Легендарниот руски Спецназ: Пет државни структури со елитни специјални единици

Министерството за одбрана на Русија
Наведуваме пет структури на рускиот државен апарат, благодарение на кои зборот „спецназ“ стана познат во целиот свет.

1. Спецназ ГРУ

Специјалните единици на Главната разузнавачка управа (ГРУ) се формирани во 1950 година. Тоа се „очите и ушите“ на Генералштабот на руската армија.

Не случајно на амблемот на оваа единица е прикажан лилјак со Земјината топка во позадина. Како да е пресликан од плаштот на некој суперхерој. Специјалните единици ГРУ, исто како и лилјакот, нечујно и невидливо дејствуваат низ целиот свет во чиста темнина.

Ноќта наспроти стапувањето на сила на Варшавскиот пакт во Прага на 21 август 1968 година (со што била завршена Прашката пролет) припадниците на специјалните единици ГРУ веќе без поголеми тешкотии воспоставиле контрола над сите најважни административни згради на чешката престолнина.

Специјалците на ГРУ извршувале задачи во Ангола, во Бејрут, Виетнам, Авганистан и во Камбоџа, каде од американската база успеале да украдат сосема нов хеликоптер АН-1 Кобра.

2. Спецназ на федералната служба за безбедност (ФСБ)

Во 1972 година кога на Олимпијадите во Минхен палестинските терористи ги нападнаа членовите на израелскиот тим, советското раководство реши да ги преземе сите мерки за такво нешто да не се случи во Советскиот Сојуз. Две години подоцна беше формирана антитерористичката структура на КГБ под називот „Алфа“. Москва се подготвуваше за организирањето на Летните олимписки игри во 1980 година, а „Алфа“ беше одговорна за безбедноста на олимпијадата.

Меѓу најпознатите операции на групата „Алфа“ спаѓа нападот на дворецот Таџ Бек во Авганистан (заедно со специјалците од ГРУ) и убиството на авганистанскиот претседател Хафизул Амин во 1979 година. Во првата Чеченска војна оваа специјална единица се обиде да ја ослободи болницата во Будјоновск која беше преземена од терористите. Сепак, операцијата беше запрена, а терористите успеаја да избегаат.

Специјалците на „Алфа“ и припадниците на сродната единица „Вимпел“ (основана во 1981 година) го ослободија театарот на Дубровка во Москва каде терористите држеа заложници. Во оваа операција беа ослободени 750 заложници, а убиени беа 36 терористи. За жал, 130 заложници го изгубија животот во текот на нападот и подоцна во болница.

3. Спецназ на Десантните падобрански сили

За разлика од колегите од Спецназ на ГРУ, специјалците на Десантните падобрански сили не дејствуваат ширум светот. Нивна главна задача е во непријателската заднина да подготват терен за масовен десант на падобранци. Тие обично дејствуваат најмногу 2.000 километри оддалеченост од главнината на своите единици.

Специјалната единица на Десантните падобрански сили денес е 45 гардиска независна извидувачка бригада (до 2015 година беше полк). Во Првата чеченска војна припадниците на овој полк учествуваа во офанзивата на Грозни.

Чеченските бунтовници непријатно ги изненадија „молчаливите“ методи на работа на специјалците. Тие тивко заземаа една по една зграда, а потоа ѝ ги препуштаа на моторизираната пешадија која одеше по нив. Тогаш цели чеченски единици исчезнаа без трага.

4. Морнарички Спецназ

„Луѓето-жаби“ во советската армија за првпат се појавија за време на опсадата на Ленинград во 1941 година, кога задача им беше да ги бранат градот и Балтичката флота од диверзантски единици на италијанските командоси. Тогаш советските специјалци спречија да се кренат во воздух многу објекти во Ленинград.

Денес единиците на Руските подводни антидиверзантски сили (Морнарички Спецназ) постојат во секоја руска флота. Во овие единици се примаат само најдобрите маринци.

Задачата на морнаричкиот Спецназ е да ги обезбедуваат военопоморски објекти и воените бродови и во случај на војна да изведуваат диверзантски акции во непријателските води.

5. Единици за специјални операции (ССО)

Најмладата структура на Спецназ во Русија се Единиците за специјални операции (ССО). Оваа структура е формирана во 2009 година, се потчинува директно на Генералштабот и ги изведува сите видови специјални воени операции.

Податоците за припадниците на ССО и нивните операции се воена тајна. Познато е дека ССО има учествувано во операции на Крим (2014) и во Сирија, како и во операции против сомалиските пирати.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња