Од Сталин до Путин: Со што сѐ летаа руските лидери?

Владимир Родионов/Sputnik
Од сите руски лидери најголем вљубеник во авионите е Владимир Путин. Освен со главното претседателско летало, Путин леташе и со делтаплан, јуришни авиони, па и со суперсоничен стратешки бомбардер.

Сталин страдал од аерофобија, односно се плашел да лета. Во животот само двапати седнал во авион поради познатата Техеранска конференција. Згора на тоа, одбил да лета со тогашните советски авиони и го одбрал американскиот „Даглас С-47 Скајтрејн“.

Никита Хрушчов првпат полета во посета на Америка со огромен Ту-114, конструиран врз база на стратешкиот бомбардер Ту-95. Кога слета на аеродромот на морнаричката база Ендрјус (Кемп Спрингс, Мериленд), Американците не можеа да најдат доволно високи скалила за тој авион. Хручшов и другите членови на советската делегација се спуштија на земја со скалила на противпожарно возило.

Омилениот авион на Хрушчов беше четиримоторниот ИЛ-18, затоа што генералниот секретар на ЦК на КПСС се тешеше дека авионот сеедно ќе продолжи да лета дури и ако затаат два мотора. На тоа дека тие два мотора можат да бидат на една страна, што неминовно води до трагедија, Хрушчов веројатно не сакал да помисли.

Леонид Брежнев не беше нешто особено заинтересиран за авионите, но не ги избегнуваше. Во текот на летот со својот омилен ИЛ-62М играше домино. Овој авион денес го нема во цивилниот сообраќај и со него лета само уште лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ун.

Година дена пред да стане претседател Борис Елцин доживеа авионска несреќа. Малиот авион за шест патници одвај слета на аеродромот во Барселона. Елцин беше хоспитализиран и имаше операција на грбот.  

Додека Владимир Путин им дава предност на домашните летала, Дмитриј Медведев подобро се чувствува во странските. Тој често лета со италијанскиот хеликоптер Agusta Westland 139 и авионите Dassault Falcon 7X и Airbus Corporate Jet ACJ319.

Владимир Путин е единствениот руски (ако не и светски) лидер кој ги има пробано речиси сите видови летала. Во 2000 година во текот на Втората чеченска војна тој леташе од Краснодар за Грозни со ловец СУ-27 на местото на вториот пилот.

Во 2005 година Путин седна во суперсоничен стратешки бомбардер-ракетоносец ТУ-160. „Ова е незаборавно искуство! Доживувањата се како во сон“, рече Путин по летот.

Путин управуваше и со делтаплан, подучувајќи да летаат бели жерави кои пораснале во заробеништво. Сепак, според него, полесно е да се управува со борбен авион.

Можејќи да бира меѓу осум авиони и два хеликоптера, Путин најчесто лета со авионот ИЛ-96_300ПУ во кој нема што нема: трпезарија, туш кабини, соби за одмор на ВИП гости, теретана и уште многу други нешта.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња