Командантот на военото воздухопловство на Шведска Матс Хелгесон изјави дека шведскиот ловец „Грипен Е“ би ги победил руските ловци од типот Сухој (Су-27, Су-30СМ, Су-35) во хипотетичка воздушна борба, наведува американскиот портал „Бизнис инсајдер“.
Како што забележува американскиот Интернет-портал, ловецот ќе има „извонредни технички способности кои ќе претставуваат кошмар за руските борбени авиони“. Станува збор за систем за противелектронска борба кој ќе му овозможи на шведскиот авион Грипен Е да биде невидлив за противникот, пренесува рускиот Интернет-портал РИА Новости.
„Грипен, односно неговата модернизирана верзија Е е конструиран да уништи серија руски авиони што ги произведува концернот Сухој. Ние направивме ловец кој има 'црн појас' за таквиот вид борба“, истакнува командантот на шведското воено воздухопловство Матс Хелгесон.
Според оценките на експертите, шведските авиони ги надминуваат своите конкуренти кога станува збор за ефикасноста на средствата за противелектронска борба кои имаат за цел попречување на непријателските радари. Но, како што напомнува американскиот Интернет-портал Бизнис Инсајдер, Групен не може да се пофали кога станува збор за максималната носивост на борбени средства, но и на оперативниот борбен радиус.
Според соработникот на британскиот Кралски институт за одбрана Џастин Бронк, претходно Грипен бил инфериорен во однос, да кажеме, на квалитетот на германските авиони од типот Тајфун. Но, по воведувањето модерни системи за противелектронска борба со која е опремен шведскиот авион, оваа разлика е прилично намалена. Како што потсетува аналитичарот, еднаш шведскиот авион на изненадување на сите, незабележано му се доближил на Тајфун благодарение на попречувањето на неговиот радар.
Рускиот експерт, главниот уредник на списанието „Национаљнаја оборона“ Игор Коротченко истакна дека со вакви споредби треба да се тргне од техничко-тактичките карактеристики на авионот но и од квалитативното ниво на самите пилоти кои управуваат со нив. Според него, сè многу зависи од специфичните услови, оспособеноста на пилотот, подготвеноста за донесување вистински одлуки во различни ситуации што ги наметнува динамичната воздушна борба.
Така, на пример, „Нешионал интерест“ го спореди рускиот ловец од четвртата генерација Су-35 со американскиот ловец од петтата генерација (F-22 и F-35). Новинарите нагласија дека руското летало според своите техничко-тактички карактеристики апсолутно не отстапува од најдобрите западни ловечки авиони од четвртата генерација и дека сходно на тоа може да се спротивстави на леталата од петтата генерација. Но, западните експерти подвлекоа дека конечна оценка може да се даде по реална воздушна борба помеѓу овие авиони.
Најнов производ на компанијата Сухој е повеќенаменскиот ловечки авион од петтата генерација Су-57. Тој е наменет за извршување огромен спектар задачи кои можат да се постават пред една воздушна борбена платформа, како што е остварување апсолутна воздушна превласт над територијата на која се изведуваат активни борбени дејствија, уништување најразлични копнени цели и површински бродови кои се зајакнати со современи воздушни борбени средства, операции на извидување и надзор на воздушниот простор на голема оддалеченост, уништување на командната инфраструктура на непријателот итн.
Исклучителните летни карактеристики, особено кога станува збор за маневарските способности, потоа современата авионика и малата радарска забележливост, му дава предност во однос на конкурентите. Првата испорака на овие авиони на единиците на ВКС на РФ се очекува до крајот на оваа година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче