Стратешко поставување: Русија ќе создаде три моќни воздухопловни полка опремени со авиони Су-57

Повеќенаменски ловец од петтата генерација Су-57

Повеќенаменски ловец од петтата генерација Су-57

Youtube
Воздухопловните полкови опремени со повеќенаменски ловци од петтата генерација Су-57 ќе бидат распоредени на стратешки најважните правци за одбрана на земјата. Овие формации според својата структура ќе се разликуваат од стандардните воздухопловни полкови во рамките на Воздушно-космичката војска на руската армија.

За повеќенаменските ловци од петтата генерација Су-57 кои наскоро ќе почнат да влегуваат во оперативното вооружување на воздушно-космичката војска на руската армија (ВКС), ќе бидат образувани неколку нови формации од рангот на воздухопловен полк, пренесува интернет-порталот „Бог-рата“. Неименуван извор од руското Министерство за одбрана за интернет-порталот „Известија“ ги изнесоа своите сознанија дека овие единици ќе имаат мошне поинаква структура од стандардната организација како што е сега присутна во ВКС. Конкретно, во нивниот состав ќе се појават специјални копнени структури кои ќе бидат одговорни за радарската невидливост на авионите. Експертите проценуваат дека воздухопловните полкови опремени со авиони од петтата генерација Су-57 ќе бидат поставени на главните стратешки правци за одбрана на Руската Федерација, а тоа се југозападниот и северозападниот дел од земјата, како и Далечниот Исток.

Претседателот на Русија Владимир Путин на состанокот со највисоките претставници на Министерството за одбрана о со офицерите од руската армија кој беше одржан пред неколку месеци во Сочи, го изложи својот план според кој до 2027 година ВКС ќе добијат 76 повеќенаменски ловци Су-57. Ова количество авиони е доволно во целост да се опремат три воздухопловни полка кои во својот состав имаат по две ескадрили со вкупно 24 апарати. Значи, во руската армија до крајот на 2027 година би имало 72 ловци Су-57, додека останатите четири апарати би влегле во составот на 4 Центар а борбена обука на пилоти кој се наоѓа во градот Липецк. Во овој центар би се оспособувале млади пилоти кои својата понатамошна воена кариера би ја продолжиле на ловците од петтата генерација.

Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација што го имаат развиени воздухопловните инженери на ОКБ Сухој. Тој е наменет за извршување огромен спектар задачи што можат да се постават пред една воздухопловна борбена платформа, како што е остварување на апсолутна воздушна превласт над територијата на која се изведуваат кривни борбени дејствија, уништување на најразлични копнени цели и површински бродови кои се зајакнати со современи противвоздушни борбени средства, операции за извидување и за надзор на воздушниот простор на голема оддалеченост, уништување на командна инфраструктура на непријателот итн. Неговиот прв лет беше реализиран во 2010 година. Авионот може да достигне максимална брзина од 2.600 километри на час и да оствари дострел и до 4.300 километри. Неговиот нападно-навигациски комплекс кој е зајакнат со моќен радар со антенска фазна решетка може на оддалеченост од неколку стотини километри истовремено да следи 30 различни воздушни цели. За време на неговиот експериментално-конструкторски развој направени се 10 експериментални летала. Во меѓувреме леталото мина цел комплекс сложени тестирања, вклучувајќи и блок тестирања во зоната на воени дејствија кои се реализирани на сириското небо.

Три воздухопловни полка за ВКС

Во овој момент командата на ВКС се разгледуваат две варијанти на формациско устројство на своите воздухопловни единици кога во вооружувањето ќе влезе новиот ловец Су-57. Најверојатно ќе се оди на формирање нов воздухопловен полк, како и на структурна трансформација на постоечките два полка кои во целина ќе бидат превооружени со ловци од петта генерација. Не треба да се исклучи можноста дека определени ловечки ескадрили опремени со новите авиони ќе бидат припоени кон постоечките единици. Според извор од руското Министерство за одбрана, конечната одлука во врска со ова прашање ќе биде донесена по деталните консултации со претставниците на Обединетата воздухопловна корпорација (рус. „Объединенная авиастроительная корпорация“ - ОАК) на кои ќе се утврди динамиката на испораката на новите авиони на единиците на ВКС.

„Се очекува воздухопловните полкови кои ќе бидат опремени со авионите Су-57 да бидат ориентирани на покривање на главните стратешки правци кога станува збор за заштита на воздушниот простор на Руската Федерација. Значи, еден полк сигурно ќе се базира на еден од аеродромите на Далечниот Исток, вториот полк на југозападот од земјата, а третиот на северозапад“, смета воениот експерт Дмитриј Болтенков. Според него, постои голема веројатност дека 23 ловечки полк од составот на 303 мешовита воздухопловна дивизија со база во Хабаровскиот регион, прв да премине на новите авиони Су-57.

Базата на оваа летачка ескадрила се наоѓа на аеродромот Џјомги кој инаку служи како полигон за тестирање нови воздухоплови кои се излезени од позната фабрика на авиони која го носи името на Јуриј Гагарин (Комсомольский-на-Амуре авиационный завод имени Ю. А. Гагарина – КнАЗЗ). Инаку, оваа фабрика ги произведува практично сите ловци од четвртата генерација и нивните подоцнежни модификации кои ја носат ознаката „Су“ (Сухој), како што се Су-27СК, Су-27СКМ, Су-30М2, Су-30МК2, Су-30МКВ, Су-30МКК, Су-30МК2-В, Су-30МК2-И, Су-30МК2-V, Су-33, Су-35 и секако Су-57.

Според мислењето на воениот експерт Дмитриј Болтенков, командата на ВКС ќе се погрижи новоусвоената борбена техника да ја стационира во оние делови од земјата кои се наоѓаат во близина на главните фабрички капацитети кои ја произведуваат истата таа техника.

Дека станува збор за реална процена зборува и фактот што за време н примањето во вооружувањето на ловецот од генерацијата 4++ Су-35, прво беше опремена 23 ловечка ескадрила која е базирана на аеродромот во Џјомги, која за своите потреби ја експлоатира воздухопловната фабрика КнАЗЗ. Токму ваквиот принцип на разместување на новата воздухопловна техника е применет и во случајот со усвојувањето во вооружените сили на борбените ловци Су-30СМ, каде првите примероци од овој авион слетаа во воздухопловната воена база Домни на која се наоѓа 120 мешовит воздухопловен полк. Имено, оваа база се наоѓа недалеку од градот Иркутск во кој е стационирана воздухопловната база која ги произведува токму овие летала.

Како што пренесува „Известија“ за ловците од петтата генерација Су-57 активно се развиваат нови видови воздухопловно наведувачко ракетно вооружување. Конкретно, новиот руски ловец ќе биде опремен со нова хиперсонична ракета со голем дострел Р-37М од класата „воздух-воздух3 која ќе може да уништува широк спектар воздушни цели кои летаат со голема брзина на оддалеченост поголема од 300 километри.

Само искусни пилоти

Особено внимание ќе се посвети на селекцијата на пилотскиот кадар кој ќе управува со софистицираните летала. Според неименуван извор од руското Министерство за одбрана, ќе бидат разработени специјални наставни единици кои ќе обезбедат брз и ефикасен трансфер на обуката во оспособувањето на пилотите за летање на ловците Су-57. На овој авион ќе бидат применети голем број новитети кои се однесуваат на интеграцијата на перспективните системи за управување со комплексни видови воздухопловно вооружување, како и друга високотехнолошка опрема. На него ќе бидат интегрирани и нови мотори, што во целина изискува висок степен на обученост на пилотите-специјалисти.

Не постои сомнение дека на авионите од петтата генерација Су-57 ќе летаат најквалитетни борбени пилоти кои се наоѓаат во состав на Воздушно-космичките сили на руската армија. Ова за руските медиуми го изјави носителот на највисокиот орден Херој на Русија и поранешен командант на 4 армија на ВВС и ПВО, Валериј Горбенко.

„Новите авиони постепено ќе се усвојуваат во единиците“, рече генералот. Те прво ќе минат низ фаза на детална техничка проверка во фабрички услови, а потоа ќе бидат упатени во Државниот летно-опитен центар на Министерството за одбрана „В.П. Чкалов“ во Ахтубинск. Тука ќе биде проверена комплетната опрема и вооружувањето од секој авион, ќе се спроведат комплексни контролни испитувања, а дел од пилотите ќе реализираат процес на преобука за новите авиони.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња