Во руската армија е воведена забрана за мобилни телефони

Reuters
Во Државната дума е завршена конечната расправа за нацрт-законот со кој на војниците и на офицерите им се забранува носење мобилни телефони за време на службата, како и на сите уреди кои овозможуваат Интернет-конекција. Покрај тоа, тие нема да имаат право на социјалните мрежи да изнесуваат податоци поврзани за својата служба.

Новата забрана ќе важи за воени лица, но и за цивилните воени обврзници додека се на воена вежба. Тие немаат право да пласираат во медиумите и на Интернет податоци кои укажуваат на нивната припадност во Вооружените сили на Руската федерација, нејзините воени формации и органи.

Воените лица нема да можат да распространуваат ниту информации за други воени лица, како ни за резервистите и за граѓаните кои се отпуштени од воената служба, ниту за членовите на нивните семејства и нивните родители. Меѓу другото, нема да смеат да шират информации кои овозможуваат да се определи каде се наоѓаат тие лица во одреден период. Сево ова се само дел од забраните за ширење информации, а нивниот целосен список е многу поголем. Статус „доверливо“ ќе имаат и податоците за дејствувањето и локацијата на воените единици. Забранетите информации не смеат да се пласираат ниту во вид на текстуално соопштение, ниту во вид на фотографии, на видеоснимки или во формат на геолокација.

Од друга страна, во новите измени на законот е прецизирано дека овие забрани не можат да се однесуваат на оние воени лица чија должност е токму да шират вакви информации на однапред дефиниран начин и да соработуваат со медиумите.

Со дополнувањето на законот исто така се забранува носење телефон, таблет и други уреди кои имаат функција за чување податоци и Интернет-конекција. За волја на вистината ова ограничување важи само за периодот на извршување на определени должности на воената служба, на пример, за време на водење борбени дејствија, воено дежурство и престој на територијата на воената единица. Во споменатите ситуации воените лица ќе имаат право да носат обични „старински“ телефони со тастери и без камери. Смартфоните и другите уреди со Интернет-конекција можат да се користат приватно кога не се на должност.

Како што во текот на третата расправа за овој нацрт-закон изјави заменикот на Комитетот на Државната дума за одбрана Андреј Красов, законот е насочен кон осигурување на безбедноста на воените лица, дури и на пензионираните, како и на членовите на нивните семејства. Една од целите е и спречување на информациско и психолошко влијание од страна на странските специјални служби и на терористичките организации.

„Овој закон нема задача да им го комплицира животот на воените лица, ами да ги заштити од надворешни влијанија“, изјави од името на фракцијата Единствена Русија членот на споменатиот комитет Владимир Богодухов

Лидерот на Либерално-демократската партија на Русија (ЛДПР) Владимир Жириновски повика на војниците да им се обезбеди „компензација“ во вид на внатрешен воен Интернет, за „барем тие меѓусебно да можат да комуницираат“. Жириновски обрна внимание на тоа дека социјалните мрежи за „напредната младина“ е еден вид „информациски наркотик“, така што новиот закон може да ги стимулира потенцијалните војници да не се јават на служба и да не служат по договор. 

Заменик-министерот за одбрана Николај Панков претходно им појасни на пратениците на рускиот парламент дека за кршење на забраните се предвидени дисциплински мери (кои, како што рече, ги определува командантот), додека војниците на договор можат да бидат отпуштени пред истекувањето на договорниот период. 

Првиот заменик на претседателот на Комитетот за одбрана Александар Шерин истакна дека нема да има потреба за целосно напуштање на Интернетот. Војникот може, на пример, да објави своја фотографија од парадата на Црвениот плоштад. „Но, ако се фотографира пред техника која е во државна тајност, или за време на воена вежба, ако со фотографија покаже каде се наоѓа, тогаш за тоа ќе одговара“, рече тој. „Служењето воен рок кај младите луѓе треба да се асоцира со чување тајни и со свест дека на потенцијалниот противник нашите вооружени сили не треба да му бидат видливи како на дланка“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња