тоа „брадавичестата свиња“ на своите крила можеше да понесе и поголема тонажа кога станува збор за борбен товар.
Во меѓувреме „Грач“ мина низ неколку етапи во својата модернизација. Неговите последни модификации ги носат ознаките Су-25М и Су-25СМ3. Модернизираните верзии го задржаа високиот степен на борбена отпорност како и основната варијанта на авионот. Од друга страна, радикално е зголемена софистицираноста на самите летала, така што, на пример, верзијата Су-25СМ3 е целосно поинаков авион за разлика од својот претходник. Акцентот е насочен кон обемната модернизација на офанзивно-навигацискиот комплекс, системот за заштита од средства за ПВО и дигиталниот систем за врска. Овие авиони можат да користат наведувачки бомби и ракети од последната генерација (вклучувајќи ги и ракетите од класата воздух-воздух со среден дострел). Она што е особено важно е драматичното зголемување на ефикасноста на дејството со примена на неспоредливо поевтини воздушни бомби и ракети што ги поседува руската армија во практично неограничени количества.
Неколкумина воени експерти сметаат дека со појавата на новата генерација високопрецизно наведувачко вооружување е завршена потребата од класичните офанзивни бомбардери. Но, Су-25 „Грач“, исто како и А-10 Тандерболт, во најновиот борбен ангажман на Блискиот исток докажаа дека и понатаму имаат мошне употреблива функција.
Модернизираните „сушки“ (руски прекар за авионите од типот Сухој) од составот на Воздушно-космичките сили кои се стационирани во Сирија, работат во режим од 00 до 24 часот, деноноќно. За време на интензивните удари врз целите на екстремистите, овие авиони знаат за една ноќ да извршат и по 10 авионски полетувања. Навистина, 25-ките во овие операции се употребуваат повеќе како класични бомбардери. Тие врз терористите дејствуваат од поголеми височини, избегнувајќи ја класичната употреба која е карактеристична за тактичките офанзивци, односно напаѓање на група непријателски цели и нанесување удар од мали височини. Овие авиони најчесто изведуваат дејствија по целите што ги имаат откриено набљудувачките средства (сателити, беспилотни летала, копнени радари), а често можат да се видат за време на изведување на тактиката на „слободен лов“. Овие авиони заедно со поголемите бомбардери Су-24 и Су-34 дадоа голем придонес за време на ликвидацијата на терористичките командни пунктови и магацини со вооружување, вклучувајќи и внесување на сите видови непријателска борбена техника и неговата жива сила.
А-10 Тандерболт исто така мошне активно ги поддржува копнените сили на американската војска кои се наоѓаат во Сирија, во Ирак и во Авганистан. Иако Пентагон во еден момент имаше намера овие авиони да ги повлече од оперативна употреба, неодамна беше донесено решение за продолжување на нивниот животен век, со исполнување на неопходни услови кои ќе ја решат нивната модернизација. Во секој случај двата најпознати офанзивци и во следната деценија ќе останат потпора на ВВ на САД и на Русија, кога станува збор за обезбедување непосредна огнена поддршка на единиците на земјата. Особено доколку противникот не поседува напредни средства за ПВО и авијација која може да ги загрози.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче