Важен ден за модерна Русија: Полета првиот транспортен авион конструиран по распадот на СССР

Youtube
Авионот успешно го изведе својот прв лет во вкупно траење од 45 минути. Се работи за првиот воено-транспортен авион во постсоветската ера, изграден практично од нула. При неговата изградба и комплетирањето во целост е употребена руска технологија.

„Првиот лет на лесниот воено-транспортен авион Ил-112В е успешно реализиран“, соопшти информативната служба на воздухопловната  компанија „Илјушин“. Екипажот кој управуваше со ова летало беше предводено од главниот тест пилот на компанијата Николај Куимов, инаку носител на најголемиот орден на Руската Федерација.

Алексеј Рогозин, генералниот директор на компанијата „Илјушин“ кој истовремено е и потпретседател на акционерското друштво „Обединета воздухопловна корпорација“ за секторот транспортна авијација, рече дека „Ил-112В е првиот воено-транспортни авион во постсоветската ера, изграден практично од нула. Овој авион ќе помогне во извршувањето на многу задачи, како во сферата на воената логистика, така и во цивилниот сектор“, пренесува интернет-порталот „Известија“.

Рогозин потсети дека овој авион е во 100% обем изграден со помош на руски технологии. На него нема ништо што е од увоз. Голем број делови и склопови кои станаа составен дел на овој авион се направени во производствените структури на државната корпорација „Ростех“. Вториот човек на руската Влада, д-р Јуриј Борисов рече дека Ил-112В е единствена воздухопловна платформа која ќе послужи за понатамошен развој на воената, но и на цивилната авијација.

Ил-112В претставува лесен воено-транспортен авион наменет за транспорт на товари со помали габарити, како и на жива сила. Максималната тежина на товар што ќе ја превезува овој авион нема да надминува 5 они. Како и кај својот претходник (авионот Ан-26), се работи за концепција на слободно-носечки висококрилец кој ќе се движи со два силни турбоелисни мотори¹. Основното барање при неговата конструкција беше да се добие апарат кој е способен да  користи кратки аеродромски писти, вклучувајќи и принудно направени писти кои воопшто не се бетонирани (пустини, ливади, ниви). Исто така, се инсистираше да се добие летало кое е многу лесно за одржување, а кое се одликува со висок степен на техничка жилавост при експлоатацијата со работен век од речиси 35 години (45000 работни часови или околу 30000 полетувања).

Авионот покрај стандардната воена верзија, која ќе обезбеди сигурен и комфорен превоз на различна воена техника, борбен товар, војници во полна борбена опрема и сл., ќе има и своја цивилна варијанта за превоз на класични патници (верзија со ознака –Т).

¹Силата на секој турбоелисен мотор ТВ7-117СТ  кој ќе го движи овој авион ќе достигнува 3000 коњски сили, што ќе обезбеди Ил-112В да достигне брзина на летање од околу 550 км/час, како и да префрли група од 44 војници со полна воена опрема на растојание од 2400 километри без да дополнува гориво во воздух.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња