Голем интерес за набавка на МиГ-35: И Северна Кореја меѓу потенцијалните купувачи?

Борис Кисов
Американскиот Интернет портал „Милитари воч“ во свој текст укажа на потенцијалните купувачи на најновиот производ нa познатата воздухопловна компанија МиГ. Според него, овој авион има навистина ветувачка перспектива на светскиот пазар за вооружување и воена техника. Она што го издвојува овој авион од останатите производители е неговата едноставност за употреба ниските трошоци за одржување кои немаат конкуренција во светот.

МиГ-35 е мошне поевтина замена за рускиот ловец Су-57, иако за време на неговата изградба се применети технологии кои се наоѓаат на ловецот од петтата генерација. Освен тоа, тој е поедноставен за употреба и за експлоатација. Тоа е еден од трите оперативни авиони во светот кои користат мотори со променлив вектор на потисок, што во голема мера ги подобрува маневарските можности и степенот на борбено преживување, пишува американскиот портал „Милитари воч“.

Покрај конструкциските решенија тука треба да се нагласи и исклучително богатиот пакет кога станува збор за електронската компонента на овој авион. Тука се наоѓаат најсовремениот офанзивно-навигациски комплекс со мошне посилен радар и системи за противелектронско попречување. Мошне важен фактот е и значајното зголемување на носивоста на борбените средства, вклучувајќи ја и можноста за употреба на модерни и перспективни модели на наведувачки бомби и ракети. Исто така, ништо помалку значајна работа е тоа што новата 35-ка може да се користи од куси полетно-слетни патеки, пренесува Интернет-порталот РГ.

Особено се издвојува едноставноста во неговото одржување и во експлоатацијата. Супермодерните борбени летала од западно потекло се многу почувствителни во текот на употребата. Тие изискуваат многу поширок тим кој ќе се грижи за нивната исправност, што во голема мера го усложнува и го поскапува неговото користење. Ова кај рускиот ловец од генерацијата 4++ МиГ-35 не е така. Кај него дури е и проектирано намалување на трошоците за одржување во однос на постариот МиГ-29.

И врз основа на сето горенаведено, кои држави од светот би можеле да бидат заинтересирани за негова набавка? 

На прво место на потенцијалните купувачи е Индија

Американските аналитичари сметаат дека ова земја ќе биде еден од најголемите купувачи на рускиот ловец МиГ-35. Индија го зазема второто место на светот (веднаш по Русија) во поседување на авиони МиГ-28 во своето воено воздухопловство. Значи, самото купување на авионот МиГ-35 и неговото усвојување во вооружувањето на индиското воено воздухопловство до минимум ќе ги намали дополнителните инвестиции кога станува збор за прилагодување на инфраструктурата, но и на неопходната обука на летачкиот персонал. 

МиГ-35 ќе стане мошне ефикасно дополнување на стандардните ловци Су-30МКИ, а исто така и на ловците од петтата генерација Су-57, околу кои исто така во моментов се водат преговори за евентуална набавка. Со неговото купување ќе се оствари технолошка надмоќ над новиот пакистански ловец JF-17 Block 3, а веројатно и над перспективниот ловец од петтата генерација Project AZM. 

Втор на листата сериозни кандидати е Иран кој во својот состав има две ескадрили авиони МиГ-29А 

Доколку се знае дека овие авиони уште пред 30 години беа набавени во СССР каде со текот на времето е дојдено до застарување на овие машини тогаш набавката на авионот МиГ-36 е повеќе од реална. Трошоците за иницијалната набавка со текот на времето би се довеле во рамнотежа со намалувањето на расходите кога станува збор за одржувањето на новите летала, а кое ќе биде поевтино одошто кај старите 29-ки. 

И она што е најважно: новиот авион ќе му помогне на Иран да го премости техничкото заостанување во однос на своите соседи: израелскиот F-35I и саудискиот F- 15SA.

Египет се наоѓа на трето место на најсериозните кандидати за набавка на нов руски ловец МиГ-35

По капиталната набавка на 50 модернизирани ловци МиГ-29М што беше реализирана во 2013 година, се претпоставува дека оваа земја во следниот период би можела да ги набави уште помоќните „Мигови“. Египетското воено воздухопловство во последно време сериозно се опремува со модерни борбени летала. Се планира постепено од оперативна употреба да се повлечат старите ловци Ф-16, вклучувајќи и целосно превооружување на ловечко-бомбардерските ескадрили опремени со авионите Мираж III, МиГ-23 и Ф-4.

Благодарение на својата повеќенаменска функција МиГ-35 се смета за идеална замена на овие летала. Овој авион во следниот период може да стане главен адут на египетското воено воздухопловство.

Белорусија е уште една од земјите кај кои основата на военото воздухопловство го сочинуваат лесните ловци МиГ-29

Во врска со овој факт, но и со надворешното окружување (Полска планира да набави американски ловци од петтата генерација Ф-35) постојат реални очекувања дека и оваа земја наскоро ќе започне набавка на ловци МиГ-35. Белорусија дава предност на сигурното борбено летало кое има исклучително ниски трошоци за одржување.

И на крајот како потенцијален купувач се појавува и Северна Кореја 

Елитните ескадрили на севернокорејското воено воздухопловство се опремени со советските ловци МиГ-29. Иако САД успеаја преку ОН да воведат санкции за Северна Кореја, кога станува збор за набавка на современи борбени апарати, постојат индиции дека тие во блиска иднина би можеле да бидат укинати.

МиГ-35 претставува повеќенаменски ловечки авион од генерацијата 4++. Резултат е на длабока, сеопфатна модернизација на борбените апарати МиГ-29К/КУБ и МиГ-29М/М2. Првенствено е наменет за остварување на апсолутна воздушна надмоќ на мали и средни далечини (тактички ловец). Покрај примарната улога на ловец, овој авион е оспособен и да изведува многу прецизни напади врз копнени и поморски сили на непријателот, па може да се смести и во категоријата ловци-бомбардери. Со иновативните конструкторски решенија значително е зголемена борбената носивост на убоит товар, а со интеграцијата на посилните и истовремено поекономични мотори и дополнителниот простор за гориво е зголемен неговиот оперативен борбен радиус. Претпоставката е дека нареднава деценија овој авион ќе влезе во голем број во руските воздухопловни единици и дека обемот на набавки нема да заостанува зад авионите со ознаката „Сухој“. Според различни процени, Министерството за одбрана на Руската Федерација е подготвено на концернот „МиГ“ да му понуди договор за набавка меѓу 70-80 авиони МиГ-35 кои до крајот на 2027 година би влегле во состав на Воздушно-космичките сили на ВВФ.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња