Путин одобри: Во Ростов започна производството на 100 модернизирани офанзивни хеликоптери Ми-28НМ

Слободан Ѓукиќ
Во Ростов на Дон започна производството на група од точно 100 офанзивни хеликоптери Ми-28НМ. До 2027 година сите модернизирани „Ноќни ловци“ ќе станат дел од Воздушно-космичките сили на руската армија.

„Врховниот командант донесе одлука до 2027 година во единиците на руската армија да се испорачаат 100 нови хеликоптери. Првите модел веќе почнаа да се склопуваат“, рече за телевизискиот канал Звезда заменик-министерот за одбрана Алексеј Криворучко.

Покрај тоа, постоечката флота борбени хеликоптери на армиската авијација ќе биде опремена со современи радионабљудувачки и противелектронски комплекси за заштита, како и со борбени средства со зголемена ефикасност и дострел, пренесува Интернет-порталот РГ.

Станува збор за новата противтенковска наведувачка ракета со воздушно базирање „Хризантема-М“ со двоканален тип на наведување. Употребата на оваа ракета ќе овозможи ефикасно неутрализирање со широк спектар на подвижни и неподвижни цели на оддалеченост од 10.000 метри, додека „Атака“ може да стаса на оддалеченост од 6.000 метри.

Треба да се спомене дека новите ракети „Хризантема-М“ беа ставени и на верзијата за извоз „Ноќен ловец“ која е прикажана на меѓународниот саем за вооружување и воена техника „Армија-2018“.

Но, главна одлика на модернизираниот офанзивен хеликоптер Ми-28НМ од претходната верзија е преместувањето на радарската станица за кружно набљудување на врвот на роторот, како и дуплирање на системите за управување со леталото (покрај пилотот со ова летало во посебни услови може да управува и пилот-оператор). Покрај тоа, оваа верзија на хеликоптерот ќе може да изведува борбени операции во содејство со беспилотни летала, вклучувајќи го и далечинското управување со група извидувачки и офанзивни дронови.

Модернизацијата опфати и зголемување на погонската сила, како и на цврстината и отпорноста на лопатката на елисата. Ова ги подобри вкупните летно-технички карактеристики на леталото, обезбедувајќи му поголема ефикасност во ридско-планинско подрачје и особено во пустински услови. Се зголеми и вредноста на крстосувачката брзина на леталото, што му овозможи подобри маневарски способности.

Во март оваа година се појави информација дека длабоко модернизираната варијанта на ударниот хеликоптер Ми-28НМ успешно го поминала тестирањето во реални борбени услови, односно во Сирија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња