Вселенска „матрјошка“: Кинезите го свртуваат вниманието кон таен руски сателит

Роскосмос/Global Look Press
Кинеските медиуми изразија интерес за рускиот сателит во кој се сместени други, помали вселенски апарати.

Кинескиот весник „Феникс“ објави напис посветен на рускиот сателит со кој почна „нова рунда на вселенската трка“. Преводот на тој напис на руски јазик го објави порталот „ИноСМИ“. На почетокот кинескиот експерт посочува дека неколку децении по завршувањето на Студената војна, големите сили коваат планови за милитаризација на вселената.

 

На 29 август оваа година САД официјално ја основаа Вселенската команда и врз нејзина база ги формираа Вселенските сили. Во септември и Франција, по примерот на Американците, ќе почне да формира такви сили.

Кинескиот весник ги објаснува овие настани цитирајќи го американскиот претседател Доналд Трамп: „Потенцијалниот непријател на САД применува нови технологии со кои ја загрозува безбедноста на американските сателити“.

Командата на воздушно-вселенската одбрана на Северна Америка смета дека за тоа постои и доказ. На пример, рускиот воен сателит „Космос-2521“ на почетокот на 2019 година неколку пати ја промени својата орбита.

Заклучено е дека тие маневри биле неочекувани. Се претпоставува дека тие можат да сведочат за присуството на некакво вселенско оружје.

Пентагон е особено загрижен поради тоа што сателитот во сегашната траекторија може да прелета над територијата на САД и Канада најмалку десет пати на ден.

Наведениот весник смета, повикувајќи се на публикации во медиумите, дека „Космос-2521“ е еден од тајните сателити што ги лансираше Русија во 2017 година од космодромот Плесецк.

Поточно, беше лансиран е апаратот „Космос-2519“, но авторот објаснува дека тој апарат личи на руската кукла „матрјошка“, бидејќи во него се криел „Космос-2521“.

После два месеци лет, тој се одвои од апаратот „Космос-2519“ заради извршување на своите задачи. Руската страна го опиша како „сателит-инспектор“.

Тој може да врши маневри, да ја менува траекторијата во ниската Земјина орбита во вселената и да ги набљудува одблизу воените сателити на потенцијалниот непријател.

Авторите на статијата ги „плаши“ фактот дека ракетата-носач „Сојуз-2-1В“ може да изнесе во орбитата мноштво сателити „Космос-2521“ затоа што тие тежат само 70 килограми.

Со самото тоа Русија може да го контролира нивното приближување до сателитите на другите земји и да ги набљудува одблизу.

Во случај на конфликт меѓу Русија и НАТО, на рускиот сателит ќе му требаат неколку часа за да предизвика сериозно нарушување во непријателскиот систем за навигација. Но, и тоа не е сè. Работата е во  тоа што „Космос-2521“ крие во себе уште еден апарат, „Космос-2523“ за кој засега не се знае ништо.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња