5 најдобри авиони на познатото руско претпријатие „Иљушин“

Ил-76 МД

Ил-76 МД

Муса Салгереев/Sputnik
Ниту едно конструкторско биро на светот не може да се пофали со толку голем број произведени воени авиони како рускиот „Иљушин“.

1. Ил-2

Нити еден друг воен авион во историјата немал толку примероци како Иљушин Ил-2 – вкупно се произведени 16.183 летала од овој тип.

Имал појак оклоп од своите противници во Втората светска војна и бил добро заштитен од огнот од земјата. Го добил прекарот „летечки тенк“. Германците го нарекувале „бетонски бомбардер“ и „црна смрт“. Нападите од ескадрилите Ил-2 имале разорен и демолирачки ефект на германските единици.

Ил-2, меѓутоа, бил ранлив од напади на многу побрзите германски ловечки авиони, зашто на задниот дел на таканаречениот „штурмовик“ му недостасувал оклоп. Поради тоа во почетниот период од војната, кога советското воено воздухопловство немало доволно ловци за покривање на „летачките тенкови“, загубите на Ил-2 биле огромни. Еден Ил-2 бил соборуван на секои 10 борбени мисии. Од 1943 година ситуацијата донекаде се поправила, па во просек еден Ил-2 траел 26 мисии.

2. Ил-14

Иако најдобрата верзија на овој авион нема примено повеќе од 36 патника (најмалку 18), Ил-14 беше главниот советски патнички авион во педесеттите години од минатиот век. Со задоволство го користеле и официјалните делегации за патувања во Индија, во Авганистан и во Европа.

Бил одличен и за суровите зимски услови, па поради тоа и бил главен авион на рускиот север, на Арктик и Антарктик. Сметајќи го и СССР, го користеле 32 држави од светот. Некои примероци на Ил-14 сѐ уште летаат како товарни или како воени авиони.

3. Ил-28

Првиот советски млазен бомбардер Ил-28 бил омилен кај домашните пилоти зашто простувал многу грешки во воздухот и продолжувал со контролиран и стабилен лет.

Има доживеано 17 верзии, од бомбардер на подморници до тактички атомски бомбардер со првата советска атомска бомба која влегла во сериско производство РДС-4, која нагалено е нарекувана „Татјана“.

Ил-28Е

Од сите воени авиони со кои на почетокот на педесеттите години располагала советската авијација, само Ил-28 бил во состојба на денот на погребот на Сталин на 9 март 1953 година да пролета ниско над Црвениот плоштад по мошне лошото време.

Овој авион има учествувано во многу воени конфликти во светот: граѓанската војна во Јемен (1962-1970) и во Нигерија (1967-1970), во војните во Виетнам и во Камбоџа (1978-1989), а ги имаат користено и арапските држави во конфликтите со Израел во шеесеттите и во седумдесеттите години од минатиот век.

4. Ил-62

Иљушин 62 е првиот советски млазен авион за долги релации. Кога во 1963 година за првпат се вивнал во небото бил најголем патнички авион во светот.

Ил-62M

За разлика од својот претходник Ту-114, Ил-62 не бил проектиран на база на воено летало. Ту-114 бил подобар според некои технички карактеристики како што е потрошувачката на гориво, но Ил-62 бил побрз, посигурен и поудобен, што играло голема улога во меѓународниот сообраќај.

Ил-62 ги поврзувал континентите и морал да го претставува Советскиот Сојуз во најдобра светлина.

Тој беше и „претседателски авион“ во СССР и во Русија сѐ до 1995 година кога го замени Ил-96. Инаку, главниот авион на Путин е Ил-96-300ПУ, додека еден Ил-62М сѐ уште е при рака како замена.

Авиопревозниците од целиот свет полека се откажуваат од авионот Ил-62, а во Русија уште го користат во Министерството за одбрана и во Министерството за вонредни состојби. Авиопревозникот на Северна Кореја „Ер Корјо“ има на располагање три вакви авиони, а на четвртиот лета претседателот на земјата Ким Џонг Ун.

5. Ил-76

Постојат речиси илјада примероци од леталото Ил-76 кои се конструирани уште во седумдесеттите години од минатиот век, и според тоа е светски рекордер кај воено-транспортните авиони.

Авионот може да превезе 245 вооружени војници, 126 падобранци или три-четири оклопни и пешадиски возила.

Има доживеано многу модификации, а една од последните Ил-76МД-90А. На база на овој авион се прават авиони-танкери, авиони за далечинско радарско откривање цели и за набљудување.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња