Во Русија наголемо се проценува можноста на бродоградежниот потенцијал во не толку далечна иднина да се изградат носачи на авиони од следната генерација кои според својот вкупен депласман во голема мера ќе го надминат постоечкиот носач на авиони „Адмирал Кузнецов“, соопштува за Интернет-порталот Взгљад директорот на Обединетата бродоградежна корпорација ОСК Алексеј Рахманов.
Рахманов истакнува дека во овој момент ОСК ја истражува можноста за изградба на еден ваков капитален поморски објект, а исто така и дека „постои потенцијал вакво нешто да се направи“. Тој додаде дека во овој момент во Русија постојат две платформи на кои можат да се изградат „бродови-гиганти“. Една од нив го носи името „Севмаш“, додека името на другата платформа претседателот на ОСК го прескокна.
Руските конструктори понудија и проект за еден ваков „колос“ кој го носи името „Шторм“. Станува збор за поморски проект кој навистина ќе има импресивни димензии. Неговиот вкупен депласман ќе биде поголем од 100 илјади тони, од кои само палубата за полетување ќе има површина од 14 илјади квадратни метри. За разлика од „Адмирал Кузнецов“, кој поради големото количество вооружување што го има на располагање уште се нарекува и крстосувач, „Шторм“ ќе биде носач на авиони со најголема „чистина“. Апсолутно сè ќе им биде подредено на авионите: зголемувањето на капацитетите за нивно сместување, за складирање борбени средства и гориво. Се проценува дека „Шторм“ ќе може да носи до 100 борбени авиони од генерацијата 4+, 4++ и 5 (морнарички верзии).
Во составот на руските воено-поморски сили во овој момент се наоѓа еден носач на авиони „Адмирал на флотата на Советскиот Сојуз Кузнецов“, кој е воведен во експлоатација пред 27 години. Неговиот депласман изнесува 60 илјади тони, должината му е 306 метри, а екипажот изнесува 1980 члена. На бродот можат да бидат разместени до 50 авиони и хеликоптери.
Ова пловило моментално е надвор од употреба зашто на него се врши опсежен ремонт со кој тој ќе се прошири и ќе добие сериозен пакет модернизација.
Модернизацијата опфаќа интеграција на нова генерација уреди за негово енергетско обезбедување, целосна замена на сите инсталации на бродот, потоа на сите застарени котли и пумпи. Предвидена е и монтажа на нова опрема која се користи за време на полетувањето и на слетувањето на авионите, вклучувајќи и системи за слетување, набљудување и управување.
Се планира значително осовременување на вооружувањето на бродот, особено кога станува збор на компонентите за ПВО (бродска варијанта на хибридниот топовско-ракетен систем „Панцир-МЕ“). Вкупната цена на сите работи се проценува на 60 милијарди рубли, а нивното завршување е планирано за 2020 година. Се очекува овој брод до средината на 2021 година повторно да се најде во составот на руската ВМФ.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче