Го открива непријателот по електронски пат: Зошто модернизираниот „Овод“ стана толку опасен?

Евгениј Одиноков/Sputnik
Модернизираните мали ракетни бродови (МРК) од класата 1234 „Овод“ можат да детектираат позиции на непријателот врз основа на зрачењето што го емитуваат неговите набљудувачки радари. „Ракетните дечиња“ како што уште ги нарекуваат во руската флота, добија способност да откриваат непријателски бродови врз основа на бранот што го емитуваат непријателските бродови, сигналите на нивните комуникациски уреди и емисијата на останатите електронски уред кои се наоѓаат во опремата на бродот.

Ваквите способности на малите ракетни бродови од класата 1234 „Овод“ се заслуга на вградувањето на современата пасивна станица за радиоелектронско извидување. Истовремено „детето“ кое е опремено со ова „севидливо око“ останува невидливо за непријателот, што е од исклучителна важност за современ воен брод.

Првата таква пасивна станица за радиоелектронско извидување веќе е интегрирана на палубата на малиот ракетен брод „Смерч“. Таа го има заменето постариот комплекс „Титан“, велат офицерите од Главната команда на руската воена морнарица, а пренесува порталот Известија. Извесно е дека новата радиоелектронска станица има минато сет практични тестирања пред нејзиното дефинитивно усвојување во вооружувањето на руската воена морнарица, како што е впрочем и практика со сите типови вооружување и борбена техника. Но, нејзиното вистинско име и прецизните техничко-тактички карактеристики засега не се познати, поточно се држат во строга тајност.

Прикриено приближување во зоната на ефективен дострел

Како што пренесува порталот Бог-рата, новата станица работи без емитување радиобранови, односно ја следи ситуацијата во радиоелектронското поле и ја бележи секоја измена во неговиот спектар. Специјалниот високочувствителен приемни ги анализира сигналите што се одбиваат од другите објекти.

Конфигурацијата на сигналот на поголемиот дел воени бродови денес е добро позната, врз основа на што новата апаратура мошне лесно може да дознае за кој брод точно станува збор, без да го вклучи основниот набљудувачки радар.

Овој систем им дава на бродовите од класата „Овод“ низа предности во борбата против потенцијалниот непријател. Благодарение на овие новини рускиот мал ракетен брод може во целосно незабележлив (пасивен) режим на работа, да открие, да следи и да напаѓа најсложени површински цели на вода, рече поранешниот началник на Главниот штаб на воената морнарица адмирал Валентин Селиванов.

„Тајноста е една од најважните борбени карактеристики на современиот воен брод. За време на изведувањето на поморски борбени операции, непријателот се бара со помош на специјални уреди за набљудување. Тие „ловат“ различни видови демаскирачки ефекти, при што најмногу се потпираат на своите радари за набљудување. Оној брод што има помала радарска рефлексивност (видливост), ќе има поголема шанса да се приближи на оддалеченост од која може ефикасно да дејствува врз непријателот. Употребата на пасивниот радар ќе им овозможи на малите ракетни бродови први да ја добијат целосната информација за непријателот, и да ја откријат неговата точна позиција“, вели рускиот воен експерт.

Теоретски, малите ракетни бродови од класата 1234 „Овод“ кај кои радарската рефлексивност е значително намалена, можат да се приближат и на борбени објекти од стратешко значење како што се на пример носачи на авиони, и со удар со противбродски ракети да го онеспособат пловилото со голем депласман. Како што наведува Виктор Саливанов, овие бродови во своето вооружување имаат современи противбродски ракети Х-35 со дострел и до 260 километри.

Притоа малиот ракетен брод воопшто не мора да ги знае точните координати на непријателот. Доволно е само ракетата Х-35 да се лансира во поширок реон во кој високочувствителниот приемник од пасивната радиоелектронска станица ја фиксира активноста на непријателскиот радар или на неговите бродски системи кои исто така емитуваат определено зрачење. Ракетата Х-35, која е опремена со активна радарска глава за самонаведување самостојно ќе ја открие и ќе ја погоди целта.

Големиот десантен брод „Азов“

Успешен проект

Малите ракетни бродови од класата 1234 „Овод“ се конструирани во шеесеттите години од минатиот век во ленинградското поморско конструкторско биро „Алмаз“.

Советската флота од своите фабрики за изградба на бродови бараше евтин и компактен, но истовремени и подвижен брод кој ќе биде опремен со силно ракетно противбродско вооружување.

Идејата за создавање на овие бродови, како и нејзината материјализација низ добро осмислен и избалансиран проект, се покажа како мошне успешна. Исклучителниот мал воен брод (со должина од само 57 метри и ширина од 12 метри) е презаситен со различно вооружување. Базичната верзија на класата „Овод“ во своето вооружување имаше два одвоени лансери со по три противбродски ракети „Малахит“ во секој (вкупно шест ракети). Имаше место и за противвоздушниот ракетен систем „Оса-М“ и брзометниот артилериски топ АК-176 со калибар од 76 милиметри (или наместо него два модули АК-725 со топовски калибар од 57 милиметри).

На подоцнежните модификации на овој брод беа поставени и дополнителни модули опремени со ротациски топови АК-630М со калибар од 30 милиметри, кои благодарение на својата импресивна густина на огнот ефикасно можат да се употребат за соборување воздушни цели.

Советската воена морнарица специјално за бродовите од класата „Овод“, воведе во категоризацијата борбени пловила нов израз – мал ракетен брод. Во земјите кои се членки на НАТО оваа класа советски/руски бродови се нарекуваат ракетни корвети и кон нив се однесуваат со голем респект. Инаку, во поморската класификација, корветите претставуваат воени бродови кои имаат поголема димензија и вкупен депласман во однос на малите ракетни бродови што се направени во СССР.

Подигнување на „Овод“ на уште поголемо ниво

Во овој момент за бродовите од класата 1234 „Овод“ направени се пакети со сериозна модернизација. На нив се интегрира современа електроника и мотори, а исто така се превооружуваат со нови противбродски ракети со зголемен дострел Х-35 „Уран“. Теоретски, на малите ракетни бродови можат да бидат интегрирани и исклучително опасни суперсонични ракети од типот „Оникс“ кои пред сè се наменети за борба против поединечни или групни поморски цели на непријателот, кои се ешалонски заштитени со силни противракетни и противелектронски системи (односно ударни поморски групи кои предводат носачи на авиони на атомски погон).

Досега се произведени нешто помалку од 50 бродови од класата 1234 „Овод“ во сите негови варијанти, вклучувајќи и експортни модификации. Овие мали ракетни бродови не се наоѓаат само во вооружувањето на воената морнарица на СССР, а подоцна на Русија. Ги имаат земји како што се Алжир, Либија и Индија.

Во овој момент руската воена морнарица располага со 12 мали ракетни бродови од класата 1234.1 „Овод“ кои во меѓувреме имаат минато полн циклус на модернизација. Нивната најголема концентрација се наоѓа во состав на Тихоокеанската флота, каде се наоѓаат четири бродови од оваа класа („Смерч“ „Мороз“ „Инеј“ и "Разлив"). Овие бродови се изградени ви периодот од 1985 до 1991 година и се сведени на еден дивизион кој ги обезбедува руските територијални води на далечниот Исток. Како што рековме, малиот ракетен брод „Смерч“ е прв во флотата опремен со пасивна станица за радиоелектронско набљудување.

Тешкиот атомски ракетен крстосувач „Петар Велики“

Огнено крштевање

Руските мали ракетни бродови од класата 1234.1 „Овод“ го стекнаа своето прво борбено искуство за време на операцијата на руската војска во Јужна Осетија во август 2008 година. Тогаш, бродовите од оваа класа „Мираж“ и „Суздалец“ изведоа акција за обезбедување на два големи десантни брода („Цезар Куников“ и „Саратов“) кои минуваа низ територијалните води на Република Абхазија. Во поширокиот реон на обезбедување на оваа група бродови, забележана е активност на пет неидентификувани чамци кои се движеа со голема брзина, а кои со својата агресивна пловидба ја нарушија безбедноста во зоната околу десантните бродови.

По предупредувањето кое не беше испочитувано од страна на противничките чамци, малиот ракетен брод „Мираж“ лансираше две противбродски ракети „Малахит“ кои го погодија главното непријателско пловило. Ударот беше прецизен. Целта набргу исчезна од радарите. Потоа се дејствуваше со уште една ракета „Малахит“ која овој пат погоди друг чамец, по што и тој набргу потона.

Во моментов руската воена морнарица изведува големи работи на проектите за модернизација на бродовите специјализирани за покривање поблиската крајбрежна зона. Конкретно, на малите противподморнички бродови од класата 1124М „Албатрос“ кои се направени уште во времето на ССС, се вградуваат дигитализирани хидроакустични комплекси и нови видови противподморничко вооружување. Овој пакет модернизација во голема мера ќе ги подигне борбените способности на овие бродови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња