Во водите на Баренцовото море одеднаш се појави стратешката нуклеарна подморница „Јуриј Долгоруки“ од класата 955 „Бореј“ која од подводно положба ја лансираше ракетата Р-30 „Булава“ (НАТО SS-N-30). Оваа ракета ја погоди својата мета на рускиот Далечен исток. Поточно нејзината цел беше макетата која се наоѓаше на воениот полигон Кура на Камчатка.
Подморниците од класата 955 „Бореј“ спаѓаат во борбени пловила од четвртата генерација кои се вооружени со 3-степени интерконтинентални балистички ракети „Булава“. Секоја подморница од оваа класа може во својот борбен магацин да носи 16 вакви ракети кои можат да остварат проектиран максимален дострел и до 11.000 километри во временски интервал од 20 до 25 минути. Она што особено застрашува е деструктивната моќ на подморничкиот ударен арсенал кој може да претвори во прав и пепел практично цел еден континент. Имено, секоја од овие ракети носи по 10 независно насочени боеви глави кои се со еквивалент од 150 кт. Ракетниот плотун испукан од стратешката подморница „Јуриј Долгоруки“ може да покрие и до 160 непријателски цели (подморницата „Дмитриј Донски“ од класата 941УМ „Акула“ и до 200 цели).
„Булава“ ја има развиени познатиот МИТ („Московский институт теплотехники“). Решението за влегување во проект за развој на нова интерконтинентална балистичка ракета со подводно базирање беше донесено во 1998 година. Првите ракетни тестирања на оваа ракета започнаа на 23 септември 2004 година од платформата на стратегиската нуклеарна подморница „Дмитриј Донски“ од класата 941 „Акула“. До 29 јуни 2007 година, кога беше донесена одлуката за почетокот на нивното сериско производство и воведување во вооружувањето, тие имаа променлив успех. Регистрирани се неколку дефекти кај ракетите за време на нејзиното лансирање од подводна положба.
Руските конструктори во следните години успеаја да ги отстранат овие уводни проблеми кои вообичаени се јавуваат за време на развој на ново оружје, така што од 2010 година нејзините тестирања беа извршувани со речиси 100% успех. Во временскиот интервал од 2010 година до денешен ден, главните подморници за лансирање на овие ракети беа од класата 955 „Бореј“ (К-535 „Јуриј Долгоруки“, К-550 „Александар Невски“, К-551 „Владимир Мономах“). Досега се реализирани 33 лансирања на оваа ракета.
Како што рековме, ракетата е составена од три степени. Нејзиниот дострел се движи во распон од 8.000 до 11.000 километри. Со поставена боева глава, „Булава“ е долга 12.1 метар. Нејзиниот калибар изнесува 2.000 милиметри, Се придвижува со помош на мотор на цврсто гориво. Вкупната тежина на ракетата во борбениот магацин на подморницата изнесува 36.8 тони. Таа може да носи товар со маса од 1.150 килограми. Ова е доволно за инсталација на боев блок кој е составен од 6 до 10 независно насочени боеви глави со сила од 150 кт. Веројатната кружна грешка (отстапување од целта) на максимален дострел изнесува помалку од 350 метри,
Во вооружувањето е усвоена во 2018 година и се наоѓа на стратешките нуклеарни подморници од класата 955 „Бореј“ (плус модернизираниот нуклеарен подводен колос „Дмитриј Донски“ од класата 941УМ „Акула“).
Во исто време од акваторијата на Северниот леден океан полета уште една ракета. Овој пат во акцијата учествуваше стратегиската нуклеарна подморница К-114 „Тула“ од класата 667БДРМ „Делфин“. Станува збор за подморница која е направена уште во советско време, но која и понатаму останува употреблива. Спаѓа во борбените пловила од третата генерација. Таа може да носи до 16 интерконтинентални балистички ракети Р-29РМУ2 „Синева“.
Ракетата Р-29РМУ2 како и во случајот со нејзината помлада сестра „Булава“ е проектил кој е составен од три степени. Но, за разлика од Булава оваа ракета ја движат ракетни мотори на течно гориво. Ракетата која ја носи ознаката „Синева“ е усвоена во вооружувањето на 9 јули 2017 година. Настаната е врз основа на ракетата Р-29РМ која се наоѓа во вооружувањето од 1986 година. Практично станува збор за нејзина модификација.
Уште една разлика која е воочлива кога се споредуваат со ракетите од поновата генерација на „Булава“ се димензиите/габаритот кои многу се разликуваат. Имено „Синева“ е прилично поголема од „Булава“. Нејзината должина со боева глава изнесува речиси 15 метри, а масата е 40.3 тони. Но, нејзината носивост е значителни поголема и достигнува речиси 2.800 килограми, што е за 1.650 килограми поголема одошто кај „Булава“. Ова овозможува интеграција на посилниот термонуклеарен боев товар со мегатонска сила која може да се состои од 4 индивидуални боеви блока (глави), а секој од нив има сила од 500 кт,, или до 10 индивидуални боеви блокови од кои секој е со еквивалент од 100 кт. Ефективниот дострел на оваа ракета се движи во распон од 8.300 до 11.547 километри. Максималното отстапување на оваа ракета од целта е помало од 500 метри.
Во моментов се разгледува продолжување на овој проект со понатамошна модернизација на ракетата Р-29РМУ2 на стандард Р-29РМУ3 „Синева-2“ кои би требале да бидат базирани на подморница 955 „Бореј“ како алтернатива за ракетите „Булава“. Засега перспективата на овој проект е неизвесна.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче