Руски ловец од петтата генерација ги менува постојните мотори АЛ-41Ф1

Владимир Сергеев/Sputnik
Рускиот повеќенаменски ловечки авион од петтата генерација Су-57 ќе мине низ етапата на државни тестирања со нови мотори.

„Во овој момент го тестираме моторот во втората етапа, по што ќе го интегрираме на воздухопловот за реализација на државните тестирања“, изјави за Интернет-порталот „Интерфакс“ рускиот вицепремиер д-р Јуриј Борисов. Тој додаде дека војската ќе биде опремена со 57-ки што го користат постојните мотори, но тие ќе бидат заменети со нови доколку ги минат сите неопходни тестирања. Првите сериски модели на авионот Су-57 во единиците на руската армија се очекуваат до крајот на оваа, пренесува Интернет-порталот Взгљад.

Борисов потврди дека тешкото ударно беспилотно летало С-70 „Охотник“ ќе го изврши својот прв лет исто така до крајот на оваа година. Инаку, ова беспилотно летало е планирано да се употребува во двојка со авионот Су-57. Борисов не сакаше да открива други детали околу проектот „Охотник“, зашто е разбирливо дека станува збор за чувствителна тема која и понатаму е под превезот на тајната.

На експерименталните прототипски модели на авионот Су-57 се поставени мотори АЛ-41Ф1. Овие мотори исто така се наоѓаат на опремата на рускиот ловец од 4++ генерација Су-35, а истиот мотор ќе биде дел од модернизираниот апарат Су-39. Моторот од втората етапа до своето официјално именување ја носеше ознаката „изделие 30“.

„Погонот има напредни карактеристики. Во својот состав има нови системи за управување, вентилатор и комори за согорување, како и целосно редизајниран мотор. Многу новини кои се применети на овој мотор немаат близок аналог во индустријата на воздухопловните мотори во целиот свет“, вели претставникот на Обединетата корпорација за производство на авионски мотори Антон Чечуков.

Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација, развиен од воздухопловните инженери на ОКБ „Сухој“. Наменет е за извршување на огромен спектар задачи кои можат да се постават пред една воздухопловна платформа, како што е остварување на апсолутна воздушна надмоќ над територија на која се изведуваат активни борбени дејства, уништување најразлични копнени цели и површински бродови кои се зајакнати со современи противвоздушни борбени средства, операции на извидување и надзор на воздушен простор на големи растојанија, уништување на командната инфраструктура на непријателот итн. Притоа тој може да развие брзина од 2.600 километри на час, а може да оствари долет од 4.300 километри. Поседува исклучително квалитетен радарско-електронски блок опрема кој овозможува на неколку стотини километри да детектира голем број воздушни цели и истовремено да следни триесетина.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња