Анализа на руски експерт: Дали новата турска поморска база во Црно море може да ја загрози Русија?

Слободан Ѓукиќ
Турција гради нова воено-поморска база на брегот на Црно море. Таа ќе се наоѓа на само 100 километри од поранешната советска граница. Турските медиуми истакнуваат дека нејзината функција ќе биде да ја обезбедува подводната гасна инсталација на „Турски тек“ која доаѓа од Русија. Но, дали е баш така? Дали Црноморската флота може да ја заштити Русија од некакви идни провокации?

Турција има намера да изгради нова поморска воена база на источниот брег од Црното море. Ова го пренесе турскиот Интернет-медиум „Милиет“. Според информациите што можевме да ги прочитаме во текстот, новиот воен објект ќе биде изграден во реонот на гратчето Сјормен, кое е оддалечен 40 километри од Трабзон. Капацитетот на новата воена база ќе биде околу 400 војници и офицери, а тука работа ќе најдат и 200 цивилни лица, пренесува рускиот Интернет-портал Взгљад.

Зошто на Турците им е потребна уште една воено-поморска база?

Турција се реши на овој чекор со оглед на тоа што САД планираат да го зајакнат своето присуство во акваторијата на Црно море по ескалацијата на најновата криза на релација Киев-Москва, која се случи со инцидентот во Керченскиот теснец. Уште една од многуте причини е и обезбедувањето на гасоводот „Турски тек“ чија подводна делница ќе се комплетира на 5 ноември оваа година. Но, турските воени експерти потсетуваат дека идејата за изградба на поморска воена база на Црно море е стара најмалку десет години кога не се ни споменуваше енергетскиот коридор, или уште повеќе потенцијална криза од олкави размери помеѓу Украина и Русија.

Новиот објект ќе биде деветта по ред база на турската воена морнарица. Денес оваа држава располага со осум воено-поморски бази кои се распоредени на четири мориња: во Искандер и Мерсина на Средоземно море, во Фоча и Акзас на Егејско море, во Ергела на Црно море, во Гелџук на Мраморно море. Покрај тоа, Турција има бази во Истанбул и во Чанакале, кои се наоѓаат во теснеците на Босфор и на Дарданели.

„На Турците оваа база не им треба за да ја заштитат од воените бродови на САД. Таа има ист изговор, како што тоа го имаат и системите за противракетна одбрана кои наводно треба да ја заштитат Европа од ракетен напад од Иран. –Зошто Турците прават воена база на брегот на морето и тука ја стегаат својата воена-поморска шака, кога во согласност со конвенцијата од Монтро американските воени бродови во неговите води можат да се задржат најмногу 21 ден“, се запраша поранешниот командант на Црноморската флота адмирал Владимир Комоедов.

„Истокот е деликатна работа. На истокот не се наоѓаат само прекрасни хареми, ами тука постојат и сили кои се способни сиот свој потенцијал да го проектираат и на вода. И тоа тера на размислување“, додава Комоедов. „Јас мислам дека треба да се размисли за новите цели на Турција, доколку се има предвид содржината на конвенцијата од Монтро која не дозволува пошироко присуство на „трети“ земји во водите на Црно море. Згора на тоа, станува збор за „затворено“ море каде потенцијалниот агресор кој би дошол оддалеку има мошне ограничен маневар за изведување крупни поморски операции. Значи, рапидното зголемување на американските поморски ефективи во Црно море носи исклучиво декларативен карактер, потсетува Комоедов.

Според адмирал Комоедов Црноморската флота во последно време во голема мера е зајакната, така што според својата моќ е еднаква на целокупната турска морнарица. Во времето кога јас бев командант на Црноморската флота, а тоа беше на почетокот на минатата деценија, турската флота беше дури четири пати посилна од нашата флота“, истакнува адмиралот. Турција во тоа време интензивно се издигна на економски план, и кај нив се појавија нови бродови, борбени чамци и подморници, додека во нашата флота се појави само една подморница од типот „Варшавјанка“, вели Комоедов.

Но, по тој темен, но краткотраен период, доаѓа до раст на Црноморската флота која започнува да добива нова техника од бродоградилиштата кои се направени за потребата на воена суперсила како што беше СССР. „За мошне краток период успеавме да се изедначиме со Турците. Во овој момент Црноморската флота располага со комплетна борбена група ударни подморници. Стасаа нови бродови каде посебно место заземаат ракетните фрегати“, прецизираше Комоедов. „Истовремено постои тенденција да се изградат дополнителни воено-поморски бази, а тоа значи дека тие планираат и да ги пополнат“, заклучува адмиралот.

Црноморската флота е поквалитетна од целокупната турска морнарица

Претседателот за Здружението за поддршка на флотата, капетанот од прва класа Михаил Ненашев забележува дека развојот на турската воена морнарица во Црно море е очекувана реакција. Ненашев истакнува дека доколку овие потези не се насочени кон дестабилизација на регионалната безбедност и потенцијалното расипување на руско-турските односи, Русија на ваквите одлуки на својот јужен сосед ќе гледа со разбирање.

Експертот појасни дека развојот на турската морнарица е природен процес. Трговските бродови доминираат над воената/борбена компонента. Имено, над 80% од својот извоз Турција го транспортира по морски пат. „Доколку Турција нема некои 'скриени' намери, тогаш треба да се остават на мир да ја подигнуваат својата поморска инфраструктура, како што тоа, на крајот на краиштата, го правиме и ние. Најважно е Турција да не дозволува кршење на актуелните светски конвенции, ниту да допушта инфилтрација на морнариците на 'трети' држави кои сакаат да вршат провокации кон нашата земја“, додава капетанот.

Ненашев исто така забележа дека од гледна точка на односот на силите на поморските борбени ефективи Црноморската флота е посилна од турската морнарица. „Без оглед на тоа што турската морнарица според бројот на борбени пловила е поголема од Црноморската флота, таа според својата огнена моќ, која вклучува вкупен број ракети и количество цели кои може да ги нападне, тешко може да ѝ парира“, категоричен е Ненашев. Според него, Турците располагаат со група од 12 до 14 подморници, 15 големи површински бродови (фрегати и патролни бродови). Но, сиве овие бродови се технолошки надминати. „Турците во моментов ги модернизираат своите бродоградежни капацитети кои ќе бидат поквалитетни од нашите во овој регион. Но, иако нивната флота е побројна од Црноморската, таа во технолошка смисла е инфериорна“, појаснува експертот.

„Главниот брод на Црноморската флота ракетниот крстосувач 'Москва' се наоѓа во фаза на ремонт, каде по модернизацијата ќе биде дефинитивно најмноќното воено пловило во Црноморскиот басен. Покрај неа, тука се и малите ракетни бродови од класата 'Самум' кои се одликуваат со исклучително голема брзина на движење (дури 55 јазли), и кои благодарение на своето силно вооружување кое е составено од суперсонични противбродски ракети 'Москит', можат поефикасно да реагираат на секоја провокација која би се појавила во овој регион“, потсетува соговорникот.

Покрај наведените борбени пловила, Ненашев не можеше да ги прескокне и шесте нови подморници кои се вооружени со крстосувачки ракети „калибар“ со дострел од 2.500 километри. Тие се базирани на пристаништата во Новосибирск и во Севастопољ. Тука се наоѓаат и копнените ракети од противбродските системи кои практично ја покриваат целата акваторија на Црно море. „Турците совршено добро знаат со што располагаме ние и какви ни се можностите. Морнарицата не е само збир бродови, ами е пред сè една голема наука. Тука не се присутни само морските, ами и океанските искуства кои се стекнувани со децении. Покрај надводните и подводните пловила, тука е и морнаричката авијација. Накусо, според своите критериуми Турција не може да се мери со Русија“, истакнува Ненашев. Воениот експерт исто така укажа на тоа дека Црноморската флота во вој момент се наоѓа во фаза на модернизација, додавајќи дека во изминативе десет години таа обновила дури 90% од своите борбени ефективи.

Покрај сето ова Ненашев се осврна и на информацијата од турските медиуми за изградбата на новата турска воено-поморска база на Црно море. Веројатно станува збор за почеток на следната етапа од модернизацијата на турската морнарица која ќе трае пет години, која нема да се реализира само на Црно, ами и на Средоземно море. „Тие сакаат да станат регионален лидер кога станува збор за поморската моќ. Тоа е нивниот план и тие ги презедоа сите мерки да го остварат“, вели Ненашев. Кога станува збор за Русија, таа не треба да се плаши кога станува збор за понатамошниот развој на турската морнарица. Покрај тоа што овие две земји се тактички сојузници, горенаведените аргументи решително даваат поддршка на оваа констатација. „Ние денес заедно се соочуваме со војната во Сирија која никому не му е потребна. Турција има големи проблеми на својата јужна граница каде покрај секојдневните судири присутен е и бегалскиот фактор“ вели експертот.

Заедничко контролирање на американската непредвидливост

„Кога зборуваме за заедничкото спротивставување на САД, ние мошне успешно можеме да ги спречиме нивните непредвидливи потези. Да не допуштиме обид за уривање на конвенцијата од Монтре која ја пропишува дозволената тонажа на бродовите кои можат да се најдат во Црно море, како и времето што може да се помине во неговите води“, додаде тој. Според Ненашев НАТО во следниот период ќе се обиде да ја зголеми затегнатоста во акваторијата на Црно море со цел понатамошен притисок врз Русија, но не толку нагло и остро како што се замислува. „Европската Унија и НАТО се оптоварени со проблеми во својот двор, како што тоа моментално се случува во Франција“, објаснува експертот.

Ненашев верува дека стратезите кои раководат со Североатлантскиот сојуз ќе се обидат да го одвлечат вниманието од реалните внатрешни проблеми, така што ќе се обидaт во Црно море да создадат врела точка. Но, тоа е малку веројатно зашто за понатамошна ескалација потребна е единствена политичка волја кај земјите-членки“. За вакво нешто е потребно да се има монолитна и агресивна политичка волја а основен предуслов за понатамошни потези е да имате стабилна внатрешна ситуација во своите земји. Не верувам дека во вакви околности е можно таа скала на агресивност од ненадеж да се крене на врв“, вели Ненашев. „Тие ќе испратат 1-2 брода кои ќе ротираат во водите на Црно море, паралелно со тоа е можно дополнително „подбуцнување“ на источноевропските земји против нас, и во принцип тоа е максимумот што треба да се очекува од некој иден план“, истакна експертот.

Од сево ова се доаѓа до заклучок дека новата турска воено-поморска база која треба да се изгради на Црно море, не е тука за обезбедување на подводните инсталации на „Турски тек“. Нејзините желби се поврзани со зајакнување на поморската моќ во овој правец. А, за Русија тоа не е безначаен факт. Иако во последно време е присутно тактичко сојузништво помеѓу Москва и Анкара, прашање е колку долго ќе трае тоа. Зашто, сепак, да не заборавиме дека Турција и понатаму е член на НАТО, воен сојуз кој кон Русија има краен анимозитет.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња