Не може да се сруши ни теоретски: Министерството за одбрана на Русија тестираше „воен интернет”

Замир Усманов/Russian Look/Global Look Press
Размената на податоци е овозможена со локална безжична мрежа со висока безбедност.

Руската војска го испроба работењето на „воениот интернет“ со долг домет, пренесуваат руските медиуми повикувајќи се на извор од Министерството за одбрана на РФ.

Како што се наведува, размената на податоци се вршела преку  безжична мрежа со висока безбедност која овозможувала пренос на фајлови со голем обем, вклучувајќи аудио и видео информации, на оддалеченост од две илјади километри.

За време на вежбите биле користени дигитални и мобилни системи за видео-конференциска врска МКК-П и МК ЗВКС, како и станици за вселенска врска Р-438-Н „Белозер“. Повеќе од 4500 војници биле вклучени во тестирањето на системот.

Новиот систем овозможува да се пренесуваат информации на оддалеченост од неколку илјади километри. Министерството, исто така, истакна дека сите канали за врска се со сигурност заштитени од упад, а податоците се криптирани.

На споменатото тестирање во Централниот воен округ, меѓу два теренски пункта на оддалеченост од  преку две илјади километри се разменети информации со брзина од 300 мегабајти во секунда. Рускиот воен ресор смета дека во перспектива практично ќе биде можно да се пренесат каков било обем на информации на просторот на целата земја.

Клучната предност на воените мрежи лежи во фактот што тие се апсолутно автономни и отпорни на надворешни влијанија, така што некој однадвор ни теоретски не може да им пристапи, вели главниот уредник на списанието „Арсенал отечества“ Виктор Мураховски.

Главната задача на овие линии е пренос и обработка на податоци за системи со автоматска и борбена контрола. Штабот може да добие информации во режим на реално време директно од бојното поле. Односно, буквално може да ги види резервите на гориво и муниција на одреден тенк.

Вооружените сили на РФ почнаа да работат на создавање суверен интернет во 2019 година. Затворениот систем за размена на дигитални информации е наречен Мултисеервисна транспортна комуникациска мрежа МТСС. Првата фаза ќе трае до крајот на оваа година, а ќе биде целосно завршена за две години. МТСС ќе има свој пребарувач, а заради независно функционирање, војската ќе постави  оптички кабел на Арктикот. Заедно со заштитениот руски сегмент на светската мрежа, со проектот што во моментот се разгледува, МТСС треба да обезбеди електронска безбедност на земјата. Овој вид комуникација може да се користи и на подрачјето на вонредните состојби, кога многу често се јавуваат проблеми со мобилната врска и интернетот, наведуваат руските медиуми.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња