Зголемена напнатост во Црното море: Русија ангажира патролен брод да ја следи ситуацијата

сајт Бог-рата
Американците го испратија во водите на Црното море десантниот брод USS Fort McHenry кој може да транспортира 500 американски маринци. Тој во моментов се наоѓа на курс кон градот Констанца. Русите будно ја следат целта ситуација во акваторијата на Црното море, а првата реакција е ангажирање на 30 дивизија на Црноморската флота. Таа има задача со еден патролен брод да изведе акција на негово следење која ќе трае сѐ додека тој е во водите на Црното море.

Патролниот брод на Црноморската флота „Питливи“ (Пытливый) е ангажиран да го следи движењето на десантниот брод USS Fort McHenry од составот на ВМ на САД, соопшти руското Министерство за одбрана. Имено, овој брод вплови во акваторијата на Црното море на 6 јануари во 21 часот по московско време, каде зеде курс во правец на романското пристаниште Констанца, пренесува интернет порталот Бог-рата.

Се работи за многу сериозно транспортно пловило од класата Whidbey Island. Имено, должината на бродот достигнува околу 200 метри, а вкупниот депласман изнесува 16500 тони. Бродот може да транспортира околу 500 маринци. Покрај маринци и борбена техника, тој може да превезува и специјални глисери и чамци на воздушни перници заради побрзо изведување на поморски десант. Од вооружување поседува ротациски топови за блиска ПА одбрана Phalanx CIWS и топови Мк-38, како и ракетни системи за ПВО со мал дострел RIM-116.

USS Fort McHenry формациски се наоѓа во состав на ударната амфибиско-десантна група на ВМ на САД, која со главнината на своите сили во моментов се наоѓа во источниот Медитеран. Главни пловила на оваа група претставуваат универзалниот тежок десантен брод USS Kearsarge и десантниот брод USS Arlington. Инаку, оваа група влезе во водите на Средоземното море на 31 декември.

По избивањето на кризата на истокот на Украина, воените бродови на САД и другите земји на НАТО засилено го посетуваат Црноморскиот басен. Тие постојано ротираат бидејќи во сила е меѓународната Конвенција од Монтро (1936) со која се регулира временското присуство на пловилата од земјите кои не излегуваат на Црното море. Имено, освен Украина, Руската Федерација, Турција, Грузија, Бугарија и Романија, сите други бродови во водите на Црното море можат да поминат најмногу 21 ден.

Така во декември минатата година тука престојуваше извидувачкиот брод на британската Кралска морнарица НMS Echo. Во текот на својот престој во Црното море, овој брод ги посети Одеса, романското пристаниште Констанца, како и Батуми и Истанбул.

Инаку, патролниот брод „Питливи“ спаѓа во класата бродови 1135М „Буревесник“. Тој е дел од 30 дивизија површински бродови во состав на Црноморската флота. Долг е 123 метри, а неговиот максимален депласман достигнува 3200 тони. Го движат две гасни турбини кои при максимална сила можат да генерираат 36000 КС. Тие му овозможуваат на бродот да постигне брзина од 32,5 јазли. Максималната автономија на пловидба е до 9000 км. На бродот се наоѓаат околу 200 члена на екипажот од кои 10% се офицери. Од вооружање поседува противподморнички ударен ракетен комплекс УРК-5 „Раструб-Б“ (1х4) и друго, главно торпедно, артилериско и ракетно вооружување со мал дострел, наменето за непосредна заштита на бродот од напад од воздух.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња