Вашиот Хуавеј телефон наскоро би можел да прозборува на руски

Yandex/Getty Images
Се очекува и претходна инсталација на уште десетина руски апликации. Дали руските технологии ќе можат да ги заменат сличните на Гугл?

„Хуавеј“ преговара со руската Интернет-компанија „Јандекс“ за инсталирање на нејзиниот гласовен асистент „Алиса“ на своите смартфони, објавува РИА Новости, повикувајќи се на изјавата на Алекс Џанг, претседател на секторот за мобилни услуги на компанијата „Хуавеј“.

Тој, меѓутоа, не прецизираше дали Алиса ќе се појави на сите смартфони на кинеската компанија или само на оние наменети за рускиот пазар.

Според Алекс Џанг преговорите траат веќе два месеци, но рано е да се зборува за резултати.

Што знаеме за виртуелната асистентка Алиса?

Јандекс ја претстави Алиса пред две години. Како и Сири на Епл и Асистентот на Гугл, овој систем може да извршува секојдневни задачи како што пребарување на временската прогноза, отворање апликации, итни повици, избор на најблиските ресторани и слично.

Алиса постојано самата се унапредува со помош на невронска мрежа, користејќи податоци на корисниците. Досега има „научено“ да рапува, да користи игра на зборови и да дава духовити одговори на необични прашања.

Девојка го разгледува смарт-звучникот „Ирбис А“ на презентацијата на нови производи на Јандекс.

Алиса може да се инсталира на секој смартфон или таблет со оперативни системи iOS или Android. Исто така е вградена и во смарт-звучникот на Јандекс.

Гласовниот асистент може да ги користи самрт-уредите како што се правосмукалката Шаоми, електричниот бокал Редмонс или минијатурниот медиа-плеер на Јандекс, а исто така и Интернет-сокети и светилки. Доколку поседувате вакви апарати, можете да побарате од Алиса да запали или да регулира светлина, да ви пушти некоја песна, да го намести будилникот, да избере телевизиска серија за вас и многу други работи.

Алиса дури и може да зборува со гласот на актерката што ја синхронизира Скарлет Јохансон за руската филмска публика.

Како соработува Алиса со другите апликации?

Рускиот гласовен асистент соработува со основните, претходно инсталирани апликации, како што се пораките, камерата, календарот, телефонот и алармот.

Иако не е компатибилна со сите апликации (особено со оние на Гугл), Јандекс нуди свои верзии на многу сервиси на Гугл, како и некои дополните услуги, создавајќи цел систем кој опфаќа пребарувач, браузер, музички услуги, такси-апликација, временска прогноза, мапи, вести итн. А, Алиса е компатибилна со сите нив.

Значи, ако преговорите бидат успешни, можеме да очекуваме дека овие апликации ќе се појават заедно со Алиса на уредите на Хуавеј, соопшти Џанг.

Директорот за експериментални производи на компанијата Јандекс Константин Круглов на презентацијата на нови производи на Јандекс.

Ова не е првпат производите на Јандекс да се пробиваат на пазарите надвор од Русија. Јандекс Такси веќе функционира во Србија, во Израел, Финска, Латвија, Брегот на Слоновата Коска и во неколку земји од Заедницата на независни држави како што се Грузија, Белорусија, Ерменија и Казахстан.

Претходно годинава руската компанија го претстави интерното автономно возило на саемот за електроника за потрошувачи Consumer Electronics Show, најголемата изложба од овој вид на светот. За разлика од својата конкуренција, возилото на Јандекс немаше инженер зад воланот. Во споредба со вакви достигнувања, да се научи Алиса да зборува англиски ќе биде лесна задача.

Дали е тоа сѐ во соработката помеѓу Русија и компанијата Хуавеј?

Не. Веќе пишувавме за тоа дека постои можност Хуавеј во целина да го замени оперативниот систем Андроид со системот Аурора што го произведува друга руска компанија „Ростелеком“, а да не ја споменуваме и веќе постоечката соработка на полето на 5Г.

Како резултат на оваа соработка Хуавеј веќе го претстави својот нов оперативен систем Хармони, но ни тука приказната не завршува.

Ричард Ју, раководител на корисничките бизниси на групацијата Хуавеј го претставува новиот оперативен систем на компанијата HarmonyOS на конференцијата во Дунггуан во Кина, 9 август 2019 година.

До крајот на годинава би можел да започне пилот-проектот за имплементација на оперативниот систем Аурора на смартфоните на Хуавеј, објавува весникот Комерсант, повикувајќи се на изјавата на заменик-министерот за телекомуникации на Русија Михаил Мамонов. Тоа значи дека постојат добри изгледи рускиот оперативен систем да се појави на кинеските смартфони, барем кога станува збор за домашниот пазар.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња