Далекуметно и прецизно: Артилериските единици во 2019 година ќе добијат „убиствена“ техника

Wikipedia
Ракетната војска и артилеријата во 2019 година ќе добијат повеќе од 40 современи повеќецевни ракетни фрлачи и самоодни хаубици со зголемени тактичко-технички можности.

„Во 2019 година единиците на ракетната војска и артилеријата на руската армија ќе добијат преку 40 современи повеќецевни ракетни фрлачи како и самооодни хаубици со целосно автоматизиран систем за управување со огнот. Во рамките на Државната програма за опремување на руската војска воено-индустрискиот комплекс оваа година ќе испорача повеќецевни ракетни фрлачи 9К51М „Торнадо-Г“ и 9К515 „Торнадо-С“, како и самоодни хаубици 2С19М2 „Мста-СМ“, се наведува во соопштението.

9К51М „Торнадо-Г“ е руски модернизиран повеќецевен ракетен фрлач. Основните разлики во однос на основната верзија 9К51 „Град“ се однесуваат на далеки поквалитетно решениот систем за управување со огнот поврзан со сателитска навигација и компјутер кој ги пресметува балистичките влезни податоци за гагање, што овозможува значително скратување на подготовката за напад која се одвива во автоматски режим на работа. Модернизираното орудие 9К51М „Торнадо-Г“ ќе добие и нова муниција со калибар 122 мм, која е дури 6-10 пати поефикасна во однос на стандардните ракети 9М22У кои ги користи овој систем. Вкупно се направени три типа муниција за модернизираниот ВБР 9К51М „Торнадо-Г“. Моделите на новата муниција беа претставени на саемот на вооружување и воена опрема „Армија-2018“.

9К515  „Торнадо-С“ во артилериско-ракетните единици ќе го замени во моментов најсилниот руски оперативен систем кога е во прашање огнената моќ ВБР 9К58 „Смерч“. Ова артилериско-ракетно орудие влезе во вооружувањето уште 1987 година. Една лансирна единица има капацитет од 12 ракети со калибар 300 мм. Ракетата тешка речиси еден тон можеше да достигне далечина од 90 км. Плотунски оган од една лансирна единица трае помалку од 40 секунди, а група од 12 ракети може да покрие површина од 672000 м2. Неговата длабоко модернизирана варијанта 9К515  „Торнадо-С“  ќе се карактеризира со зголемени тактичко-технички перформанси кога е во прашање ефективниот дострел и прецизноста на дејството. Тоа ќе му го обезбедат новите типови високопрецизна ракетна муниција. Ефективниот дострел на ова орудие е значително зголемен во однос на базичната верзија ВБР „Смерч“, каде наместо 90 км ќе изнесува 120 км. Во перспектива се планира ракетите лансирани од ова орудие да остварат домет и до 200 км.

Самоодната хаубица 2С19М2 (кодно име „Дилема“) претставува длабоко модернизирана верзија на хаубицата 2С19 „Мста-С“. Орудието е зајакнато со нов автоматизиран систем за управување со огнот кој во целост ги исполнува барањата за употреба на артилеријата на модерното боиште. Резултат на ова техничко решение е значително зголемената огнена моќ на едно орудие кое практично може да замени цела една батерија хаубици. Имено, балистичкиот компјутер во рамките на СУВ ги пресметува траекториите на проектилите кои се истрелуваат од орудието под различни агли, така што тие на крајот на својата траекторија „се врзуваат во грозд“ и истовремено ја напаѓаат целта. На ваков начин самоодната хаубица „Мста-С2“ 2С19М2 може да уништи цел со 6 проектили со калибар 152,4 мм.

Нејзината вкупна маса изнесува 43,2 тони, а нејзиниот калибар 152,4 мм. Цевката на хаубицата е со должина 47 калибри. Максималната далечина на гаѓањето зависи од видот на проектилот, но со стандардна муниција се движи во опсег од 25-29 км. Може да истрелува и паметен проектил „Краснопол“ на далечини до 20 км. Борбеното темпо на гаѓање изнесува до 10 гранати во минута. Во борбениот комплет се наоѓаат 50 гранати со калибaр 152 мм. Погонскиот агрегат, со сила од 800 КС, овозможува максимална брзинa од 60 км/ч. Со полн резервоар може да совлада дистанца од околу 600 км. Во нејзиниот состав се наоѓа и комплексот „Накидка“ (прев. Плашт) кој во голема мера го намалува радарското, оптичкото и топлотното зрачење на орудието што е исклучително важно за заштита од непријателското противдејство, односно контрабатирање.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња