Ракетната корвета „Громки“ наскоро влегува во вооружувањето на руската флота

Слободан Ѓукиќ
Во Јапонското море во тек се сложени технички испитувања пред приемот на ракетната корвета „Громки“ во единиците на Тихоокеанската флота. Корветата е наменета за постојана одбрана на поблиската морска зона, но благодарение на својата модуларност на неа можат да се интегрираат крстосувачки ракети со дострел од преку 2500 километри со што зоната на нејзиното дејство се зголемува десет пати.

Станува збор за проектот 20380 кој претставува разработка на Централното морско конструкторско биро „Алмаз“. Должината на овој брод изнесува 104,5 метри, ширината 13, а полниот депласман достигнува 2200 тони. Максималната брзина на бродот изнесува 27 јазли и е способен да помине 4000 милји. Екипажот се состои од 100 луѓе.

Домашните корвети од овој тип се градат во две претпријатија кои се наоѓаат во различни делови на државата. Првиот завод го носи името „Севернаја верф“ во Санкт Петербург, кој во моментов работи на бродовите „Бојки“, „Стерегушчиј“, „Сообразитељни“ и „Стојки“, а кои ќе се најдат во редовите на Балтичката флота. Второто претпријатие во кое се градат современи поморски „стражари“ се наоѓа на Далечниот Исток, во градот Комсомолск на Амур. Неговото име е ПАО „Амурски бродоградежен завод“. За разлика од бродоградилиштето „Севернаја верф“, тука станува збор за завод со поскромни производствени можности. Во овој момент во него е изградена само една корвета која се комплетираше практично 1 години. Оваа корвета конечно беше довршена во 2017 година и го носи името „Совершени“. Таа по опсежните тестирања влезе во оперативниот состав на Тихоокеанската флота, каде зеде учество во бројни воени вежби, вклучувајќи го и меѓународниот воен натпревар „АрМИ“. По завршувањето на изградбата на ракетната корвета „Совершени“ понатамошното производство на Далечниот Исток не престана и продолжи со изградбата на корветата која ќе го носи името „Громки“.

„Громки“ почна да се гради во 2012 година во бродоградилиштето во Комсомолск на Амир, каде за разлика од својот постар брат (корветата „Совершени“) ќе биде комплетиран двојно побрзо. Веќе во 2017 година ракетната корвета со помош на мобилниот транспортно-пловен док „Зеја“ е преместена на процесот на докомплетирање кој ќе се изврши во Владивосток. Ваква операција на префрлување на некомплетирано борбено пловило последен пат се случи пред неколку децении и севкупно траеше 20 дена. Во Владивосток беше ефикасно изработено примопредавањето на бродот, каде специјалистите на поморскиот завод ПАО „АСЗ“ го подготвија „Громки“ за првата серија контролни испитувања и го нумерираа со сериска ознака (корветата го доби бројот „355“).  

Пред три дена (на 28 октомври 2018 година) „Громки“ тргна на своето прво морско патување, каде ќе се упати кон заливот Петар Велики. Според зборовите на раководителот на бродоградежното претпријатие ПАО „Амурски бродоградежен завод“, целта на оваа пловидба е тестирање на базата на бродот и интегрираните системи на морското опкружување, како и на квалитетот на неговите маневарски способности. Сите системи кои се дел од овој брод треба во текот на ова испитување да функционирање во согласност со проектната документација. Доколку сѐ протече во најдобар ред, следната фаза се однесува на последните тестови пред приемот на бродот во оперативниот состав на руската флота, а целокупната постапка треба да заврши до крајот на оваа година. Ова ќе биде вториот современ брод примен во редовите на Тихоокеанската флота по распадот на СССР.

Воените експерти главно се согласни дека ваквата категорија на брод ќе обезбеди стабилна поморска ситуација во поблиската морска зона.

„Се работи за исклучителен брод, изграден од современи бродоградилишта во чии редови се наоѓаат специјалисти кои работат со нови технологии. Бродот е засилен со цел комплекс вооружување против непријателски подморници, површински бродови, вклучувајќи и воздушни цели. Неговата најголема сила е во универзалноста на неговата примена. Појавувањето на бродови од ваков тип ќе ги зголемат борбените капацитети на целокупната руска флота“, истакнува вицеадмиралот Александар Конев.

Најголемата сила на овој брод се противбродските супсонични ракети „Уран“ кои можат да погодат површинска цел на далечина од 260 км. Покрај нив тука се и артилериските орудија А-190 со калибар 100 мм, како и ротационите ПА топови АК-630 со калибар 30 мм. Окосницата на ПВО ја сочинува ракетниот систем „Редут“, додека за непријателските подморници е задолжен ракетниот систем „Пакет-НК“. Една од неговите најголеми предности е и малата радарска забележливост во однос на истата класа бродови, така што може да се нарече и „невидлив“. Исклучително важна работа е конструкцијата на бродот, граден на модуларен принцип. Тоа практично значи дека во фаза на ремонт или модернизација можат да се симнат комплетни делови на бродот и да се заменат со нови елементи, како што се, на пример, ракетни системи (можно е ракетниот систем „Уран“ да се замени со лансирни единици со крстосувачки ракети „Калибар“, кои во целост ги менуваат оперативните можности на овој брод).

Досега поблиската морска зона која потпираше на бреговите ја бранеа исклучително мали ракетни чамци кои имаа многу ограничени тактичко-технички можности. Тие не беа опремени со ударниот ракетен комплекс од класата „вода-вода“ и „море-брег“ „Уран“, или со адекватно противподморничко вооружување какво што претставува системот „Пакет-НК“. Кон средината на 70-те години од минатиот век се појавија патролните бродови од проектот 1135 со многу силно противподморничко вооружување за тоа време. Тие значително ја поправија одбраната на крајбрежните реони на тогашниот СССР. Во меѓувреме на повеќето бродови од овој проект им истече ресурсот така што беа заменети со мали противподморнички бродови. Замената на дотраените бродови во редовите на Тихоокеанската флота ќе ја овозможат токму корветите од проектот 20380.

Погледнете топ 5 видео-снимки за руските воени бродови

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња