Американски експерти: Новиот дрон на „Калашников“ може да го измени светот исто како АК-47?

Youtube
Експертот за меѓународни односи Николас Гросман предупредува дека корисниците на овој дон „во своите раце ќе имаат бомба со високи параметри на прецизност која нема конкуренција во светот, освен кога станува збор за неколку модели „паметни“ бомби кои ги користи американското воено воздухопловство“.

Новите беспилотни летала со мали димензии (микро-БПЛ) претставени преку моделот „Куб-БЛА“ има потенцијал да доведе до радикални измени на боиштата ширум светот, токму онака како што своевремено тоа го направи автоматската пушка АК-47, предупредува американскиот пишан медиум „Вашингтон пост“, а пренесува Интернет-порталот ТАСС.

Токму како и неговиот славен претходник и овој беспилотен апарат е осмислен во лабораторијата на веројатно најголемиот производител на стрелечко оружје на сите времиња – концернот „Калашников“.

„Руската компанија која своевремено на светот му ја подари легендарната автоматска пушка АК-47, го претстави офанзивното беспилотно летало кое на сличен начин може да донесе револуција во тактиката на изведување на борбените дејствија. Станува збор за летало кое е направено врз основа на леснодстапни и евтини технологии за изградба на борбени дронови“, се наведува во текстот.

Американскиот весник подвлекува дека овие беспилотни летала „можат да го изменат карактерот на боиштата“, да го „изменат светот“ токму онака како што во минатиот век тоа го направи „нејзиниот постар брат“ АК-47 кој наголемо беше ословуван како „Калашников“. Во текстот понатаму се наведува дека советската/руската автоматска пушка АК-47 „до денешен ден е мошне ефикасно оружје“, при што и самиот Пентагон со ова оружје обилно „ги снабдува своите сојузници во Сирија и во Авганистан“.

Во текстот се наведува дека новиот дрон „Куб-БЛА“ е направен по слични барања, а тоа е целиот систем да биде неверојатно едноставен за употреба, борбено ефикасен и евтин. Значи, благодарение на овие фактори ќе дојде до еден вид револуција кога станува збор за семејството на беспилотни летала.

„Вашингтон пост“ ги пренесува зборовите на професорот Николас Гросман кој работи на Катедрата за меѓународни односи на универзитетот во Илиноис. Тој смета дека оној што ќе го набави овој дрон „во своите раце ќе има бомба со високи параметри на прецизност кои немаат конкуренција во светот, освен кога станува збор за неколку модели 'паметни' бомби што ги употребува американското воено воздухопловство“. Професорот верува дека развојот на новиот руски дрон е „демократизација на паметните бомби“. Ова го означува почетокот на ерата на „широка распространетост и достапност на високопрецизното оружје како што се паметните бомби“.

Еден од претставниците на концернот „Калашников“ во претставувањето на својот нов производ нагласи дека „Куб-БЛА“ ќе биде во голема мера поевтин во однос на американските и на израелските беспилотни летала. Но, тој не сакаше да зборува за неговата поединечна цена. Основна претпоставка е дека овие летала наменети за пазарите на земјите кои немаат толку бројна војска и кои себеси не можат да си дозволат набавка на високопрецизно оружје кое е мошне скапо. Американскиот весник е уверен дека овие летала својот пат ќе го најдат и до различни терористички групи кои дејствуваат ширум светот, зашто „Куб-БЛА“ е едноставно идеален за изведување терористички напади. Тоа може да биде исклучително сериозен проблем кога станува збор за оваа технологија.

Дополнително за новиот дрон на концернот „Калашников“

Концернот „Калашников“ (претставува дел од државната корпорација „Ростех“) на меѓународниот саем на вооружување и воена техника ИДЕКС-2019 кој се одржува во Абу Даби (ОАЕ) го претстави новиот производ – беспилотното летало „Куб-БЛА“.

Како што е прикажано и во видеопрезентацијата, беспилотното летало е опремено со моќна боева глава која се активира кога ќе ја достигне својата цел. На штандот на концернот „Калашников“ леталото беше претставено во вид на макета која е двојно помала од неговата проектирана големина.

Леталото може да патролира ширум реонот на боиштето во потрага по целта, и по откривањето да нападне со паѓање од воздух. Тоа има можност нападот да го изведе и по вертикална траекторија на летот таканаречено „пикирање“. Ова му овозможува на леталото да го уништи непријателското оклопно возило така што ќе ја нападне неговата најслаба точка – врвот на возилото кадешто оклопот е најтенок. Широкодостапните системи за ПВО имаат мошне мала ефикасност против ваквиот вид оружје.

Неговите основни техничко-тактички податоци се:

  • Должина 1210 мм
  • Висина 165мм
  • Ширина 950 мм
  • Брзина на летот 80-130 км/ч
  • Траење на летот до 30 минути
  • Максимална носивост до 3кг

Леталото го развија и го произведоа инженерите на компанијата „Зала аеро“ која се наоѓа во состав на концернот „Калашников“. Беспилотниот дрон-камиказе „Куб-БЛА“ ги мина сите летно-технички тестирања и е подготвен за производство.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња