Рускиот борбен тенк Т-90 „Владимир“ преку Алжир ја освојува Африка

Слободан Ѓукиќ
Презадоволни од техничко-тактичките способности на рускиот основен борбен тенк Т-90 „Владимир“, поточно од неговата специјална модификација Т-90СА, Алжирците со Русите склучија три капитални договори за набавка на овие борбени машини.

Наречен во чест на својот главен конструктор Владимир Иванович Поткин основниот борбен тенк од третата генерација Т-90, претставува посовршена борбена машина во однос на своите претходници (Т-72 и Т-80У). Основата на овој тенк е длабоко модернизираната варијанта на Т-72Б. Во првиот момент овој тенк беше означуван како Т-72БУ, а работите на конструкцијата на новиот тенк која ја предводеше Владимир Иванович се наречени „Модернизација на Т-72Б“. Фабричката ознака на тенкот го носеше името „Објект 188“.

Поради тешката, а на моменти и катастрофална финансиска криза во која се најде Русија во постсоветскиот период, овој тенк не влезе помасовно во вооружувањето на руската армија, но извозните договори го направија еден од најпродаваните сложени борбени системи на светскиот пазар за вооружување. Во овој момент, Министерството за одбрана на Русија покажа голем интерес за набавка на последната модификација на овој тенк која ја носи ознаката Т-90М „Прориц-3“.

Кон средината на првата деценија 21 век, по успешно реализираната работа со Индија околу испораките на основниот борбен тенк Т-90, за истиот модел на оклопната техника се заинтересира и северноафриканската држава Алжир која во тој момент поседуваше застарен возен парк кој „молеше“ за адекватно освежување. Есента 2006 година, за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин, беа потпишани бројни договори за испорака на руско вооружување на Алжир. Пакетот потпишани договори тежеше импозантни осум милијарди американски долари, и во себе ги вклучуваше практично сите видови современо руско вооружување во опсег коe се движеше од противтенковски ракетни системи, па сè до бродови. Во големата маса потпишани договори се истакнуваше оној кој подразбираше испорака на количество од 185 основни борбени тенкови Т-90СА што ги произведуваше компанија „Уралвагонзавод“.

Т-90СА (или „Објект 188СА“) претставува експортна модификација на основната верзија на Т-90 која е специјално направена за алжирската армија. Нејзина основна карактеристика е унапредување на комфорот на тенковскиот екипаж со вградување на современи уреди за климатизација кои ја одржуваа подносливата температура во внатрешноста на тенкот, потоа специјално проектирани разладни системи кои ги чуваат чувствителните уреди за ноќно набљудување од прегревање, системи за откривање извори на ласерско зрачење и, според последните податоци, интеграција на комплекс на активна оптичко-електронска заштита „Штора-1“, наместо дополнителни блокови за динамичка заштита како што е кај другите модели на експортните верзии на тенкот Т-90С.

Заклучно со денешниот ден Алжир со Русија има склучено вкупно три капитални договори кои се однесуваат на испорака на извозните верзии на тенкот Т-90. Првиот договор е потпишан во март 2006 година и тој подразбира испорака на 190 вакви тенкови. По пет години, во 2011 година, овој договор беше успешно реализиран. Во периодот есен-зима 2011 година, склучен е нов договор за набавка на дополнителна серија од 120 тенка Т-90СА за потребите на алжирската армија. И конечно, пред четири години со „Рособороноекспорт“ беше потпишан договор за набавка на 200 тенка, од кои дел од вкупното количество испорачани тенкови беше склопуван на територијата на Алжир, од тенковски елементи кои беа произведени и доставени од територијата на Русија. Според некои извори кои се запознаени со оваа работа, склопувањето на овие тенкови на тлото на Алжир ќе го прават стручњаци од локалниот ремонтен завод кои во целост ја одржуваат комплетната оклопна борбена техника на алжирската армија. Но, според последните информации кои неодамна станаа познати, Алжир сепак ќе се откаже од склопување на овие тенкови на своја територија и целата работа ќе ја препушти на рускиот партнер. Техниката ќе се транспортира како претходно со руските поморски транспортни капацитети.

Кога станува збор за тенковите Т-90СА кои на Алжир ќе му бидат испорачани во последната транша на договорот, станува збор за модифицирани варијанти на овој тенк кои ја содржат гореспоменатата оптичко-електронска активна заштита од противтенковски наведувачки ракети и високопрецизна артилериска муниција – „Штора-1“. Првата фотографија на тенкот Т-90СА кој на себе ги има системите за активна оптичко-електронска заштита „Штора-1“ беше објавена кон крајот на мај 2016 година на порталите под контрола на Министерството за одбрана на Алжир. На фотографиите е прикажан тенк од 26 тенковски полк на алжирската армија кој е сместен на југозападниот дел од земјата, на државната граница со Мавританија и Мароко. Следниот сет фотографии од модернизираниот Т-90СА се појавија на електронските медиуми пред околу еден месец, каде овие тенкови учествуваа на воените вежби на алжирската армија, вклучувајќи ги и тенковските ешалони на воените паради и местата на нивното базирање.

Пред испораката на тенковите Т-90СА, руската научно-производна корпорација „Уралвагонзавод“ беше ангажирана за модернизација и за продолжување на техничките ресурси на друга алжирска борбена техника.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња