„Руски витези“ и „Стрижи“ ја отворија летачката програма на саемот „Армија-2019“ (ВИДЕО)

Марина Лисцева/TASS
Обединетата воздухопловна корпорација (рус. ОАК) ќе биде присутна во полн капацитет на меѓународниот воено-технички саем на вооружување и воена опрема „Армија-2019“. На саемот ќе бидат изложени оперативни летала од стратешката, оперативно-тактичката и транспортната авијација.

Летачката програма на саемот на оружје и воена опрема „Армија-2019“ го отвори акробатската група „Руски витези“ која леташе на апарати Су-30СМ од генерацијата 4+ и „Стрижи“ на апарати МиГ-29.

Обединетата воздухопловна корпорација (рус. ОАК) на овој саем ќе ја претстави комплетната линија авиони на фронтовската, воено-транспортната и стратешката авијација кои се наоѓаат во вооружувањето на Воздушно-космичките сили (рус. ВКС) на руската армија, пренесува интернет-порталот ТВ „Ѕвезда“.

Првиот човек на OAK Јуриј Сљусар за новинарите изјави дека тестирањето на повеќенаменскиот ловец од петтата генерација се одвива според планот. Во програмата учествуваат 10 комплетирани авиони од овој тип. Во согласност со договорот потпишан со Министерството за одбрана на РФ, ОАК уште годинава ќе почне да ги испорачува првите сериски произведени ловци од петтата генерација до воздухопловните единици на ВКС. Во овој момент во фабриката за авиони што ќе ги склопува овие авиони, а која се наоѓа во градот Космомолск на Амур, започнува сериското производство на овие летала.

„Конечната цена на готовиот авион ќе биде оптимизирана поради почетокот на сериското производство и подигнатиот степен на меѓусебната координација во рамките на воздухопловниот кластер на „Ростех“, рече Сљусар.

Тој додаде дека авионот ќе биде многу конкурентен кога станува збор за споредба со другите авиони од петтата генерација, и тоа како според техничките, така и според економските показатели.

Сљусар истакна дека воено-техничкиот саем „Армија-2019“ е главната манифестација за презентација на воена техника, на која ќе бидат претставен модели на стратешката, оперативно-тактичката и транспортната авијација. Според него, длабоко модернизираниот воено-транспортен авион Ил-76МД-90А привлекува големо внимание кај потенцијалните купувачи. Овој авион сериски се произведува во фабриката за авиони во Улјановск.

„Задачите поставени пред неговиот развој и производството се многу амбициозни. Доволно е да се каже дека е планирано да се произведат неколку стотици вакви летала“, рече Сљусар.

Компаниите во рамките на OAK на саемот ќе прикажат нов мобилен комплекс кој е унифициран за ремонт на различни летала. Основна задача на овој комплекс е техничка поддршка на инженерско-техничкиот состав кој ги одржува леталата. Во состав на комплексот влегува лесномонтажен хангар, кој овозможува во рок од еден час на отворена ливада да се комплетира ремонт база во која е можно да се изведува целиот обем на работите како и во стандардни услови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња