Новите извидувачки беспилотни летала за потребите на руската армија се претставени на саемот за вооружување кој во октомври се одржа во Москва, а чиј производител е концернот Калашников. Новиот модел на леталото сè уште нема добиено некое препознатливо име како тенкот „Армата“, самоодните хаубици „Колација“ или други модели современо руско оружје, ами се идентификува под кодното име ZALA 421 16Е5 верзија 2.
Конструкторите имаат направено беспилотно летало со летен змеј од нов тип, кој на дронот ќе му овозможи да лета побрза, поманеврабилно, практично да изведува пируети во воздухот. Она што веднаш паѓа во очи е тоа што за овој модел се подготвуваат дури три типа погонски мотор – еколошки чист електричен мотор со автономија на работата до 7 часа, потоа мотор со внатрешно согорување како и кај автомобилите кој може да работи до 12 часа, и конечно комбиниран „хибриден“ модел на мотор кој се состои од комбинација на двата претходно опишани. Последниов мотор е исклучително важен доколку реонот на извидување се наоѓа на оддалеченост поголема од 100 километри од нашата база, поточно од управувачкиот пункт.
„На пример, на почетокот на мисијата летаме на мотор со внатрешно согорување определено време, а потоа во одреден момент кога ќе дојдете до реонот за кој претпоставуваме дека на него се наоѓа непријателот, преминуваме на електричен мотор кој овозможува мошне поповолни услови за прикривање на извидувањето зашто електричниот мотор е многу потивок додека работи и не емитува издувни гасови. Верувајте ми, беспилотните летала кои користат бензински мотор многу добро се слушаат дури и на висина од 1.500 метри“, вели за Russia Beyond-Македонија генералниот директор на претпријатието ЦСТ кој го развива овој модел беспилотни летала Константин Башкин.
Благодарение на овие сознанија новото беспилотно летало може да се искачи на висина од 5.000 метри и во зависност од квалитетот на применетиот оптичкоелектронски пакет да врши ефикасна контрола на просторот од сериозни височини. На моменталната етапа на развојот ние можеме да сместиме и до 7 килограми корисен товар“, истакнува Башкин и додава: „Тоа можат да бидат термовизиски камери со зум кој зголемува 60 пати, а кој истовремено овозможува изведување на операции на извидување без оглед дали станува збор за ден или за ноќ“.
Притоа овој модел на беспилотно летало не изискува никаква полетна инфраструктура или дополнителна платформа за да се вивне на небото. Тој се лансира со помош на едноставен катапулт кој може да биде интегриран на различни типови борбени мобилни платформи како што се оклопните автомобили, транспортерите, снегоходите итн. Исто така се мислело и на моментот на приземјување на леталото. Имено, за време на неговото слетувања се активира систем за приземјување кој се состои од падобран и воздушна перница која го ублажува неговиот пад, без ризик дека ќе се оштети чувствителната оптичка елкторника или друг електронски елемент кој се наоѓа во леталото.
Новите руски беспилотни летала ќе имаат бројни предности, но и недостатоци во однос на странските аналози. Според руските конструктори основен проблем кој ќе мора да биде решен во следниве години се однесува на концепцијата на планерот кој ќе мора да обезбеди што поголема носивост на корисен товар (оптичкоелектронски уреди итн.) за добивање на поквалитетна слика од боиштата. Имено, иако станува збор за слична концепција на планер во однос на конкуренцијата, во овој момент предност имаат странските беспилотни летала.
Но, кај рускиот дрон е поквалитетно развиена заштитата на каналот за предавање на податоци кој оди од беспилотното летало кон базата. Едноставно, пресекувањето на комуникациите со важни податоци ќе биде мошне покомплицирано во однос на странските конкуренти.
Притоа, не сме далеку од денот кога овој модел ќе ја изведе својата прва борбена мисија во Сирија. Според плановите на развојните конструктори на овие беспилотни летала на почетокот на 2019 година ZALA 421 16Е5 верзија 2 ќе биде упатена во оперативните воени единици на сложена програма за експлоатациско тестирање, која ќе подразбира негово испитување на воените полигони, и во финалната фаза употреба на подрачјата зафатени со војна на Блискиот Исток, каде ќе пронаоѓаат маскирани објекти во кои престојуваат терористите.
Компанијата исто така разгледува и конструирање на верзија на беспилотно летало за странските армии. Но, ние на оваа етапа од развојот на леталото не можеме со сигурност да го прецизираме времето кога ќе ја претставиме експортната варијанта, зашто моментални ни е приоритет да го завршиме целиот проект за потребите на руската армија.
Интересна работа кај овој проект е што со неговото понатамошно развивање може да се добие беспилотно летало кое наместо голем пакет оптичкоелектронска опрема и систем за наведување ќе носи слободнопаѓачки гравитациски бомби. Но, според конструкторот оваа фаза во понатамошниот развој на леталото нема да започне пред 2020 година. Сè се одвива во строго дефинирани етапи, каде прво треба да се комплетира беспилотното летало кое во својата основа ќе ја има извидувачката намена.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче