Ексклузивна репортажа за новиот носач на ракети Ту-22М3М кој ќе оперира со хиперсонични средства

Youtube
Станува збор за длабоко модернизирано летало кај кое е речиси во целост заменета авиониката. Овој авион ќе може да носи најсовремени бомби и ракети, вклучувајќи ги и оние со хиперсонични карактеристики (Х-47М2 „Кинжал“). Основната цел на овој авион е ефикасна борба против копнените и поморските цели на непријателот на големи дистанци, со цел нанесување фатални загуби на противничката страна кои би довеле до брзо завршување на потенцијалниот судир.

Новиот руски модернизиран суперсоничен бомбардер Ту-22М3М ќе биде опремен со уред за дополнување гориво во воздух, соопштува Интернет-порталот „Звезда“ во својата специјална воена емисија „Военаја пријомка“.

„Разликата помеѓу модернизираниот авион Ту-22М3М и Ту-22М3 е во тоа што тој нема да има топ на делот од опашката, додека од друга страна ќе добие шипка за дополнување гориво во воздух“, рекоа соработниците на медиумот „Звезда“, а пренесува ТАСС.

Имено, првите верзии на овој авион имаа вградена опрема за дополнување гориво во воздух, но по потпишувањето на Договорот за ограничување на стратешкото вооружување (САЛТ-2) во 1979 година, оваа опрема беше демонтирана од сите летала. Подоцна сите авиони кои беа произведувани по потпишувањето на овој договор се комплетирани без дополнителна опрема за дополнување гориво во воздух.

Во јануари 2009 година, американскиот Интернет-портал „Уол стрит џурнал“ објави текст во кој се наведува дека Русија му доставила документ на Комитетот за меѓународни односи при сенатот во САД. Во овој документ Русите ги информирале своите американски колеги дека со модернизацијата на бомбардерот Ту-22М3 нема да се наруши договорот СТАРТ-3 од 2010 година и дека неговиот борбен радиус нема да надминува 8.000 километри.

Извор од КБ „Туполев“ кое ги произведува овие авиони рече дека внатрешната конфигурација на Ту-22М3М ќе биде радикално унапредена. Руските конструктори во обем од дури 80% ќе ја заменат електронската опрема во овој авион. Ќе биде поставен комплекс за противелектронска борба, нов систем за управување со леталото, нов локатор.

Извесно е дека Ту-22М3М ќе може да употребува и ракети до голем дострел Х-32. Станува збор за длабоко модернизираната ракета Х-22, која претставува основно офанзивно ракетно вооружување на авионот Т-22М.

Новата Х-32 во однос на својот претходник е значително помала, опремена е со нов тип мотор, а особено се работело на зголемување на способноста на ракетата да ја совлада противракетната одбрана на непријателот која е зајакната со системи за противелектронска борба. Нејзината траекторија на летот се наоѓа на висина од 40 километри, што е зона која не може да ја досегне американскиот поморски противракетен систем „Ејџис“.

Нејзината брзина е застрашувачка и достигнува цели 4.6 маха (речиси хиперсонична) што ја прави исклучително сложена цел за евентуално пресретнување. Кога ќе дојде во зоната на целта, ракетата на неа се насочува практично во целен правец, со што дополнително се компликува нејзиното фаќање зашто „Ејџис“ не може да ја озрачи зоната на „мртов“ агол која се наоѓа непосредно над бродот.

„Самата кабина на авионот според својата ергономика ќе стане многу покомотна“, вели неименуван извор од оваа руска воздухопловна компанија.

Дописниците на телевизискиот канал „Звезда“ изјавија дека првиот лет на длабоко модернизираниот бомбардер Ту-22М3М успешно е реализиран во декември минатата година и дека до денес се извршени уште најмалку четири дополнителни лета. „За време на четвртиот лет се искачивме на височина од 9.000 метри“, вели изворот од КБ „Туполев“.

Нова опрема за управување со современи бомби и со ракети

Специјалистите од Казањскиот воздухопловен завод „С.П. Горбунов“ (КАПО) планираат во перспектива на модернизираната верзија на авионот Ту-22М3М да интегрираат нов комплекс за управување со ракети и со наведувачки бомби.

„Во голема мера ќе ја зголемиме борбената ефикасност на нападно-навигацискиот комплекс на леталото. Покрај модернизацијата на самата опрема, ќе вградиме и неколку системи за наведување на современи ракети и воздухопловни бомби“, вели изворот од КБ „Туполев.

На модернизираниот носач на ракети применети се нови мотори и електронска опрема која е наменета за стратешкиот бомбардер Ту-160. Со овие технички зафати оперативниот долет на авионот е зголемен за дури 50%, додека неговиот екипаж ќе има проширен обем на можности за напади на различни цели, како и на планот на комуникацијата со мобилните земски и поморски терминали.

Според овој извор склопен е и друг експериментален примерок на авионот Ту-22М3М. „Го довршуваме комплетирањето на второто летало и преминуваме во фаза на експериментални тестирања. Наскоро на небото ќе имаме две вакви летала“, рече тој.

Воздухопловните експерти појаснија дека новата опрема која ќе биде тестирана на авионите Ту-22М3М во перспектива може да биде употребена за длабока модернизација на стратешкиот бомбардер Ту-160.

Објавен видеоматеријал од полетувањето на новиот бомбардер Ту-22М3М

На Интернет-ресурсите се појави видеоматеријал на кој се гледа полетувањето на новиот руски бомбардер Ту-22М3М. Оваа видеоснимка ја објави телевизискиот канал „Звезда“.

„Новиот руски бомбардер Ту-22М3М полета со стандардно раширени крила. Веќе при зголемувањето на неговата брзина и пробивањето на звучната бариера, овие крила се собираат кон трупот на леталото, при што авионот добива облик на стрела. Со максималната брзина (2.300 километри на час – заб. прев.) авионот лета во оваа аеродинамична форма“, се наведува на сајтот „Звезда“. Концепцијата на променлива геометрија на крилата му овозможува на авионот истовремено да има високи параметри на максимална брзина, како и одлични полетно-слетувачки карактеристики, се наведува во коментарот на овој видеоклип.

Пробниот пилот кој управуваше со ова летало Сергеј Бољшов особено го истакна високото ниво на информациска безбедност која во голема мера го поедноставува управувањето со леталото, како и управувањето со системите за вооружување.

Во близок временски период, руското Министерство за одбрана планира да ја модернизира флотата од 20 авиони на стандард Ту-22М3М. Секој авион ќе може да носи 2-3 ракети Х-32. Главниот изведувач на работите ќе биде Казањската фабрика за авиони, која е токму специјализирана за стратегиски бомбардери од семејството Т-22М и Ту-160.

Ту-22М3М е суперсоничен бомбардер со голем дострел кој може да се користи во различни типови борбени мисии. Во своето вооружување поседува широк спектар борбено оружје, од кое секако е најопасна ракетната компонента од класата воздух-земја и воздух-море. Широката палета вооружување му овозможува да се бори против голем број копнени и поморски цели на различни далечини. Во вооружувањето се наоѓа од 1989 година. Еден од најмасовните бомбардери со голем дострел кој се наоѓа во составот на руската армија. Авиони од овој тип се применувани и во операцијата на руската војска во Сирија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња