Ваквиот развој на настаните тешко може да се оствари, наведува Интернет-порталот Бог-рата. Турците едноставно вложија огромен напор за реализација на договорот за набавка на системите за ПВО С-400. Каква и да е можност за проследување на овој комплекс на трети лица, односно на американските експерти, ќе дејствуваат разурнувачки на меѓународната репутација на Анкара. Таква клаузула е присутна и во договорот, која мора да ја почитува државата-купувач. Секако дека американските војници ќе имаат ограничен пристап до овој систем, зашто конечно Турција е член на НАТО. Но, тие во ниту еден случај не ќе можат да го загрозат интегритетот на технологијата што функционира помеѓу овие мошне сложени алгоритамски шеми за кои е потребно доста време за да се поврзат и за да се сфатат. А, дотогаш, руските експерти ќе отидат далеку напред во освојувањето на новите технологии.
Меѓу другото, откако Анкара го купи овој систем, САД се обидуваат на сите начини да им го продадат на Турците својот систем за ПВО „патриот“. До тој момент Американците постојано ја оспоруваа неговата реализација.
Да потсетиме дека договорот за набавка на ракетните системи С-400 беше потпишан во јули 2017 година за сума од 2.5 милијарди американски долари. Тогаш беше договорено целиот процес на испорака на овие системи да биде реализиран до март 2020 година, за во меѓувреме да се постигне согласност целата работа да се забрза и да се скрати за 6-9 месеци во однос на веќе договорените термини.
Врз основа на сево ова можеме да заклучиме дека публикацијата што ја објави Интернет-порталот „Блумберг“ е најобична провокација со која на очајнички начин се прави обид да се минира договорот помеѓу Москва и Анкара. Процесот е започнат и повеќе никој не може да го врати назад. Дмитриј Песков, портпарол на претседателот на Руската Федерација, реагираше на пишувањата на американскиот медиум, напомнувајќи „дека целиот проект околу испораката на системот С-400 е во фаза на реализација, и дека сите активности во врска со тоа ќе бидат продолжени“.
Со цел зачувување на апсолутна доминација на планетарно ниво кога станува збор за воздушната моќ, Американците одамна се обидуваат да допрат до руските „есови“ (С-300 и особено С-400). Тие го искористија колапсот на ССТ и успеаја од земјата која настана на неговите урнатини да ја набави базичната верзија на системот С-300П (кодификација „Буква“ според НАТО). Системот е произведен во 1978 година. И покрај тоа што во тој момент овој систем беше стар веќе една и пол деценија, тој според своите техничко-тактички можности ги надмина сите најмодерни системи за ПВО на американската војска од тоа време. Американските специјалисти не можеа да веруваат дека една, според нив, „примитивна“ елементарна база може да обезбеди такви резултати. Тие, не жалејќи го своето време, а ни ресурси, тргнаа натаму, па така успеаја од тогашна Русија да набават напредна верзија на системот С-300В, која по своите технички карактеристики беше далеку пред системот С-300П. Но наместо целосната верзија добија експортна модификација која во голема мера се разликува од онаа која ја користи исклучиво руската армија, а се зборува и дека во таа пригода сите компоненти не биле на број. Врз основа на нив не можело да се добие реална слика за сите технички и тактички специфичности на ова оружје. Значи, парите и трудот се фрлени во ветар.
Моментално во Украина се наоѓаат голем број американски и израелски специјалисти кои се обидуваат да проникнат во сржта на функционирањето на овие сложени борбени системи. Имено, украинската армија во своето вооружување има постари модели на овие системи со ограничени способности кои технолошки не можат да се споредат со новите руски модели, кои по ова прашање се далеку назад. Познато е дека на територијата на Украина заедно со американските специјалисти учествуваа и израелски пилоти на борбени апарати Ф-15. Според различни податоци кои циркулираа по медиумите, основната цел на американско-израелската посета на украинските ракетни системи за ПВО е детално запознавање со С-300 на лице место. Имено, познато е дека руските објекти во Сирија ги чуваат ракетни системи С-400 „Триумф“, и дека неодамна на сириската армија ѝ се испратени три ракетни дивизиони од исклучително напредниот модел С-300 МПУ-2 кој се смета за најсовршена експортна верзија на системот С-300. Оваа последна аквизиција на сириската војска во целост го намали, па дури и го укина маневарскиот простор на израелската ловечко-бомбардерска авијација која речиси секојдневно ги напаѓаше копнените цели во Сирија. По испораката на ракетните системи С-300 ПМУ-2 овие напади речиси во целост запреа, што најдобро зборува за тоа дека системите што се наоѓаат во Украина, но и во Грција (и за оваа земја се зборуваше дека во неа вежбаат израелски посади) во голема мера се застарени, се практично неспоредливи со длабоко модернизираните „300-ки“.
Денес во светот владее „лов“ по најновите воени достигнувања. Западните, но и источните разузнавачки служби се обидуваат да дознаат што повеќе за воениот арсенал на својот условен непријател, кои веќе утре можат да влезат во судир. Не треба да се има илузии дека и руската разузнавачка инфраструктура доколку би ѝ се укажала можност со задоволство би ги „скенирала“ техничките и тактичките карактеристики на најновите крстосувачки ракети од западно потекло, оклопна техника, но и многу други проекти кои неодамна се влезени во оперативна употреба, или кои сè уште се наоѓаат во развој.
На пример, за време на војната во Авганистан запленети беа лесно преносни ракетни системи „Стингер“ кои во голема мера придонесоа за да се подобри советскиот систем со иста намена. За време на војната во Либан израелските тенкови употребуваа оклоп со динамичка заштита (инаку станува збор за идеја што му падна на ум на советскиот инженер Сергеј Смоленски), која подоцна во СССР/Русија беше толку усовршена што моментално нема конкуренција во светот (моделите „Контакт-5“, „Реликт“ и „Афганит“).
Но, кога станува збор за ракетните системи С-300 и С-400 целата приказна е многу покомплицирана. Имено, руските противвоздушни системи се концепциски фундаментално различни од аналогните системи што ги произведува воено-индустрискиот комплекс на САД. Нив Американците едноставно не можат да ги ископираат. За ја знаете вистинската вредност на овие системи, морате да ги направите практично од нула, а за такво нешто ви се потребни децении и децении напорна работа и стекнување искуство. Врз основа на сево ова може да се извлече заклучок дека каква било „потера“ по ракетните системи С-400 со цел техничко разоткривање на неговите способности е чисто губење време.
Оригиналниот „жиг“ на квалитетот на познатата серија на „есови“ може да ја испорача само нејзиниот извор, односно производителот. Сето останато се само „бледи“ копии.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче