КАБ-250
Виталиј В. Кузмин„Во Русија врз база на корпорацијата КТРВ е основан индустриски кластер кој се занимава со проектирање и сериско производство на торпедно оружје. Ние не зависиме од бившите сојузни републики кои претходно беа вклучени во индустрискиот процес на производство на торпедни системи. Тоа го потврдува и фактот дека Воената морнарица на Русија го добива ова оружје во потребните количини и активно го користи во своите единици“, изјави Крилов за агенцијата ТАСС.
Притоа тој истакна дека сега особено внимание му се посветува на развојот и производството на електроника за торпедно оружје.
„Ние целосно самостојно го произведуваме „електронскиот мозок“ на торпедата и противподморничките средства. Може со сигурност да се каже дека тој процес е локализиран кога се работи за повеќето модели кои денеска се произведуваат, а тоа се торпедото „Физик“, противподморничкото торпедо со мали габарити МПТ, антиторпедото АТ и [авијациската противподморничка ракета] АПР-3М“, додаде тој.
Генералниот директор на „Регион“ исто така соопшти дека материјалот и основните електронски делови се нарачуваат од други производители, додека неговата компанија ги врши монтажата, склопувањето, завршните работи и тестирањето.
Крилов рече дека рускиот ловец од петта генерација Су-57 ќе биде вооружен со најновата наведувана бомба КАБ-250, чие сериско производство почнува наредната година.
„Тестирањето на бомбата КАБ-250 е во завршна фаза. Ни остана дополнително да потврдиме одредени нејзини карактеристики. Се надеваме дека тоа ќе биде сторено во најскоро време. Веќе е извршен целиот циклус тестирања на новата авионска бомба на тактичкиот бомбардер Су-34 и во иднина таа ќе биде интегрирана во арсеналот на вооружувањето на ловецот Су-35. Покрај тоа, предвидено е распоредување на бомбата КАБ-250 во внатрешност на најновиот ловец од петта генерација Су-57“, рече тој.
Игор Крилов прецизираше дека на Воздушно-космичките сили веќе им се испорачуваат нови наведувани бомби тешки 500 и 1500 килограми. Веќе се склучени и внатрешни и надворешни договори за испорака на ова вооружување. Завршен е целиот циклус тестирања на нова бомба и таа сега им се испорачува на единиците на Воздушно-космичките сили“, додаде тој, истакнувајќи дека во најскоро време ќе почне испораката на наведените бомби на странските купувачи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче