Руската армија ќе ја чува главната трансконтинентална трговска рута на иднината

Извор: сајт Бог-рата
Руската армија во целост ќе го затворат воздушниот простор над Северниот поморски пат кој е долг 5.600 километри. Станува збор за трансконтинентална маршрута со огромни комерцијални можности. Се претпоставува дека само преку овој пат ќе се разменува стока во износ од неколку стотини милијарди долари. Покрај тоа целата акваторија на Северниот леден океан е од примарно значење за руската арија зашто преку него ќе минува најкусиот ракетен коридор за евентуален удар врз Русија.

Северниот морски пат до крајот на 2020 година во целост ќе биде заштитен од напади од воздушниот простор. Ова за Интернет-порталот „Известија“ го изјавија неколку неименувани извори од руското Министерство за одбрана. Во тој контекст во регионот на Заполарјето формирана е 3 дивизија за ПВО која се опремува со забрзано темпо. На архипелазите од арктичката зона се поставуваат дополнителни радарски капацитети, како и ракетни единици за ПВО кои се опремени со комплексите С-400 и „Панцир-С“. На овој начин Русија ќе обезбеди целосна контрола над трговскиот пат, преку кој во перспектива ќе се превезува половината од евроазискиот товар, пренесува Интернет-порталот Бог-рата.

Во овој момент во целата арктичка зона и на околните острови, забрзано се градат инфраструктурни објекти што ќе ги користи исклучително моќна група за ПВО, со цел покривање на комплетниот простор. Особено внимание ќе биде насочено кон опремувањето на овие единици. Ракетарите на Северната флота веќе ги добија ракетите од класата земја-воздух си голем дострел 40Н6 кои ги користат ракетните за ПВО/ПРО С-400 „Триумф“.

Стратешки правец со планетарно трговско значење

Во последниве неколку години значењето на арктичкиот појас за Русија, но и за други држави од светот, нагло порасна. Поради глобалното затоплување, границите на ледениот океан се оддалечија од копното, што создаде услови за поширока експлоатација на арктичката поморска рута во комерцијални цели. Овој пат е покус и со самото тоа е порентабилен од другите поморски маршрути кои ја поврзуваат Азија со Европа.

Во перспектива оттука ќе се превезува најмалку половина од трансконтиненталниот товар, со обрт од неколку стотини милијарди американски долари.

„Со цел да ги заштитиме нашите интереси на Арктикот, образуван е силен систем за ПВО кој беше ликвидиран по распадот на СССР“, вели за Интернет-порталот „Известија“ поранешниот заменик на командантот на ВВС во врска со здружениот систем за ПВО на земјите од ЗНД, генерал-полковник Ајтеч Бижев.

„Северот е исклучително важен стратешки правец“, вели рускиот генерал. „Најкусото растојание од САД до најважните индустриски региони со најголема концентрација на популација во Централна Русија, Урал и Сибир минува токму преку Северниот пол. Во случај на конфликт од пошироки размери, американската војска најжестокиот удар ќе го изведе токму преку овие ракетни коридори. Додека на чело на САД беше Никсон, американските генерали разработија стратегија за напад врз СССР кој би подразбирал концентрација на удари преку Арктикот. Оваа операција го доби називот „Гигантско копје“. Преку овие маршрути требаше да летаат интерконтинентални балистички ракети и стратешки бомбардери вооружени со нуклеарни борбени средства. Советските авиони и средствата за ПВО можеа да ги дочекаат на приближно 1.000 километри оддалеченост од нашиот брег. Во овој момент нашата држава забрзано ги обновува капацитетите кои се аналогни на ваквата одбранбена концепција“, вели воениот експерт.

ПВО ќе биде составена од ракетни системи С-400 „Триумф“ и од суперсонични ловци МиГ-31БМ

Должината на Северниот морски пат од теснецот Порта до Заливот на промислата на Чукотскиот полуостров изнесува 5.600 километри. За обезбедување на овој поморски пат кој од Норвешка оди до Чукотка, задолженa е 45 армија на ВВ и ПВО на руската војска, која е составена од 1 и 3 дивизија за ПВО. Овие единици не се распоредени само на копното, ами и по архипелазите Нова Земја, Северна Земја и Земјата на Франц Јосиф.

Во зоната на одговорност на 1 дивизија за ПВО се наоѓа Колскиот полуостров и Архангељск со Северодвинск. Составена е од три ракетни и два радарски полка за набљудување на воздушниот простор. Во составот на 3 дивизија за ПВО влегува и 33 ракетен полк за ПВО базиран во Рогачево кој се наоѓа на Нова земја, потоа радарски единици кои се густо распоредени по многубројните острови и делумно на копното, а исто така и пункт за управување со борбената авијација кој го покрива просторот над Северната рута, конкретно од Нова земја до островот Врангел. Крајната источна етапа на поморскиот пад (сè до Северни Курили) ја штити 53 дивизија за ПВО која влегува во составот на Тихоокеанската флота.

Моментално овој оперативно-стратешки состав на ПВО, поточно 45 армија, минува низ фаза на интензивно опремување. Минатата година беше обновен арсеналот радарски станици кои се наоѓаат во нејзиниот состав. Оваа година се планира воведување на ракетните системи С-400, со кои ќе се обезбеди добар дел од нејзините единици за ПВО. Еден од ракетните полкови неодамна ги доби хибридните топовско-ракетни системи „Панцир-С“ кои ќе ги покриваат ракетните системи со голем дострел С-300 и С-400, а исто така и воените и административни објекти.

Здружените сили на Северната флота исто така ќе добијат системи С-400 со нови ракети со голем дострел 40Н6. Оваа ракета е наменета за уништување голем спектар различни воздушни цели на далечини кои достигнуваат 400 километри.

Поранешниот командант на ракетната војска за ПВО во рамките на Воено-воздушните сили на Руската Федерација генерал-полковник Александар Горков, истакна дека одбраната на Северниот поморски пат е мошне сложена задача. „Во времето на СССР за покривање на целиот овој појас беа ангажирани потенцијалите на дури четири армии, вели воениот експерт. Основните сили беа распоредени на Колскиот остров кој се наоѓаше во зоната на одговорност на 10 самостојна армија за ПВО. Тешко е да се одговори на вашето прашање како сето тоа може ефикасно да се покрие со значително помали сили, како што е случајот денес. Во основа, организацијата на ПВО и понатаму останува иста. Прво треба да се образува силна радарско-набљудувачка компонента која ја покрива целата таа зона, и паралелно со тоа да се изгради ефикасен систем на оган, кој ќе реагира на секој напад. Мошне е важно да се формира и силен воздухопловен ешалон кој, на пример, ќе биде составен од ловци-пресретнувачи МиГ-31“, вели рускиот генерал.

НАТО интензивно го набљудува овој појас

Интересот на странските држави за овој пат е огромен. Во последниве години значително е зголемен интензитетот на набљудувачките активности со специјални авиони и беспилотни летала на државите од НАТО во поширокиот регион кој го покрива ПВО на руската Северна флота. Не порасна само бројот на летовите што се регистрирани над овој простор, ами и количеството потрошено време што се користи за извидување на оваа зона. На овој простор особено се активни набљудувачките авиони „Орион“ и „Фалкон-20“.

Минатата година се појавија и американските стратешки беспилотни апарати за изведување Ар-Кју-4 Глобал Хок, кои ја проверуваа способноста на ПВО која се наоѓа во составот на Северната флота. Секако тие веднаш беа забележани и беа следени во текот на целото време на изведувањето на мисијата.

Набљудувањето не е само ограничено на воздушни средства. Тоа се изведува и од море. Минатата година по траекторијата на Северниот пат мина францускиот брод за поддршка „Рона“. Командирот на бродот изјави дека целта на овој долг поход е „понатамошно унапредување на знаењата кога станува збор за овој регион“. Во секој случај ваквото самостојно и непријавенo „крстосување“ во северните руски води во перспектива ќе биде оневозможено. На ваквата практика, по сè изгледа, ќе ѝ биде ставен крај наскоро.

Во овој момент руската влада го разгледува правилникот за минување на странски воени бродови низ оваа зона. Имено, сите странски бродови ќе мора да ја известат Русија за време на влегувањето и минувањето по траекторијата на Северниот пат (максимум до 45 дена), каде исто така ќе мора на своите бродови да примат и специјалисти од руската воена морнарица кои со нив ќе пловат до излегувањето од оваа зона. Независно од овие услови, дозволата може да биде одбиена. Во случај на непочитување на овие правила Русија законски ќе преземе итни мерки за запленување или за уништување на пловниот објект кој непријавено влегол во зоната на Северниот морски пат.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња