Завршено тестирањето на системот за ПВО што не го гледаат непријателските противрадарски ракети

Слободан Ѓукиќ
Станува збор за систем кој воопшто нема свој радар. Комплетното пребарување на воздушниот простор се врши во целосно пасивен режим на работа која е невидлива за непријателот. Опремена со силни оптичко-електронски уреди и агилни ракети од класата земја-воздух „Сосна“ ќе биде исклучително опасно борбено средство за голем број воздушни цели.

Русија успешно ја заврши комплетната фаза на тестирање на перспективниот ракетен систем за ПВО со краток дострел „Сосна“¹, изјави за Интернет-порталот РИА Новости Валериј Макеев, кој ја извршува функцијата на еден од директорите на КБ „Точмаш“, кој инаку се занимава со развојот на споменатото средство.

Според него, овој мобилен систем за ПВО ќе се одликува со висок степен на ефикасност и прецизност во борбата против различни воздушни цели. Особено ќе се истакнува високиот степен на борбена жилавост на фронтот (висок степен на преживување), комплетната автоматизација на сите сегменти на работа и брзината на реагирање на потенцијалната закана во воздушниот простор.

Освен тоа, системот за ПВО „Сосна“ ќе има најголем дострел од сите системи за слична намена во земјата, но и во светот, а кои дејствуваат во пасивен режим на работа така што своите ракети го наведува кон целта со помош на ласерски сноп.

Овој систем е за првпат претставен на саемот за вооружување и воена опрема „Армија-2018“. Главен конструктор на овој систем е рускиот конструктор Владимир Уклеев. Тој на презентацијата истакна дека комплексот во целост е способен ефикасно да дејствува во сложени метеоролошки услови, дење и ноќе, како во место, така и во движење.

Системот е развиен на модуларен принцип што овозможува негово разместување на различни мобилни платформи, како што се на пример на возила на тркала или со гасеници, чија носивост не е помала од 3.5 тони. Конкретно „Сосна“ се наоѓа на мобилна платформа со зголемена оклопна заштита и голема проодност МТЛБ. Покрај тоа, системот има способност за константна модернизација со додавање перспективни примероци на автоматска борбена команда.

Автоматизираниот систем за ПВО „Сосна“ е наменет за непосредно огнено покривање на воздушниот простор над копнените борбени ешалони во напад, за време на марш, изведување одбранбени дејствија и слично.

Друга, ништо помалку значајна карактеристика на овој систем е респектабилниот борбен комплет кој се состои од 12 наведувачки ракети од класата земја-воздух со калибар од 130 милиметри кои можат да погодат различни воздушни објекти чија брзина достигнува 300 метри во секунда на оддалеченост од 10 километри и височина од 5 километри. Овие ракети се сместени на ротирачки модул кој покрива простор од 360 степени околу возилото. На него се наоѓаат 2х6 ракети „Сосна-Р“ кои се сместени во специјални транспортно-лансирни контејнери кои се слични како кај системот за ПВО „Панцир“.

¹ Во горниот дел од борбениот модул на „Сосна“ се наоѓа жиростабилизирана платформа на која е сместен блок оптичко-електронска опрема која е составена од повеќеканален систем за наведување (термовизиска и телевизиска техника) + ласерски далномер и ласерско управување со ракетата. Неговата оптика може да открие и да следи летало со големина на ловечки авион на оддалеченост од неколку десетина километри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња