Пет светски технологии кои настанале во Русија

Getty Images, Роднокраен музеј на Перм, Public Domain
Гаснењето пожар, мерењето крвен притисок, млеко во прав, па дури и заварувањето метал е само еден дел од мноштвото прекрасни научни достигнувања кои настанале и за првпат се применети во Русија.

1. Заварување метал

Парчињата метал на висока температура за првпат по пат на заварување се споени во Русија.

Цилиндарот на Славјанов.

Василиј Петров

Првите експерименти кои довеле до откривањето на заварувањето (процес на спојување метални делови со нивно топење на високи температури) извршени се на почетокот од 19 век, кога истовремено и независно еден од друг рускиот инженер Василиј Петров и англискиот инженер Хемфри Дејви го откриле електричниот лак. Првиот лак на Дејви имал краток импулс и пониска температура, додека оној на петров бил подолг и создавал доволно висока температура за да се истопи металот.

Петров на почетокот од 19 век вршел чисто научни експерименти. Но, во 1881 година рускиот инженер и пронаоѓач Николај Бенардос кој работел со Павел Јаблочков (пронаоѓачот на електричната лачна ламба или електролачна ламба), открил дека електричниот лак може да се примени за топење и за спојување метал, односно за заварување. Бенардос во 1885 година го патентирал овој пронајдок, а во 1888 година неговиот метод започнал да се применува во индустријата.

Цилиндарот на Славјанов.

Во исто време рускиот инженер Николај Славјанов предложил наместо јаглените електроди да се користат метални електроди што овозможило заварување метал кој се топи на мошне високи температури. Славјанов како пример го направил своето познато „стакло“, односно цилиндар од осум различни метали со висока температура на топење чии парчиња се споени со заварување.

2. Млеко во прав

Млекото во прав е важна состојка на детската исхрана. Сите го имаме јадено, односно сме го пиеле кога сме биле мали. Но, веројатно малкумина знаат дека млекото во прав е откриено во далечните области на Сибир.

Иван Ерих, преведувач од Монголија во 1972 година напишал дека во Даурија (Забајкалски крај) Монголците назима го замрзнуваат млекото во садови, а потоа тој мраз го топат на сонце за така да испари сета течност и да остане само „суво млеко“, односно млеко во прав. Набргу потоа еден лекар кој работел на истото подрачје го вовел во практика и го промовирал овој начин на чување млеко.

Осип Кричевски, кому му припаѓа откривањето на млекото во право, работел како лекар во Нерчинската топилница за сребро )Забајкалски крај, повеќе од 5.000 километри од Москва). Тој истакнал дека жителите на Јакутија, од кои голем дел работеле во топилницата, го сушеле млекото на ист начин. Кричевски претпоставил дека млекото во прав може да биде корисно во далечните пловидби кога е неопходна свежа и протеинска храна. Тој исто така истакнал дека „Европејците сè уште не знаат за овој сибирски производ“.

Кричевски ја користел оваа технологија за чување млеко во Нерчинск, каде починал во 1832 година. Истата година започнато е производство на млеко во прав во Санкт Петербург. Сепак, првиот патент за оваа технологија ја добил Англичанецот Т.С. Гримвејд во 1855 година.

3. Гаснење пожар со пена

Гаснењето пожар со вода не е толку ефикасно колку што се чини. Многу е поефикасна пената, па макар и онаа од пиво.

Александар Лоран, руски инженер со француско потекло, проучувал хемија во Санкт Петербург и во Париз и работел како предавал во Баку, најголемиот град во Азербејџан кој тогаш го контролирала Русија и кој бил центар на нафтената индустрија на Руската империја. Пожарите во кои горела нафтата биле сериозен проблем. Тие не можеле да се гасат со вода или со прав.

Легендата вели дека Лоран пиел пиво со еден свој пријател и одеднаш извикал: „Еурека!“. Набргу потоа го извршил својот прв експеримент во кој се обидел да изгасне запалена локва нафта со помош на пенливо пиво. Експериментот успеал! Потоа Лоран направил пенлива супстанца и основал фирма која произведувала апарати за гаснење пожар. Фирмата ја нарекол „Еурека“. Овој систем во 1907 година го патентирал во Русија и во САД.

4. Градежна конструкција од мрежа со челични кабли

Интересно е што технологијата која настанала во 19 век во полна мера почна да се применува во 21 век. Нејзиниот пронаоѓач, рускиот архитект и инженер Владимир Шухов, бил гениј кој одел далеку пред своето време.

Серуска изложба во Нижни Новгород. Хиперболидната кула на Шухов, во заднина е главниот павилјон, Нижни Новгород, 1896 година.

Дијагоналната мрежна структура Шухов ја открил и ја патентирал во 1895-1899 година. Предности на оваа структура се малата тежина, способноста да издржи силни удари, благодарение на еластичноста на конструкцијата, високата отпорност на корозија, малку или воопшто немање продор на влага, ниска цена и висока отпорност. Кулите и павилјоните на Шухов во Русија во поголем број и денес се недопрени, иако минале над 1—години, а објектите се минимално технички опслужувани или воопшто не се опслужувани.

Радиокулата на Шухов во Москва.

Пронајдокот на Шухов во голема мера има придонесено за дефинирањето на архитектурата на 21 век. Мрежестите структури денес ги применуваат светски познати архитекти како што се Ричард Бакминстер Фулер, Норман Фостер, Николас Гримшо и многу други. Сепак, оваа технологија не била толку популарна во 20 век, зашто подразбирала мошне прецизни пресметки кои е многу полесно да се направат со помош на компјутер.

Шухов немал таква компјутерска техника на располагање, но сепак успеал сè сам да пресмета и да ги направи првите мрежести кули (познати како Шуховски кули) и индустриските павилјони за Серуската индустриска изложба во 1896 година во Нижни Новгород.

5. Мерење крвен притисок

Ова е еден од најстарите методи кои до денешен ден се општоприфатени во медицинската практика. сè уште се користат благодарение на својата прецизност.

Сфигмоманометар на Рива-Рочи кој го користел Коротков во своите мерења.

Крвниот притисок е еден од најважните показатели кои можат да се измерат во човековото тело. Благодарение на него можат да се препознаат различни болести и состојби. За време на мерењето притисок лекарите користат две вредности: систолен притисок (максимум во едно отчукување на срцето) и дијастолен (минимум помеѓу две отчукувања).

Постоеле мошне прилично непрецизни методи на мерење на крвниот притисок пред италијанскиот форензичар Шипионе Рива-Рочи да ја открие манжетната на надувување со која е поврзан сфигмоманометарот со жива. Манжетната се става на рака и се надувува, а потоа лекарот со прст го проверува пулсот на пациентот. Кога пулсот не се чувствува тоа значи дека манжетната во целост го блокира крвотокот и дека нејзиниот внатрешен притисок е еднаков на систолниот притисок. Овој метод, меѓутоа, не овозможувал да се измети дијастолниот притисок.

Николај Коротков најпрво работел како теренски лекар, а пота се посветил на хирургијата на крвните садови. Тој во 1904 година му измерил притисок на пациент со помош на манжетната на Рива-Рочи и во случајно го држел стетоскопот на надлактната артерија. Тогаш се слушнало отчукувања на срцето кои подоцна го добиле името според него. Артеријата во овој случај личи на цевка со течност која е под притисок на манжетната. Кога притисокот во манжетната е над систолниот не се слушаат никакви звуци, а штом ќе се израмни со него, тоа значи дека малку крв може да мине низ манжетната и се појавуваат отчукувања на срцето. Кога звукот ќе исчезне значи дека крвта тече слободно. Според тоа, престанувањето на звукот е вредност на дијастолниот притисок.

Коротков во 1905 година го опишал овој метод во извештај на половина страница. Светската здравствена организација во 1935 година го одобрила како единствен официјален неинвазивен метод за мерење крвен притисок и тој останал стандард до денешен ден.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња