Министерството за одбрана на РФ набавува системи „Геосфера“ кои ќе им ја крепат душата на војниците

Слободан Ѓукиќ
Се работи за специјални високотехнолошки пунктови во кои руските војници и офицери ќе имаат цел комплекс психофизички сеанси со цел разбивање на стресот и неутрализација на менталниот замор каков што се јавува во воените единици. Основната задача на проектот „Геосфера“ е зачувување и обновување на борбените способности на оперативните единици на руската армија.

Руското Министерство за одбрана има намера да го набави иновативниот психорелаксирачки систем „Геосфера“, наменет за зачувување и обновување на борбените способности, но и за јакнење на менталното здравје на луѓето кои се составен дел од борбените воени единици. Системот најде своја практична примена за време на големите воени маневри од стратешки карактер „Восток-2018“, изјави за агенцијата ТАСС заменик-министерот за одбрана и началник на Главната воено-политичка команда на руската армија генерал-полковник Андреј Картаполов.

Комплексот „Геосфера“ ја помина неопходната проверка во рамките на големите маневри на војската „Восток-2018“. „Врз основа на прикажаните показатели одлучивме да тргнеме во посериозна набавка на овој систем кој ќе се најде во опремата на нашите единици“, изјави Картаполов. Притоа генералот не прецизира конкретни детали колку вакви системи ќе бидат набавени – „ние дополнително ќе пресметаме колкав број од овие системи ни е неопходен и врз основа на таа пресметка ќе ги извршиме планираните набавки“, истакна рускиот генерал.

Во состав на системот „Геосфера“ се наоѓаат столови за масажа за изведување на сеанси на телесна психотерапија, потоа психофизички комплекс за неутрализирање на стресот врз база на релаксирачки комори со нулта гравитација (како во вселенските бродови), комплекс на релаксирачка аудио-визуелна стимулација, центри за емитирање на релаксирачка музика, мултимедијални проектори со ЛЕД и 3Д очила, стерео слушалки, воздушни комори за производство на меурчиња и генератори на пријатни мириси.

Првпат во еден систем е реализирана можноста за давање психолошка помош на припадниците на една оперативна единица. Приемниот психолошки пункт ќе овозможи изведување на комплексен преглед на војниците во областа на психодијагностиката, психокорекцијата, психолошката помош и нивна целосна рехабилитација.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња