Загрижен поради глобалното загревање, Бил Гејтс ги повика САД повеќе да се потпрат на нуклеарната енергија, веројатно не знаејќи дека оваа гранка на американската индустрија во изминативе дваесет години целосно беше деградирана, пред сè благодарение на руската компанија „Росатом“.
Милијардерот Бил Гејтс ја повика Белата куќа да се посвети на развојот на нуклеарна енергија како најдобро средство против глобалното затоплување. „Нуклеарната технологија е идеална за борба против климатските промени зашто тоа е еден голем извор на енергија кој е на располагање 24 часа дневно и не произведува гасови за стаклени градини“, наведува Гејтс во писмото што го објави на својот сајт. „Проблемите со современите реактори и опасноста од хаварии лесно се решаваат со помош на иновации“, ги пренесува зборовите на Бил Гејтс РИА Новости.
Основачот на компанијата „Мајкрософт“ е уверен дека Америка може да стане лидер во оваа сфера благодарение на „научниците, на бизнисмените и на инвестицискиот капитал“.
Но, ситуацијата воопшто не е толку поволна за Америка како што му се чини на Бил Гејтс, пишува новинарот Максим Рупченко на сајтот на РИА Новости. Имено, американската нуклеарна индустрија во изминативе дваесетина години крајно деградираше, најмногу благодарение на компанијата „Росатом“.
Сè започна уште кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век. СССР тогаш беше водечка земја во поглед на технологијата на збогатување ураниум со помош на плинска центрифуга. САД за таа цел ја користеше технологијата на гасна дифузија која е скапа, а не е многу ефикасна како центрифугата.
Поради тоа Американците веднаш по завршувањето на Студената војна, со желба да заштедат што повеќе пари, започнаа да купуваат од Русија збогатен ураниум за своите нуклеарни електрани зашто тоа беше 12 пати поевтино од сопственото производство, пишува Рупченко.
Резервите на советскиот средно збогатен ураниум набргу беа исцрпени, но благодарение на намалувањето на арсеналот на нуклеарно оружје останаа 500 тони слободен ниско збогатен ураниум кој е изваден од демонтираните боеви глави. Стручњаците од двете земји дојдоа на идеја да го „разблажат“ и од него да направат гориво за американските нуклеарни електрани.
Технологијата на прилагодување на ураниумот ја развија стручњаците од Уралскиот електрохемиски комбинат. Договорот е потпишан во 1994 година, испораката започна во мај 1995, а последните 60 тони од рускиот воен ураниум преработен во нуклеарно оружје ѝ беа испорачани на Америка во ноември 2013 година.
Во меѓувреме беше потпишан долгорочен договор според кој Русите и понатаму збогатуваат ураниум за американските нуклеарни електрани. За таа цел Америка извезува во Русија свој природен ураниум. За волја на вистината, американските закони забрануваат директен извоз, но самите Американци смислија шема според која можат да се избегнат овие закони. Имено „Росатом“ со активна поддршка на Вашингтон ја купи канадската компанија „Ураниум уан“ која ја извезува оваа суровина, а извозот на природен ураниум од САД во Канада е дозволен. Така „Росатом“ воено стекна и неколку рудници со ураниум кои ѝ припаѓаат на откупената компанија, а се наоѓаат во САД, Австралија, Канада, Казахстан, Јужноафриканската Република и во Танзанија.
Со оглед на стабилната нарачка, Русија ги зачува и ги зголеми капацитетите на погонот за збогатување ураниум, го зајакна кадровскиот потенцијал во оваа сфера и обезбеди финансирање на нови достигнувања во областа на развојот на нуклеарната индустрија.
Од друга страна, Америка по две децении соработка со Русија во голема мера заостана во оваа сфера. Американските енергетски компании заштедија милијарди долари со купување на руски енергетски ураниум, но од друга страна ги изгубија речиси сите компетенции во оваа сфера, смета новинарот.
Доказ за тоа е неуспешниот обид на компанијата „Центрус“ (поранешно УСЕК) да ја направи првата американска фабрика за збогатување на ураниум со помош на центрифуга. Во февруари 2016 година беше официјално објавено дека се запираат сите работи на овој проект.
Со други зборови САД и понатаму збогатуваат ураниум по својата стара технологија на дифузија. Според оцените на Светската нуклеарна асоцијација, Америка го зазема петтото место во светот според капацитетите за збогатување ураниум зад Франција, Кина и конзорциумот Уренко, додека Русија е на првото место, со оглед на тоа дека има двократно поголем капацитет од конзорциумот Уренко (втор на ранг-листата) и шест пати повеќе од САД.
Згора на тоа, Американците во целост зависат од увозот на природен ураниум. Според податоците од Економската информациска агенција на САД, нивните наоѓалишта обезбедуваат само 11 отсто од денешните потреби за оваа суровина во индустријата. Тоа значи дека Бил Гејтс може само да мечтае за водечка улога на американската нуклеарна енергетика во светот, заклучува Рупченко.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче